„Добрите“ соседи со двојниот аршин на ЕУ

Зарем патот поплочен со „почитување на принципите врз кои се темелат меѓународното право, Повелбата на ОН, актите на ОБСЕ и на Советот за Европа“ е празна фраза и води до македонскиот дел од пеколот? Зарем е можно експертите на ЕУ за меѓународно право, човекови и малцински права, како и историското право на постоење на засебен народ, јазик, култура да ги игнорираат универзалните вредности на човештвото, правдата и поредокот и да креираат рамка на преговори за идна своја членка за која нема да важат истите тие принципи? Па, барањата и позицијата на Бугарија како членка на ЕУ се флагрантно нарушување и кршење на целите на меѓународното право, вклучувајќи ги и добрососедството, пријателството и соработката

Пред некој ден еден баеги искусен човек, научник, истражувач и академик ми кажа една своја мисла што ми остави длабок впечаток. Имено, од аналите на своите напластени знаења, вештини, навики од животната практика, рече дека Македонија на својот евроинтегративен пат е стигната до фазата на она животно искуство „кога ќе ти дојде да се откажеш, сети се на причините поради кои си издржал толку долго“. Почетокот на преговорите за членство во ЕУ веќе добива призвук на блиска иднина, од која навидум нѐ делат неколку чекори. Но повеќегодишната историја во чекалницата на ЕУ за почеток на преговори отвораше се подлабоки рани и остави неизбришливи лузни со сите направени болни побарани и изнудени промени и отстапки од оние што одлучуваат за нашата судбина, како и од соседите, токму во име на европската иднина на Македонија. И сега, повторно истото тоа. Тој притисок се засилува, трансформира, добива нови форми и димензии преку отворените уцени на познатите соседи со нови барања, а исти нивни цели, за задоволување на нивните стари вековни аспирации, претензии, фрустрации…

Изминатава седмица во Брисел земјите-членки на ЕУ имаа старт-дебата околу предлог-преговарачката рамка за Македонија со која треба да се утврдат динамиката и формата на преговарачкиот процес, но и имплицитно да се одреди понатамошната статусна позиција на земјава во Унијата. Токму таквите „имплицитни прашања“ (како што се некои основни цивилизациски принципи: национално-јазичната и историска препознатливост, автентичност и самобитност) што за другите земји-членки се подразбираат и воопшто не биле тема за расправа, во случајот со Македонија стануваат предмет на „добрососедска“ уцена и поставување пречки на секој чекор од европскиот пат?!
Зарем патот поплочен со „почитување на принципите врз кои се темелат меѓународното право, Повелбата на ОН, актите на ОБСЕ и на Советот за Европа“ е празна фраза и води до македонскиот дел од пеколот?

Зарем е можно експертите на ЕУ за меѓународно право, човекови и малцински права, како и историското право на постоење на засебен народ, јазик, култура да ги игнорираат универзалните вредности на човештвото, правдата и поредокот и да креираат рамка на преговори за идна своја членка за која нема да важат истите тие принципи? Па, барањата и позицијата на Бугарија како членка на ЕУ се флагрантно нарушување и кршење на целите на меѓународното право, вклучувајќи ги и добрососедството, пријателството и соработката. Комичната бугарска теза, која во континуитет ја туркаат со десетлетија и повеќе од век, во чија функција ги ставаат во полн капацитет сите свои државни и научни институции, е негирањето на македонскиот народ, јазик, историја… Со чудно допуштен „слалом“ на Бугарите, ЕУ допушти таквите нивни барања да бидат вешто стипулирани и во македонско-бугарскиот договор за добрососедство, пријателство и соработка, заобиколувајќи ги основите на меѓународното право. Точно, некој ќе рече оттаму: „…па, вие самите го потпишавте тој договор“.

