Дојдов, видов, заминав

Иако градот под Пелистер деновиве е буквално преплавен со туристи, од кои најголемиот број се од Турција, тие доаѓаат само на пропатување и веднаш си заминуваат, при што, според некои податоци, турските туристи, кои групно ја посетуваат Битола, минатата година не оствариле ниту едно ноќевање. Како да се поправи оваа слика и од богатата туристичка понуда што ја нуди градот да може и да се заработи

Деновиве кога во посета ми беше еден пријател од Брисел, Белгија, додека двајцата седевме во летната бавча на хотелот „Епинал“, ме запраша зошто на само неколку метри од нас поголема група туристи се фотографираат со своите паметни телефони пред куќата од спротивната страна.
Му кажав дека тоа е куќата каде што живееше некогаш големата љубов на Мустафа Кемал Ататурк, Елени Каринте.
Само што го слушна одговорот, пријателот од Белгија, кој првпат беше во посета на Битола и кој е инаку голем љубител на историското и културното богатство на Македонија, побрза и тој да се фотографира пред куќата на Каринте, изградена во стилот на препознатливата стара битолска архитектура.

Подоцна ми требаше многу време и енергија да му објаснам на гостинот од Брисел како е можно пред куќата каде што живеела битолската Јулија, Елени Каринте, да нема барем спомен-плоча во која (турските) туристите ќе се информираат дека во таа куќа, пред стотина години, живеела убавата битолчанка, во која водачот на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк бил заљубен до уши.
Неговата воодушевеност исто така беше голема кога ја посети спомен-собата на Мустафа Кемал Ататурк во Заводот и музеј.

Приказната за љубовта на Елени кон Мустафа Кемал Ататурк, неговата спомен-соба во Заводот и музеј во Битола, Старата битолска чаршија, многубројните џамии, тесните сокачиња, битолската калдрма, отсекогаш биле мамка за туристите што ја посетуваат Битола, а особено за туристите од Турција.

Во овие доцни пролетни денови, кога топлото време и сонцето ги измамија битолчани да излезат на популарното битолско корзо, на Широк сокак и кога Битола буквално е преплавена со туристи, од кои најголемиот број се од Турција, само по себе се наметнува прашањето колку градот под Пелистер успева да им ги продаде сите овие убави приказни и културно-историски споменици на многубројните туристи, и од тоа да заработи.
Навистина глетката изгледа прекрасно кога на паркингот кај спортската сала „Боро Чурлевски“, кој се наоѓа наспроти Заводот и музеј се паркираат голем број автобуси, најчесто полни со турски туристи, кои најпрво одат да ја посетат спомен-собата на Мустафа Кемал Ататурк, а подоцна се упатуваат по Широк сокак кон куќата на Елени Каринте, Безистенот, Старата битолска чаршија, џамиите.
Но прошетката по Широк сокак на турските туристи, кои во Битола доаѓаат во организација на туроператорите од Охрид, за жал, трае кратко и тие по краткиот престој во градот си заминуваат од Битола.

Според некои битолски туристички работници и угостители, турските туристи во Битола не остануваат дури ни да се освежат со сок или пиво, а на популарниот Широк сокак не пијат ни турско кафе, или чај.
Престојот на (турските) туристите во Битола, се одвива како на забрзан филм. Тие буквално со трчање ја разгледуваат Битола и потоа брзаат кон своите автобуси за да ја продолжат својата дневна тура кон Крушево, или назад за Охрид.

Деновиве на една научна трибина на Пелистер, по повод одбележувањето 25 години од изградбата на хотелот „Молика“ дури беше речено дека турските туристи, кои групно ја посетуваат Битола, минатата година не оствариле ниту едно ноќевање, не само на Пелистер, туку и во градот, бидејќи според нивната програма такво преноќевање во Битола не било предвидено.
Турските туристи ја посетуваат Битола само на пропатување.
Како да се задржат туристите од Турција, кои доаѓаат во Битола, беше прашањето на кое туристичките и угостителските работници, како и професорите од Факултетот за туризам на битолскиот универзитет, кои беа вклучени во дебатата на научната трибина на Пелистер, не дадоа одговор.
Во изминатиот период во Битола од страна на разни здруженија, невладини организации, Одделението за локален економски развој на Битола, Универзитетот, Туристичкиот сојуз, Заводот и музеј се направени голем број стратегии за развој на туризмот во Битола.

Но, за жал, сите податоци покажуваат дека иако се зголемува бројот на туристите што ја посетуваат Битола, сепак општинската каса немаше многу корист од нивниот престој во градот.
Напротив, во Битола најмалку се задржуваат туристите, кои во најголем број го посетуваат градот, а тоа се без сомнение турските туристи.
Битола како град со огромно културно-историско наследство досега била добитник на голем број европски и светски признанија од областа на туризмот. Градот под Пелистер во 2015 година дури ја доби наградата во Лас Вегас, САД како град, лидер со најдобар квалитет во областа на туризмот.
Од културно-историското наследство има што да им понуди на туристите, особено на Турците.
Тука не се само романсата на Елени Каринте со Мустафа Кемал Ататурк, поврзаноста на нивниот реформатор со периодот од 1896 до 1899 година кога бил ученик во воената гимназија во Битола, или кога во 1907 година се вратил како генералштабен офицер. Тука се и другите споменични обележја, Хераклеја Линкестис, Националниот парк Пелистер, кој се наоѓа на само неколку километри од Битола.

Со снимањето на серијата „Збогум Румелија“, филмот за љубовната романса на Елени Каринте со Мустафа Кемал Ататурк, и разни други турски филмски стории од историското минато на градот под Пелистер, Битола стана мошне атрактивна и привлечна за посета не само на филмските работници, туку и на турските туристи.
Но, сепак, тоа не беше доволно да се привлечат, а особено да се задржат туристите.
Со ваква поставеност на градот кон туризмот, безидејност и сосема скромни издвојувања за развој на туризмот од само неколку стотини илјади денари, со град во кој одамна е укинат Туристичкиот сојуз, тешко може да се надева на успех во областа на туризмот.
Точно е тоа дека Битола има голем потенцијал за развој на туризмот и со правилни политики и долгорочна работа може да се развие оваа гранка. Ова во голем број наврати го имаат посочено многу туристички работници, разни експерти. Но, за жал, тоа не е доволно.
Во Стратегија за развој на туризмот на Битола истакнати се можностите на градот.
Општината Битола токму за развој на туризмот пред неколку години донесе неколку нови детални урбанистички планови, кои требаше да овозможат инвестирање и зголемување на сместувачките хотелски капацитети во градот и околината.
Во потпелистерското село Нижо Поле, со новиот урбанистички план се предвидени можности за градба на 9 хотели. Но, за жал, од сето тоа не се случи ништо. Сѐ остана само мртво слово на хартија.

А со таква политика не можат да се привлечат туристите, ако не да престојуваат подолго време во Битола, тогаш барем да преспијат во градот под Пелистер.
Или со други зборови, најпознатата изрека на римскиот државник Гај Јулиј Цезар, „дојдов, видов, победив“ (veni, vidi, vici) во случајот со туристите во Битола може да се преиначи во дојдов, видов, заминав.