До кога само ветрот ќе го чисти воздухот?

Скопје и во почетокот на 2020 година се најде на врвот на листата на најзагадени градови во светот. Додека сите се задушуваме со отровниот воздух, се чини одново чекаме природното струење на воздухот да нѐ спаси од загадувањето. Но до кога само ветрот ќе ни го чисти воздухот?

И на почетокот на оваа 2020 година, Скопје се најде на листата на градови во светот со најзагаден воздух. Нашиот главен град изминатиот петок беше рангиран на петтото место. Пред него беа само Приштина, главниот град на Косово, Бишкек во Киргистан, Сараево во Босна и Херцеговина и Делхи во Индија. Кога е во прашање загадувањето на воздухот, ништо не е променето од јануари минатата година, а замислете поминала цела година. Ниту почист воздух дишеме, ниту, пак, нешто посериозно е направено во врска со ова прашање. Постојано имаше граѓански реакции и протести, а во последниве се вклучија дури и средношколците. Една година за загадувањето не стивнаа ниту коментарите на социјалните мрежи и пак никој не мрдна со прст да ги направи вистинските чекори и да ги примени вистинските мерки за граѓаните да не плаќаат со своето здравје. Но и понатаму продолжува несериозниот однос на институциите, додека вдишувањето на штетните честички секојдневно нѐ труе сите нас и нашите деца. Средношколците се свесни за состојбите и затоа и излегоа за да се вклучат во граѓанскиот протест и самите за себе да бараат чист воздух, сфаќајќи дека без чист воздух нема здрав раст и иднина за нивната генерација. Нема здравје ни за нивните помали браќа и сестри. И во Уставот стои дека секој има право на здрава животна средина и дека секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата. А има ли здрава животна средина ако нема чист воздух. Се разбира – нема, а во случајов на граѓаните ова право им е ускратено.

Во планот за чист воздух, Владата минатата година запиша дека Македонија, за жал, според најновиот извештај на Европската агенција за животна средина за загадувањето на воздухот во Европа, е најлошо рангирана меѓу сите европски држави, со најзагаден воздух во градовите. Скопје, Битола и Тетово се меѓу десетте најзагадени градови во Европа во 2017 година. Според најновите анализи на Светската здравствена организација, загадувањето е главниот причинител за илјадници смртни случаи годишно и за зголемениот број лица со респираторни заболувања. Според анализите на Светската банка, загадувањето на воздухот ја чини државата околу 2,5 отсто од годишниот БДП за дополнителни средства за здравствени услуги, или 300 милиони евра годишно. И покрај сите овие сознанија, сѐ уште се чека да заврне или да дувнат ветрови и да ни го исчистат загадениот воздух. Зарем овие податоци се само мртво слово на хартија и надлежните нималку не ги засега ваквата состојба, која одамна е алармантна. Одредени анализи и моделирања на емисиите на загадувачките супстанции за секторот греење во домаќинствата во скопската котлина упатуваат дека загадувањето ќе се зголеми за 30 отсто до 2025 година доколку не се преземат итни системски мерки за намалување на емисиите. Овие бројки ќе бидат уште повисоки доколку се додадат емисиите и од другите сектори, како на пример транспортот, чиј удел во загадувањето најбрзо се зголемува на годишно ниво. И навистина е за чудење зошто уште се чека и се дозволува сѐ повеќе да ни се влошува квалитетот на живот ако постојано слушаме загрижувачки податоци за загадувањето речиси во сите поголеми македонски градови – Тетово, Битола, Струмица, Кочани, Кичево.
Иако од оваа дистанца на 2020 година слободно можеме да речеме дека лани, а всушност не толку одамна, претседателот Стево Пендаровски најави дека точката за загадувањето на воздухот ќе ја стави на дневен ред на следното заседавање на Советот за национална безбедност. Оваа одлука беше донесена на средбата меѓу Пендаровски и претставниците на граѓанските организации што се занимаваат со заштита на животната средина. Овој негов потег всушност го подигна прашањето за загадениот воздух на највисоко ниво и можеби токму неговиот удел во обид да се реши ова прашање час поскоро требаше да биде силен аларм за сите надлежни. И што се случи досега? Ништо. Институциите повторно чекаат ветрот да одработи за нив. Екоактивистите потоа го повикаа претседателот да стане народен правобранител и да се повика на правото за чист воздух и животна средина, а некои отидоа и дотаму, па побараа ако нема подобрување во борбата против загадувањето, претседателот да прогласи кризна состојба и да се ангажира и армијата. Многубројни и најразлични беа дискусиите за ангажманот на армијата да се бори против непријателските ПМ10 и ПМ2, честички што нѐ трујат секојдневно и оваа зима. Па дали загадувањето на воздухот може да се рангира како највисоко безбедносно прашање, овој пат за здравјето на нацијата.

Сега, во првиот месец од 2020 година, повторно зборуваме за загадувањето и повторно Скопје е на топ-листата на најзагадени градови. И пак, којзнае по кој пат, граѓаните поставуваат исти прашања, зошто никој не го сфаќа сериозно загадувањето на воздухот, кое предизвикува тешки заболувања. Лани се задушувавме од загаден воздух и чекавме поволни метеоролошки услови, да заврне или да дувнат ветрови. Годинава ветровите повторно се на наша страна, но се чини не и надлежните за справување со загадувањето на воздухот. Ниту мерните станици не се наша страна, бидејќи се расипани и не мерат како што треба. Во меѓувреме, си течат годините во кои сме дишеле екстремно загаден воздух. А здравјето нема цена, ниту пак загубените човечки животи. Време за чекање нема, но шанса за да се стори нешто има, бидејќи за животот се работи. Тој може да биде и поубав и поквалитетен за сите само ако дишеме почист воздух.