Да, точно, тој беше услов за исчекор понатаму, тој во себе содржи и многу елементи Македонија да се избори за својот статус и остварување на своите вековни стремежи, но постоењето на клаузули во дел од договорот што не се во согласност со меѓународното (па и внатрешното право) не ги прави работите што се така напишани да имаат важност. Напротив, тие се ништовни, бидејќи сами по себе го урнисуваат системот на легалитетот, правдата во меѓународни рамки. А тоа е навистина колосална штета.
Од друга страна, и покрај контроверзиите во дел од договорите со соседите Бугарија и Грција, за кои сите сме свесни, и асиметричноста на обврските на штета на Македонија, во нив сепак е наведено дека и тие (Бугарија и Грција) како договорна страна имаат обврски што треба да ги исполнат. Една од таквите обврски за соседите е непопречување и поддршка за Македонија на нејзиниот евроинтегративен пат во исполнувањето на европските критериуми во преговорите, во интерес на регионалната стабилност и напредок, односно „зајакнување на безбедноста и мирот, соработката и довербата во Југоисточна Европа“. Тоа, како една од точките од договорите, често го истакнуваат сите страни (како во земјава, така и од меѓународната заедница) што ги креираа, поддржуваа и работеа.

Сепак, во билатералната политичка реалност во овие две-три години од потпишувањето на соседските договори, обврските ги спроведува главно македонската страна, додека Грција и Бугарија или ги игнорираат деловите каде што се наведени нивните обврски, или договорите ги користат како алатка за остварување на своите децениски и вековни амбиции во однос на присвојување или негација на македонизмот. Ваквите соседски позиции засилено ги манифестира Бугарија, особено во периодот откако датумот за почеток на преговори за Македонија добива контури на реалност. Наместо за поддршка, Бугарија го користи добрососедскиот договор за формулирање на своите ирационални и противправни аспирации спрема Македонија во своевидни европски уцени за отстранување на македонскиот јазик од документите на ЕУ (односно негово подведување како западнобугарски дијалект) и присвојување на вековната македонска историја, односно нејзино сведување на времето од „уставното постоење на државата Македонија“…

Притоа инсистира, преку работата на заедничката историска комисија, македонската страна да се согласи на бугарската верзија на македонската историја, преку формулацијата „заеднички споделена историја“, која по неколку изнудени политички квазинаучни еквилибристики би ја довела „историската равенка“ до проектираното бугарско решение.
Грција, откако се потпиша и се ратификува Преспанскиот договор, смешно но вистинито, не ги исполни ниту техничките обврски од менување на сообраќајните табли на кое би било забележано новото наметнато име на Македонија со географска одредница. Во бриселските дебати за македонските евроинтеграции улогата на гласен попречувач ѝ ја препушти на Бугарија, веројатно сметајќи дека така ја извршува својата обврска од договорот за „поддршка на Македонија“ на патот кон ЕУ.
Од досегашното спроведување на соседските договори е апсолвирано дека македонската страна (не) може да се откаже од нив, токму поради констатацијата од почетоков на текстот за „причините за кои издржала досега“, односно членството во ЕУ, колку и да е долг патот до целта (се разбира, не земајќи ги предвид меѓународното право, јус когенс и сличните принципи, кои за ЕУ и меѓународната се растеглива категорија).

Но, исто така, македонската страна треба здраво да запне и да не се откаже ниту од малкуте придобивки што ѝ ги нудат тие договори, како што се придржување до принципите на меѓународното право и соработка врз принципите на Обединетите нации, Организацијата за безбедност и соработка во Европа, Советот на Европа и други меѓународни организации и форуми. (Еднаш веќе се откажавме од вакво нешто, кога Хаг ја донесе пресудата во спорот со Грција во наша корист и ние никако не ја ползувавме оваа историски значајна правдина.)

Дури и самата ЕУ, заради себе, не смее да биде непринципиелна во придржувањето до сопствените критериуми во однос на правото на самоопределување на Македонија и македонизмот во нејзини рамки и да биде внимателна со позициите што ги (зло)употребуваат нејзините земји-членки. ЕУ не треба да дозволи во нејзино име да се загрозуваат основните цивилизациски права на сопствено национално определување, сопствена историја, традиција и јазик на еден народ. Сега, ајде на работа и за негирањето на македонскиот јазик, народ и историја да нема компромиси!