До кога ќе се вози со „бесплатниот превоз на учениците“?

Превозот е ноќна мора не само за голем дел од самите ученици и нивните родители, туку и за директорите на училиштата, а особено за општинската администрација. Иако за тоа не сакаат јавно да зборуваат, некои битолски политичари и советници од власта, сметаат дека најдобро би било кога бесплатниот автобуски превоз за учениците би се укинал

Кога пред неколку години беше воведен „бесплатниот автобуски превоз“ за учениците од основното и од средното образование, најмногу на таквиот потег на претходната влада се израдуваа учениците и особено родителите. Со воведувањето на „бесплатниот превоз“ тие помислија дека се спасија од еден голем дел од трошоците што ги плаќаа од семејниот буџет.
Но во тие години никој ни на сон не помисли дека, барем кога е во прашање Битола, „бесплатниот ученички превоз“ ќе стане толку многу скап и дека со години ќе ја празни општинската каса.

Дека, како што велат некои, нема „бесплатен ручек“, така и „бесплатниот превоз“ за учениците се покажа дека не само што најмалку е бесплатен, туку дека толку многу е скап, така што, барем досега, општината Битола ја чини неколку милиони евра.
Иако како што неодамна изјави градоначалничката, Наташа Петровска, која речиси цела една година од мандатот го потроши за барање најдобро решение за превоз на учениците во Битола, сепак, барем засега, изгледа решение не е најдено.
Како што стојат работите, по сѐ изгледа, и со новото решение што неодамна беше усвоено, а со кое учениците во Битола ќе се превезуваат по тарифите за линискиот превоз, не е дефинитивно решен проблемот. Додека општинските власти сметаат дека конечно е најдено најоптималното решение за превоз на учениците во Битола и дека со тоа ќе им се стави крај на злоупотребите и можностите за криминал, превозниците сметаат дека тоа за нив е неприфатливо бидејќи со тоа решение тие не можат да ги превезуваат учениците каде што нема градски превоз. А во Битола, особено во руралните средини, има доста такви села во кои живеат ученици што посетуваат настава во Битола.

Голем проблем претставува и превозот на учениците што посетуваат настава во средните училишта во Битола, а се од соседните општини: Ресен, Демир Хисар, Прилеп, Крушево, Новаци, Могила, бидејќи и за нив трошоците за превозот ги сноси Битола.

Според некои пресметки, само за превозот на учениците од Ресен, кои посетуваат настава во некое од средните училишта во Битола, годишно се трошат околу 400.000 евра, буџетски пари. Во Битола велат дека новата општинска власт речиси секој работен ден го поминува во барање решение за решавање на проблемот со превозот на учениците.

Превозот е ноќна мора не само за голем дел од самите ученици и нивните родители, туку и за директорите на училиштата, а особено за општинската администрација. Иако за тоа не сакаат јавно да зборуваат, некои битолски политичари и советници од власта, сметаат дека најдобро би било кога бесплатниот автобуски превоз за учениците би се укинал. На тој начин би им се ставил крај на нивните маки околу (не)решавањето на овој проблем на кој како опозиција добија политички поени, но сега кога станаа власт и се соочија со проблемите, губат голем дел од рејтингот, бидејќи со (не)решавањето на проблемот со превозот, тие го навлекоа бесот не само на учениците, туку и на голем дел од битолската јавност.

„Бесплатниот превоз“ досега доста скапо ја чинеше Битола. Покрај средствата што општината ги добива од блок-дотациите на Министерството за образование, досега од општинскиот буџет на Битола, според некои математики, се одлеани над 2,5 милиони евра.
И додека така со години се празнеше општинската каса, некои превозници, нотари и извршители добро ги наполнија своите жиро-сметки. Речиси нема училиште во Битола што не е тужено за (не)плаќање на „бесплатниот автобуски превоз“. Најголемиот број од училиштата се со блокирани жиро-сметки токму од автобуските превозници, кои во неможност да ги наплатат парите за услугите, ги тужеа училиштата. Според зборовите на градоначалничката Петровска, еден извршител од Битола за „бесплатниот превоз“ наплатил ни помалку ни повеќе туку над 200.000 евра. Кога станува збор за последиците од сето тоа, треба да се спомнат и трошоците што ги плаќаат училиштата за адвокатски или за нотарски услуги.

За злоупотребите со „бесплатниот превоз“ во случајот „Транспортер“, кој го води СЈО, покрај поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, и неговата десна рака Слободан Бончановски, обвинети се уште дваесетина директори на основни и на средни училишта, како и на автопревозни претпријатија.
Вкупната штета што ја претрпела општината Битола, а која им се става на душа на обвинетите за овој случај, кој и според тогашниот министер за финансии Зоран Ставревски, е коруптивен до даска, како што стои во обвинението на СЈО, изнесува 360.000 евра.

Додека се чека судскиот епилог од „Транспортер“, кој се одолжува во недоглед, општината Битола веќе досега има исплатено стотици илјади евра за училиштата што се тужени од страна на превозниците и кои ги изгубија судските спорови. А и самата општина во изминатиот период по пат на цесии, како заеми на училиштата, имаа исплатено над 2,5 милиони евра за покривање на дупките од „бесплатниот превоз“.
Поради сето ова, јавноста во Битола со право бара да му се стави крај на проблемот со превозот на учениците, а сите инволвирани во криминалните работи да бидат законски санкционирани.

Наедно, битолската јавност, бара од актуелната општинска власт да го издигне овој проблем на највисоко, државно ниво, за да се најде не само најповолно, туку и најдобро законско решение, со кое „бесплатен автобуски превоз“ ќе можат да користат сите ученици на кои им следува, без разлика каде живеат, дали во градот или во најоддалечените села, зашто тој треба да важи за сите и сите да можат да стигнат во своите училишта или пак, како што велат некои, за никого.
Искуството покажа дека општинската администрација ниту во претходниот, ниту во сегашниот состав, не може самата да ја најде формулата за решавање на овој проблем. Сигурно овој проблем нема да се реши со неколку позајмени автобуси од ЈСП „Скопје“.

Владата најави дека со ребаланс на буџетот ќе ги покрива долговите на општините, но колку од оваа навистина голема дупка во Битола ќе може да се затрупа со тие пари? И што со новите дупки, кои постојано се отвораат и кои општината очигледно не може сама дури ни привремено да ги премостува, а камоли да ги затрупува?