Договори за недоговарање

Ова неодамнешно искуство во дипломатските односи со Република Бугарија веројатно беше само показна вежба за сите реакции и пречки на патот за ЕУ и НАТО што „пријателите со договор“ имаат намера да ги практикуваат како свое добрососедско право, запишано и потпишано во собраниски ратификуваниот Договор за пријателство и добрососедство.

Како практично решение или изговор за поврзување на (понекогаш неправедни) одлуки донесени меѓу императивот на политичката прагма и официјалните заложби на политичарите за правда, праведност, демократија…, често се прибегнува на употреба на наводни изјави на државници од историјата. Некако, најпопуларната мудрост кон која се прибегнува е онаа од Винстон Черчил: „Ако сакаш некој проблем да не биде решен, формирај комисија“! А често се применува и онаа досетка, која најчесто му се припишува на Јосиф Висарионовч-Сталин (иако им се става во уста и на други историски личности): „Законите (договорите) се носат за да се прекршуваат“…

Иако за граѓаните на Република Македонија животот во историски времиња се чини дека веќе е вообичено секојдневие, актуелната ситуација со која се соочени за носење историска одлука на референдумот закажан за 30 септември, наместо да се разјаснува, со секое експертско толкување на причините и потребите за изјаснување, како да води сѐ подалеку од решението. Ставени помеѓу два избора за три теми во едно референдумско прашање (Дали сте за стапување во сојуз со ЕУ и со НАТО, со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција), дополнителниот притисок се спроведува со инсистирање на моментот – сега или никогаш! Сега или никогаш во ЕУ! Сега или никогаш во НАТО… и веќе овие два речиси коцкарски ултиматума ја релативизираат целта на третиот услов! Всушност, референдумското прашање повеќе личи на минско поле, со кое се прави обид да се одвлече вниманието од вистинската нагазна мина – спогодбата од Мала Преспа, именувана како договор меѓу Македонија и Грција.

Многу е веројатно дека и другите соседи ќе си земат за право да ја манифестираат својата вистина за Македонија. И притоа да се повикуваат на некакви договори, кои практично им служат само како алатки за уцена

Во динамичната современост на независната македонска држава не е непознато искуството на историски договор донесен по безбедносна кризи и со меѓународен притисок, кој треба(ше) да го трансформира општеството за брз прием токму во ЕУ и во НАТО. Но и 17 години подоцна од потпишувањето на Охридскиот договор, со кој внатрешнополитички се редефинира државата, Македонија и понатаму мора да потпишува и спроведува (овој пат меѓународни) договори и практично да го редефинира своето идентитетско суштествување за, сепак, не толку брз прием во ЕУ и во НАТО. Додека од Македонија се бара во договорите со Грција и Бугарија да го практикува своето постоење во прецизно дефинирани географски и историски рамки со додавањето географска одредница на своето историско име, во балканската геополитика се пуштаат пробни балони за идејата за прекројување на границите. Искажани, па демантирани, но сепак вешто искористени во сѐ уште официјално незапочнатата референдумска кампања во Македонија, изјавите за прекројување на границите и размена на територии во соседството (меѓу Косово и Србија) останаа да лебдат во пропагандниот простор во државава, како предупредување пред одлуката „сега или никогаш“.

Во меѓувреме се покажаа и првите нуспојави од асиметричниот договор за добрососедство и пријателство со Република Бугарија, на тема – чие е Илинденското востание. Сликата за прикажување на добрососедската идила со која Бугарија ќе ја одведе Македонија во ЕУ и во НАТО веќе ја има пукнатината од различните видувања на т.н. „заедничка историја“, која ниту македонскиот премиер Зоран Заев не успеа да ја замачка со своето фејсбук-извинување упатено до бугарските „браќа и пријатели“. Исто така остана да лебди во „етерот на добрососедството“ предупредувањето на бугарскиот премиер Бојко Борисов дека ќе се сети на оваа добрососедска епизода кога во ЕУ ќе се носат одлуки за Македонија.

Ова неодамнешно искуство во дипломатските односи со Република Бугарија, веројатно беше само показна вежба за сите реакции и пречки на патот за ЕУ и за НАТО што „пријателите со договор“ имаат намера да ги практикуваат како свое добрососедско право, запишано и потпишано во собраниски ратификуваниот Договор за пријателство и добрососедство. Многу е веројатно дека асиметричната предност што им ја дава договорот, бугарските историчари нема да пропуштат да ја искористат во работата на заедничките експертски комисии за утврдување на „заедничката историја“ или на „спорните (за нив) моменти во македонската историја“. Уште и ако се активира максимата на Черчил за причините за формирање комисии, Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија ѝ гарантира на Македонија долг и трнлив пат до ЕУ и НАТО, и покрај (условените) покани за почеток на преговори и членство.

Покрај должината и трнливоста, спогодбата со Грција (која има споредна улога во референдумското прашање) нуди уште и неизвесност на евроатлантскиот пат на Македонија. Имено, со спогодбата од Мала Преспа се предвидува кога Македонија целосно ќе ги спроведе своите идентитетски трансформации (преку менување на името и уставните промени), во грчкиот парламент треба да се гласа дали воопшто им се допаѓа новиот идентитет, именуван како Република Северна Македонија.
Неодамна, професорот на Правниот факултет во Скопје, Денко Малевски, ја промовира тезата за трите вистини за Македонија.

За новиот предизвик во докажувањето на вистината за Македонија, формулата на Малевски гласи: „Двата национализми, и македонскиот и грчкиот, мораше да разберат дека нема една вистина за Македонија, туку дека има две вистини – една македонска, една грчка. Како што ќе има и трета вистина со договорот со Бугарија“.
Досега постојат два договора за три вистини, за една Македонија. Многу е веројатно дека и другите соседи ќе си земат за право да ја манифестираат својата вистина за Македонија. И притоа да се повикуваат на некакви договори, кои практично им служат само како алатки за уцена. Веројатно нема долго да чекаме!