До забраната и по неа

Во времето кога се отвораат дури и папските тајни архиви, токсичната судска практика, која произлезе од тоа што на судовите во земјава долго време им се овозможуваше, без никаква јавна критика, да одлучуваат дали некоја фактичка состојба се пренесува заради јавниот интерес или заради свесна повреда на честа и угледот на личностите или институциите, или со спортскиот речник кажано, според слободното судиско уверување, резултира со оваа суспензивна цензура на една од книгите на Андов

Самракот на читачката култура, без сомнение, резултира со сериозно нарушување на општествената способност за разбирање на состојбите и процесите од минатото, но и на актуелните ситуации, како услов за обликување нови идеи, вредности и сили што би можеле да се носат со секојдневните кризи со кои се соочуваме и кои ни претстојат. Но за тоа не се виновни ниту весниците, ниту книгите. Виновни се луѓето – кои, за жал, нецелосно или воопшто не ги читаат. Јас, на пример, не можам да се пофалам со голем број прочитани книги, како некои, но еве, можам јавно да признаам дека, за разлика од многумина што деновиве најдоа за потребно да се искажат на темата, сум ја прочитала забранетата книга на експретседателот на парламентот Стојан Андов. И тоа пред судската забрана што можам и да го докажам бидејќи врз основа на тоа го уредував фељтонот, кој во текот на октомври и ноември минатата година беше објавуван на страниците на „Нова Македонија“. Е нема да откријам што потоа сум направила со книгата, бидејќи судот, по барањето од тужителот, поранешниот министер за внатрешни работи Љубомир Данаилов Фрчкоски, го забрани дури и нејзиното поседување.

За тие што не се упатени, станува збор за дел од политичките студии и сеќавања, кои се однесуваат на периодот 1994 и 1995 година, и во кои, меѓу другото, преку сеќавањата и согледувањата на авторот, но и преку голем број сведочења на по разни основи инволвираните личности и на бројни записи, се опишани околностите под кои се случил атентатот врз тогашниот шеф на државата Киро Глигоров и улогата на тогашниот министер Данаилов-Фрчкоски во тие настани. Но тоа е само една, за пошироката јавност можеби најинтересна, поточно, најпикантната, димензија на книгата, која, како впрочем и сите дела на Андов, е мошне слоевита, временски и просторно.

Затоа, како што всушност кажа дури и правната застапничка на тужителот Данаилов-Фрчкоски, целокупно треба да се гледа содржината на книгата, не парцијално. А целокупно гледана, таа има голем јавен интерес поради, повеќе или помалку деталните описи на состојбите и процесите чии последици и денес се присутни во земјава. Почнувајќи од напорите за пробивање на меѓународната изолација, преку односот на меѓународната заедница во спорот околу името помеѓу Македонија и Грција, позиционирањето на Македонија во конфликтите во поранешната СФРЈ, кршењето на ембаргото кон Србија, начинот на решавањето на меѓунационалните односи во земјава… Во книгата е наведено и искуството со пописот во 1994 година, кој беше спроведен со стручна и финансиска поддршка на Советот на Европа и потоа оценет како мошне добро организирана статистичка операција, чии резултати никој потоа не ги оспори. Опишани се и околностите во кои, истата година, се одржаа парламентарните и претседателските избори и сите предизборни и постизборни комбинаторики, како и причините за напуштањето на парламентот од страна на ВМРО-ДПМНЕ поради што Македонија, во одреден период, беше една од ретките држави во Европа без парламентарна опозиција што кај меѓународните фактори предизвикуваше голема загриженост за состојбата на демократијата. Авторот детално се осврнува и на пристапот кон либерализацијата на економијата, приватизацијата на општествениот капитал, денационализацијата, контролата на медиумите… Сето тоа дава една голема слика за состојбите во периодот, кој впрочем и самиот автор, го квалификува како навистина шокантен. Некој ќе рече непрецизен, субјективен, па дури и тенденциозен приказ, но никој не може да го побие фактот дека тој сепак е дел од една, барем засега, единствена целина што Андов полека ја заокружува, за разлика од сите други, помалку или повеќе релевантни актери во тие настани, кои поради различни причини решија да молчат и на јавноста засекогаш да ѝ ги ускратат драгоцените сознанија, за кои не постои оправдана причина да останат премолчени или скриени. Со еден збор, цензурирани.

Некој ќе рече непрецизен, субјективен, па дури и тенденциозен приказ, но никој не може да го побие фактот дека тој сепак е дел од една, барем засега, единствена целина што Андов полека ја заокружува, за разлика од сите други, помалку или повеќе релевантни актери во тие настани, кои поради различни причини решија да молчат и на јавноста засекогаш да ѝ ги ускратат драгоцените сознанија, за кои не постои оправдана причина да останат премолчени или скриени. Со еден збор, цензурирани

А во времето кога се отвораат дури и папските тајни архиви, токсичната судска практика, која произлезе од тоа што на судовите во земјава долго време им се овозможуваше, без никаква јавна критика, да одлучуваат дали некоја фактичка состојба се пренесува заради јавниот интерес или заради свесна повреда на честа и угледот на личностите или институциите, или со спортскиот речник кажано, според слободното судиско уверување, резултира со оваа суспензивна цензура на една од книгите на Андов.

Иако ова е прв случај на забрана на книга во независна Македонија, историските искуства нѐ учат дека најчесто постојат два извора на цензурата. Едниот е инфантилното уверување дека вистината може да се укине со забрана и како што децата веруваат дека нештата околу нив нема да постојат само ако добро ги затворат очите, така и некои моќни авторитети веруваат дека вистините што не им се баш благопријатни, нема да постојат доколку бидат протерани од јавниот дискурс. Но, речиси секогаш се покажувало дека одбегнувањето на конечното соочување со вистината, била голема непријатност, која со времето станувала сѐ поизразена и го доведувала општеството во тешко поправлива состојба. Вториот е уверувањето дека само одредени личности го имаат монополот врз вистината и дека нивното природно право е да го заштитат општеството од спознанијата, дијалогот и преиспитувањата, кои, ако веќе не можат да ја поправат штетата, можат да бидат мошне корисни за во иднината. И тоа би бил суштински елемент во приказнава, но ниту формалноправниот не е за потценување, а тој упатува на фактот дека стандардите и практиката на Европскиот суд за човекови права, секогаш се поблиску до заштитата на правото на слободата на изразување отколку на правото на приватност и на заштита од јавно изречениот збор, дури кога тој ќе се оквалификува и како навреда и клевета. Уште повеќе тоа е така кога станува збор за јавни личности и за јавен интерес.
[email protected]