Домашната естрада на „отстрел“, да живее турбофолкот од соседството!

Од исклучителна важност е зголемување на процентот на застапеност на домашната музика на радијата и на телевизиите, и тоа во ударни термини. Авторите да се поттикнуваат да создаваат квалитетна музика, да се најде соодветен начин за промоција на нови музички имиња и за спонзорирање концерти и настапи на наши пејачи и групи

И покрај подобрите услови за настап на домашните музичари со олабавувањето на мерките за одржување концерти на отворено, по цела година апстиненција поради епидемијата на коронавирусот, се чини тоа нема да се случи толку брзо. Најавите за првите големи концерти кај нас се за ѕвезди во залез од соседството. Впрочем, така беше и минатото лето, кога најчесто со протоколи гостуваа пејачи и групи од регионот.

Еден од првите луѓе на продукцијата што ги организираше концертите, на прашањето зошто не организира настапи и на домашни пејачи и групи, рече дека „биле тешки за соработка“. Сепак, главната причина е профитот, односно несигурната заработка.
Навистина е несфатливо зошто државата не им помогне на македонските естрадни уметници да застанат на нозе? Тие цела година упорно се бореа за заштита на своите права и за добивање финансиска помош, која ќе им овозможи нормална егзистенција, поради немање други приходи за живот, честопати и со протести пред Владата, а последниот се одржа на почетокот на месецов. Сега кога е тоа можно, може да се организираат низа настапи и концерти во целата земја, на градските плоштади, а наедно тоа ќе биде можност тие да покажат што знаат и умеат, што сработиле во изминатата карантинска година и, секако, нешто и да заработат.

Па зарем и оваа година ќе бидеме „црвен крст“ и прифатилиште за познати и помалку познати „пејачки“ и „пејачи“ од соседството, кои нема да заборават да ни кажат дека сме најдобрата и најраспеана публика, пикајќи ги, често „црните“ пари во своите џебови.

Зарем повторно некои „туѓинци“ ќе им го земаат лебот на нашите музичари, автори, пејачи и сите што се дел од нашата музичка сцена?
Никаде во регионот не постои толкаво непочитување на своето, а глорифицирање на туѓото. Токму овој синдром на самоуништување десетина години ја нагризува македонската популарна музика, но таа и покрај сѐ живурка и создава нови дела. Но, за жал, тие нема каде да се слушнат, како што исто така нема каде да се погледнат спотовите за новите песни. Музички емисии на телевизиите речиси нема, освен на МРТ, а ако и има понекоја, таа со години емитува само програми од увоз, како „Ѕвездите на Гранд“. Така, на домашните изведувачи за промоција им остануваат само социјалните мрежи и нивните канали на Јутјуб.

А периодов, како што можеме да посведочиме, има многу нови песни, од сите жанрови, а една од нив е и „Мајка“ на групата „Ласт експедишн“, што членовите на групата ја снимија со своите пријатели. Но како што реагираше водачот на бендот, Енис Хаџиќ-Енко, речиси ниедна радио и телевизиска станица не ја пуштила на својата програма. Тој претпоставува дека тоа е поради фактот што текстот е родољубив, а се однесува на Македонија, чие име се споменува без додавки. Енко изјави дека поради игнорантскиот однос на медиумите сака да ја избрише песната „Мајка“, по што следуваше лавина реакции со зборови на поддршка од голем број поддржувачи на групата и молба да не го строри тоа.

„Енко, залудно е да се обраќаш на оние кои избришале име, нација, историја и сѐ што е македонско и да очекуваш да разберат што е чувство на припадност и сакање на својата земја и народ! Ти благодарам за преубавата песна, чувствата во неа и почитта што ја изразуваш. Ти си поголем Македонец од сите оние кои глумат дека се, ти си Македончиште“, гласи еден од коментарите на социјалната мрежа Фејсбук.
Навистина можно ли е во денешно време да има цензура? Но не толку одамна и песните на групата „Мизар“ беа забранувани, некои сѐ уште се во бункер, на „Стиховен калибар“ и на многу други.

Како и да е, добра работа во целата оваа рашомонијада е тоа што естрадните уметници во нашата земја конечно се обединија и сѐ погласно се борат за своето место на естрадното небо. Тие бараат да се престане со емитување на аудициите и шоу-програмите од соседството, со кои се преплавени некои „македонски“ телевизии, кои, пак, се алиби за инвазијата од разните таканаречени ѕвезди, кои ги полнат нашите плоштади, сали, па дури и стадиони, за што поголем дел од нашите пејачи и групи можат само да сонуваат.

За оваа злоупотреба на јавниот медиумски простор сите молчат, па дури и Советот за радиодифузија, иако со погрешните уредувачки политики на електронските медиуми континуирано се уништува домашната забавна и народна музика, велат македонските автори, музичари и изведувачи.

Непостоењето простор за промоција на млади музички имиња исто така е една од основните причини за уништувањето на македонската популарна музика. Да, треба да има гостувања од странство, но мора да постои некој реципроцитет. ЗАМП треба да предложи закон со кој за емитување музика од регионот би се плаќало поскапо, како што впрочем се прави во многу држави. За да тргнат работите на подобро, истовремено треба да се овозможи билетите за концертите на домашните пејачи и групи да бидат поевтини, за да се стимулира домашната музичка сцена.

„За заштита на нашата домашна култура треба да бидеме ослободени од данок извесен период, или барем да ни го намалат, а на радијата и на телевизиите почесто да се вртат нашите песни и спотови. Мора да се има предвид дека скоро сите што доаѓаат од странство земаат пари на ’црно‘, а нас ни бараат плаќање на персонален данок и на други давачки. Затоа, драга наша публико, уживајте во затруениот медиумски простор, што го контролираат моќниците и партиите, а нам барем засега ни остануваат Јутјуб и социјалните мрежи за промоција. Но дали уредниците на таканаречените национални телевизии, што евидентно е дека тоа не се, оние што континуирано нѐ бојкотираат, размислуваат ли колку чини да се изработи една песна, почнувајќи од музика, текст, аранжман, студио, спот, реквизита, шминка… И на крајот кога ќе видите дека едно ваше дело се емитува ноќе или рано наутро, навистина останувате во прашалници, зошто го работам ова и за кого“, реагираат музичарите.
Токму затоа не смееме да заборавиме дека медиумите имаат значајно влијание во формирањето на јавното мислење и во одржувањето на културното битие на еден народ.

Поради сево ова, мора итно да се зголеми процентот на застапеност на домашната музика на радијата и на телевизиите, и тоа во ударни термини. Авторите да се поттикнуваат да создаваат квалитетна музика, да се најде соодветен начин за промоција на нови музички имиња и за спонзорирање концерти и настапи на наши пејачи и групи. Секако мора и во иднина да се поддржуваат фестивалите, да се реобноват оние што од разни причини згаснале, или со еден збор широко да им се отворат вратите на креативците. Треба да се стори сѐ повторно да му се врати достоинството на домашното музичко творештво и сјајот на македонската популарна музика.