Дупло голо

Во маркетингот и во економијата има една добро разработена категорија, која се нарекува двојна добивка. Или плати едно – земи две. За жал, искуството покажува дека во реалноста граѓаните многу често плаќаат двапати, па и повеќе за една иста работа. Односно наместо двојна добивка често сме соочени со парадоксот на двојна давачка, да не кажеме загуба. Некои тоа го нарекуваат и дупло голо

Езерото Треска некогаш беше постоен и реализиран проект, а сега е само проект на хартија што чека повторно оживување. Проект за кој кај граѓаните нема толкава возбуда како во далечната 1978 година, кога дадоа пари преку самопридонес. Оние што тогаш ја доживеале таа радост од отворањето на целиот тој спортско-рекреативен центар не можат да ја заборават ниту радоста, ниту воодушевувањето од убавината на комплексот. Соблекувални за посетителите, туш-кабини, тоалети, ресторан и покрај езерото вистински површини претворени во места за сончање близу бистрата вода. Кој сакаше можеше да се сонча на бетонот, на дрвените платформи или на песок. Ги имаше сите услови за целодневен престој, а за многумина, кои не можеа во летото да го напуштаат Скопје и да заминат на други плажи, ова беше идеалното капалиште и место за одмор.

И ден-денешен многумина ги паметат свадбите што биле во ресторанот на езерото Треска. Прекрасното место беше направено со пари од граѓаните за граѓаните. Некогаш воодушевуваше, а денеска е само руина. Езерото е затворено за капачи од 1998 година и оттогаш наваму никој не мрдна со прст за да го ревитализира комплексот. Парите тогаш издвоени од платите на скопјани останаа фрлени во истото тоа езеро затоа што пропадна од негрижа. И сега ќе се вложуваат нови средства, ќе се гради нов спортско-рекреативен центар за развој на екотуризам, во кој ќе биде вклучено и езерото Треска. Па колку ќе чини сето тоа и зошто се дозволи да пропадне еднаш направеното, поради што сега повторно ќе фрламе пари за нешто што претходно веќе сме го имале.

Зошто со новите вложувања не би изградиле сега некој друг рекреативен комплекс? Во маркетингот и во економијата има една добро разработена категорија, која се нарекува двојна добивка. Или плати едно – земи две. За жал, искуството покажува дека во реалноста граѓаните многу често плаќаат двапати, па и повеќе за една иста работа. Односно наместо двојна добивка често сме со соочени со парадоксот на двојна давачка, да не кажеме загуба. Некои го нарекуваат тоа и дупло голо.
За жал, за скопјани не е загуба само спортско-рекреативниот центар „Езеро Треска“. Одамна со децении неупотребливо е лизгалиштето на Калето. Зимско-рекреативно место за скопјани, кои сакаа да лизгаат на мраз, да уживаат во зимските денови. Оние што немаа лизгалки можеа да изнајмат.

Но не само граѓаните, лизгалиштето го користеше и хокеарскиот клуб Вардар, кој настапуваше во тогашната југословенска хокеарска лига. И овој објект граѓаните го немаат повеќе. И од него остана само руина и спомени кај повозрасните скопјани за некогашното преубаво зимско место за дружба и рекреација на младите. И на него државата заборави и го остави на забот на времето. Да го одржуваше во живот, денес можеше само да го модернизира. Ако тогаш им требаше на скопјани, зошто сега не би им било потребно лизгалиштето на Калето. Не сме држава што може да се расфрла со пари, а од друга страна, пак, ни недостигаат уште многу инфраструктурни проекти. Допрва градиме водоводи, канализации, патишта, улици… Од таа причина речиси е неверојатно како лесно дозволуваме изградени објекти да пропаѓаат.

Тоа се случи и со домовите на културата и кината во градските населби, кои во минатото имаа преполни сали поради привлечните филмски проекции што младите можеа да ги проследат во непосредната близина на своите домови, во населбите каде што живеат. Домовите на културата беа преполни со млади, кои ги развиваа своите музички, актерски или поетски таленти, а често во истите тие домови на културата граѓаните можеа да гледаат концерти на познати музички имиња и драмски претстави. Но многу и од нив веќе ги нема. Некои се неупотребливи, некои разрушени, а малку од нив обновени.
Неколкукратно плаќаме дури и кога се во прашање реконструкциите на едни исти улици. Се прават по неколкупати, еднаш едно, друг пат друго. Многу скоро беше кога голем број сообраќајници во градов имаа раскопани тротоари, затоа што се правеа со павер-елементи, а потоа тие се вадеа затоа што се непогодни за велосипедистите, па истите површини се асфалтираа.

Ете, исто така, неколкупати купуваме контејнери и пак се несоодветни за да се спасиме од ѓубрето. Најпрво имавме метални, а потоа беа купени пластични, кои, пак, често беа стопени по улиците, бидејќи се палеше ѓубрето во нив. И едните и другите секогаш се преполнуваа со ѓубре, а надлежните побараа спас во изградба на подземни контејнери, кои, пак, многупати комуналците ги наоѓаа празни или полупразни, затоа што несовесните граѓани ѓубрето наместо во нив го оставаа покрај нив. На граѓаните им било тешко со рака да ги креваат капаците, па затоа неодамна беа набавени нови со ножни педали на кои со едноставно притискање со нога, капаците се отвораат. Тие, пак, се кабасти и не можат да се постават во претходно изградените џебови на сообраќајниците. Дел од нив им пречеа на пешаците и велосипедистите на тротоарите, па надлежните за некои од нив бараа нови локации. Сега и тие не чинат, па ќе се прават нови анализи и ќе се бараат нови контејнери.

Но можеме ли и натаму да фрламе пари и да експериментираме. За нас е недозволиво двапати да трошиме за исти нешта, за исти проекти, за исти објекти и двојно да плаќаме. Можно ли е самите двапати да се оптоваруваме и финансиски да се ослабуваме, наместо да заштедиме и тие пари да се вложат и да се искористат за други намени. Да се инвестира за раст и развој на државата и економијата.
Ако губат граѓаните, губи и државата. Не попусто мудрите кажале: „Трипати мери, еднаш сечи“ и време е одговорните да почнат да ја применуваат оваа наша мудрост.