До кога ќе дишеме загаден воздух

Ако досега се правеле пропусти, тогаш време е тие да се поправат. Да се потрудиме да се направат сите потребни и неопходни стручни анализи во повеќе области, да се вклучат сите релевантни стручни лица и да се обезбедат довлно финансиски ресурси за решавање на проблемот со загадувањето

Загадувањето на воздухот ни стана проблем број еден во нашите животи, кој постојано нѐ вознемирува. Нема веќе кој не се прашува до кога ќе дишеме загаден воздух. Состојбата со воздухот сериозно ги загрижува сите и граѓаните многу повеќе од кога било станаа свесни за потребата од итно решавање на овој проблем. Некои информации велат дека од загадувањето секој ден умираат по четворица, а болниците се полни со пациенти.

Им здодеа на луѓето секоја зима да се шетаат со маски и да живеат во страв за своето и за здравјето на своите деца. Поради енормното загадување на воздухот изминатава седмица Македонија и нејзиниот главен град се најдоа на светската мапа на земји и градови со најзагаден воздух, пред најзагадените градови во Индија, Бангладеш и Пакистан. На оваа листа Скопје високо котираше и претходно. На црната листа за загадувањето на воздухот се запишаа и Прилеп, Тетово, Битола, Струмица и многу други македонски градови, чии жители живееја како во гасни комори. Надлежните од Институтот за јавно здравје пресметале дека од 5.500 починати во 2017 година, смртта на дури 1.250 ја поврзуваат со загадувањето, земајќи ја предвид методологијата за процена на ризик. Според мислењето на здравствените експерти, половината од нив би можеле да се спасат, ако надлежните преземеле мерки да ја намалат концентрацијата на опасните и канцерогени честички во воздухот. Секојдневната или честа изложеност на загаден воздух предизвикува сериозни здравствени проблеми, вклучувајќи ја и смртта. Кардиоваскуларни импликации, како аритмии, срцеви удари, астма и бронхитис, се само мал дел од влијанијата што загадениот воздух ги предизвикува кај граѓаните. Сите светски истражувања досега докажаа дека изложеноста на ПМ 2,5 честичките претставува еден од најголемите ризици за човековото здравје, бидејќи тие навлегуваат во белите дробови, а некои од нив дури и во крвотокот. Но не ни се проблем само ПМ-честичките, според експерти за оваа проблематика, важно е и влијанието на гасовите, кои хемиски ги разоруваат дишните патишта. Особено штетно влијаат киселините што се формираат кога оксиди доаѓаат во допир со влажната слузокожа, што резултира со далеку посериозни последици врз здравјето на луѓето. А ние многу помалку зборуваме за овие загадувачки материи.

За жал, по многу урлање и конференции, гласни и јавни повици, па дури и предлагање мерки од невладините организации, надлежните сѐ уште со намален слух реагираат на загадувањето на воздухот. Веројатно досега разбраа и самите дека не е решение бесплатниот јавен превоз само во деновите кога концентрациите на штетните материи се високи и дека не беа решение ни двата дена продолжен зимски распуст. Ниту можеме да ги држиме децата во стаклено ѕвоно, ниту пак да ги натераме да паузираат со дишењето кога воздухот е загаден. Потребно е многу повеќе да се направи за справување со загадувањето. За негово решавање Владата издвои само два милиона евра, а како што тврдат еколозите само од еколошката такса во буџетот се слеваат 15 милиони евра. Тоа се навистина недоволно пари за решавање на овој голем проблем, кој со години бил запоставуван од сите владејачки структури. Од некаде мора да се тргне, а секако и логично е да се почне со детектирањето на загадувачите, да се откријат сите што нѐ трујат. Да се посочат вистинските загадувачи и ако тоа навистина се домаќинствата, како што се вели, тогаш да се тргне во правец на решавање на енергетската сиромаштија, да не се дозволи сиромашните да се греат на што ќе стигнат. Но, секако, тоа не е единственото прашање за решавање бидејќи никој досега не водел сметка ниту за транспортот, ниту за начичканите згради, кои се резултат на лошите урбанистички решенија и експанзијата во градењето со пребрз интензитет на цели кинески ѕидови, што го запреа провевот во Скопје.

Пренаселеноста на градот, нехигиената, уништувањето на зеленилото и претворањето на градот во бетонска џунгла се само некои од атаките врз природата, која сега како бумеранг ни враќа и нѐ казнува. Сами мора да ги поправиме грешките од минатото, но секој од нас треба и мора да даде свој придонес во сево ова секој на свој начин, па дури ако треба и да се откаже од некои удопства. Но на надлежните мора да им е јасно дека многумина сигурно ќе почнат да го користат јавниот превоз наместо своите автомобили, само доколку на граѓаните им обезбедат современ, економичен и брз јавен превоз, кој безбедно ќе ги превезува и кога има силни врнежи од снег и кога е претопло во лето. Трамвајот со години само се спомнува и сѐ уште е само пуста желба на скопјани, кои никако не можат да разберат зошто од сите бивши југословенски републики само Македонија, односно Скопје го нема. Но и покрај трамвајот, евидентно е дека и другите се борат за чист воздух, ама тоа не треба да ни биде за утеха.

Главното за што треба да се запрашаме е зошто надежните сѐ уште дозволуваат да живееме во градови со загаден воздух. Нивната незаинтересираност да го разгледуваат загадувањето како државен проблем број еден, зарем не претставува казна и за нив, за сите нас. Отровниот воздух никого нема да поштеди и зарем треба да чекаме да дојде некој однадвор и да нѐ притисне за да бараме начини како да се спасиме. Добро е што Владата го донесе планот за чист воздух, па барем работите се мрднаа од мртва точка, зашто ако продолжиме и натаму да дишеме загаден воздух и ништо не правиме да се справиме со загадувањето, сами ќе си пресудиме и тоа со животот. Ова мора да го разберат надлежните.

Како што велат експертите, до значително подобрување на состојбите со загадувањето е потребен суштински стратегиски пристап, со примена на широк комплекс од добро осмислени мерки, развој на транспортот, особено на јавниот транспорт, а потоа и да се запре хаотичната градежна експанзија. Секако, важни се развојот и ширењето на системите за централно греење со колку што е можно поголем опфат на објектите, а гасификацијата во домовите е едно од решенијата за греењето во домаќинствата. Затоа е потребна имплементација на мерки за подобрување на енергетската ефикасност на објектите или, како што велат експертите, развој на систем за гасификација особено кон индустриските капацитети и во деловите каде што не е застапен системот за централно греење, мерки за поддршка за поголема примена на алтернативни извори на енергија, соодветна политика за следење и санкционирање на загадувачите. За да се намали загадувањето и да се спречи пренаселеност во некои средини, треба населението да се мотивираа да остане во помалите градови. За тоа му се потребни соодветни услови, кои ќе го задржат да не се упатува кон поголемите центри. Ако досега се правеле пропусти, тогаш време е тие да се поправат. Да се потрудиме да се направат сите потребни и неопходни стручни анализи во повеќе области, да се вклучат сите релевантни стручни лица и да се обезбедат доволно финансиски ресурси за решавање на проблемот со загадувањето. Надлежните мора да се посветат и максимално да се ангажираат за да се справат со загадувањето. Да не дозволат ниту летово, ниту идната зима тема број еден меѓу сите други општествени проблеми да ни биде загадувањето. Зарем не сакаме сите да имаме здрави деца, здрави генерации, кои се иднината на нашето општество. Да не дозволиме да се трујат од загадувањето нашите најмили. Охрабрете се и направете ги вистинските чекори за себе и за своите деца!