Европа божем попушта, Бугарија божем не попушта, а ние?

Со последните реакции на официјални претставници на Брисел, веќе се забележува извесно „ретерирање“ на ригидните ставови на Унијата во врска со македонското прашање и непопустливоста на нејзината членка Бугарија. Тоа, очигледно, доаѓа како последица од легалистичките струи во администрацијата на Брисел, кои уште на почетокот на блокадата на Бугарија укажуваа дека аргументите на Софија се во директна колизија со основните принципи на ЕУ, како и во спротивност со меѓународното право. Останува да се види дали ваквите позитивни сигнали, кои во целост се совпаѓаат со изворните принципи и акти на Унијата, ќе бидат уважени од носечките органи на бриселската администрација

Една недела по локалните избори, продолжуваат реакциите во регионот и во Европа, а кои се однесуваат на тоа дека „поразот на генералните политики на владејачките партии е уште повеќе и пораз на ЕУ и на нејзината досегашна ултрабавна политика на проширување на Балканот“. Иако локални избори, анализите на резултатите покажаа дека казната не беше тежишно поради неефикасното спроведување на активностите на локалната власт во функција на граѓаните и локалната самоуправа, туку многу повеќе поради политиките што ги спроведуваше централната власт, со импакт за Македонија на меѓународен план.
Ваквите констатации несомнено се еден вид вперување прст кон самата ЕУ, за таа во следниот период добро да размисли како ќе го менаџира процесот на проширување со анахрони внатрешни процедури по влијание на криминални уцени од страна на официјална Софија во врска со блокадата за отпочнување на преговорите за проширување на Унијата.
Со последните реакции на официјални претставници на Брисел, веќе се забележува извесно „ретерирање“ на ригидните ставови на Унијата во врска со непопустливоста на нејзината членка Бугарија. Тоа, очигледно, доаѓа како последица од легалистичките струи во администрацијата на Брисел, кои уште на почетокот на блокадата на Бугарија укажуваа дека аргументите на Софија се во директна колизија со основните принципи на ЕУ, како и во спротивност со меѓународното право. Останува да се види дали ваквите позитивни сигнали, кои во целост се совпаѓаат со изворните принципи и акти на Унијата, ќе бидат уважени од носечките органи на бриселската администрација. Увидувајќи ги ваквите позитивни струења во Европа за поддршка на Македонија во ЕУ, Софија ги засили своите антимакедонски позиции, во периодот пред и по одржувањето на локалните избори кај нас.

На засилувањето на акцијата на Бугарија, се роди уште посилна реакција во македонската јавност. Првата, онаа најрадикалната е за целосно отфрлање и целосно поништување на Договорот за добрососедство со Бугарија, вклучувајќи и на Преспанскиот. Втората опција, која е попрагматична и помека, се однесува на ревизија и промена на клучните точки што се носители на асиметричноста на споменатите договори, а се однесуваат на таканаречените идентитетски прашања, име, јазик, историја…
Во врска со ова, најгласен е експертот по меѓународно право Игор Јанев, кој предава на Белградскиот универзитет, кој правно аргументирано недвосмислено ја образложува тезата за напуштање на овие договори штетни по Македонија и Македонците.
– По раскинување на договорот од Преспа, Генералното собрание на ОН на наше барање треба да го продолжи членството на оваа држава под Република Македонија! Ние не сме Косово, поминавме СБ на ОН (а Косово не помина) и сега за името одлучува Собрание на ОН со простото мнозинство! Имаме 140 држави на наша страна, кои би гласале за продолжување на членството на оваа држава под Република Македонија – смета Јанев.
Следејќи го исклучително политички сензитивниот период во Македонија по локалните избори и засилувањето на реториката во македонската јавност за отфрлање или ревидирање на меѓународните договори со Бугарија и со Грција, европските политичари и дипломати прават сѐ за јавноста да добие впечаток дека Македонија во најкраток можен рок и при ваква актуелна политичка ситуација, која сѐ повеќе наликува на криза, ќе направат сѐ да ја испочитуваат обврската на Брисел за отпочнување на македонските евроинтеграции. Очигледно е дека Европејците и воопшто меѓународната заедница не сакаат да ризикуваат формалноправно загрозување на меѓународните договори што ги има потпишано Македонија, туку во рамките на истите тие да бидат исползувани ветените бенефиции за земјава.

Последната недела зачестија изјавите на европските политичари, кои препорачуваа дека „Европската Унија е на ред да си го исполни своето ветување кон Македонија и Албанија и тие веднаш да започнат пристапни преговори со Европската Унија“.
Специјалниот европски посредник во преговорите меѓу Белград и Приштина Мирослав Лајчак, на самит од Солун, препорачува „да започнат, без задоцнување, пристапните преговорите со Албанија и со Македонија и да се испорача безвизен режим за граѓаните на Косово“. Во исто време, од Будимпешта, Парламентарното собрание на Советот на Европа донесе резолуција во која се повикува „ЕУ да го забрза процесот на интеграција на Западен Балкан со продолжување на преговорите со Србија и со Црна Гора и започнување преговори за членство со Албанија и со Македонија, да ѝ додели кандидатски статус на Босна и Херцеговина и да воведе безвизен режим за народот на Косово“.
Се разбира дека во ваквиот контекст и во Македонија постојат и експерти и професори со умерени ставови, кои сметаат дека отфрлањето на договорите би било целосно негативно за Македонија. Универзитетскиот професор на Правниот факултет при УКИМ, Гордан Калајџиев, е дециден во својот став дека раскинувањето на договорите со Грција и со Бугарија би се одразило негативно на стекнатите позиции што ги имаме кај меѓународните фактори.
– Преиспитувањето на договорот со Грција би било погубно за нашата евроинтегративна иднина и би значело отворање битки на премногу фронтови. Практично, би значело како да сме се откажале од ЕУ. Што се однесува до договорот со Бугарија, треба да оди по линија на расчистување на односите, во смисла на почитување на она што е потпишано, без проширување и толкување на одредбите. Не треба да се отфрли и опцијата ЕУ да ги започне преговoрите со Македонија и без согласноста на Бугарија – вели Гордан Калајџиев, универзитетски професор на Правниот факултет при УКИМ.

Очигледно дека идејата за асиметричност на договорите ги мобилизира граѓаните, но и експертската јавност кај нас, кои соодветно одговорија, помеко или пожестоко. Во ЕУ, или барем оние што се легалисти и се држат до правото на Унијата, заклучија дека со прифаќањето на ваквата политика на Бугарија се прави ненадоместлива штета за Македонија, внесувајќи ја во политичка криза, во која несомнено е вовлечена Унијата.
Голем дел од македонската јавност се согласува дека договорите со соседите треба да се направат посиметрични, со вклучување на неопходните точки за почитување на основните права за користење на мајчиниот јазик и негово изучување во процесот на образование кај соседите Бугарија и Грција. Но уште поважно е како да се испочитуваат од страна на „големите европски демократи“ императивните норми и принципи јус когенс, врз основа на кои универзално е признаено правото на нациите да се нарекуваат онака како што сакаат и да бидат признаени од меѓународната заедница онака како што самите се декларираат. Без такво нешто ниту ќе има ЕУ, ниту меѓународна заедница.