Денот Д одамна помина

Има ли држава без народ? Може ли да постои Македонија без Македонци во неа? Се плашам дека преокупирајќи се со историјата сиве изминати години ја изгубивме иднината. Ги изгубивме луѓето, како најважен ресурс на секоја држава. И додека сите го чекаат 15 октомври, споредувајќи го со некаков пресуден и одлучувачки ден Д за Македонија, моето мислење е дека нашиот ден Д одамна помина. Го испуштивме од раце кога го изгубивме народот од државата

Неколку клучни настани ѝ дадоа белег на неделава што изминува. Сега зборот „клучни“ веројатно зависи и од аголот и диоптријата на гледање. За одредени кругови клучен настан беше, на пример, годишнината од референдумот на 30 септeмври, додека други не сакаа ни да го споменат и сосема го игнорираа овој јубилеј. Една година и не е некој јубилеј, но настаните што следуваа потоа ѝ ја предодредија иднината на државата. Патем, да не заборавиме дека референдумот од формалноправен аспект беше прогласен за неуспешен, поради мал одзив на граѓаните и непостигнатиот законски цензус, но тоа воопшто не претставуваше проблем, се разбира, од политички аспект, за меѓународната и за дел од домашната политичка сцена да биде поинаку протолкуван. Но од некои причини веќе никој не сака да се сеќаваат на него. Го фрлија во заборав.
Поточно, само ден по годишнината од споменатиот референдум, токму „првиот роденден“ падна во сенка на самитот на „Економист“ на кој се величаа придобивките од Преспанскиот договор. Случајност или не?!

Но веќе се навикнавме тука на секакви еквилибристики, па веќе ништо и не може да нѐ изненади. Иако, да бидам искрен, мене повторно ме изненадија политичката дволичност, превртливост, лицемерност од оние што тогаш ги гласале договорите во Собранието, а сега како да не веруваат веќе во нив и искажуваат разочарување и незадоволството од постпреспанскиот и постпериодот од другите договори за добрососедство. Вчудовидени се од најновите условувања, уцени и непринципиелни барања, кои доаѓаат од соседите на адреса на Македонија. А што мислеа, веднаш ќе протечат мед и млеко во Македонија. И сега овие новоосвестени и пробудени политичари бараат начини за перење на совеста.

Да бидеме на чисто. Човечки е да се греши и христијански е да се простува. И во тоа нема ништо спорно. Но кому сега може да му користи нечие задоцнето покајание. Каква полза имаат граѓаните од тоа. Дали тоа ќе ја подобри содржината и преземените обврски од меѓусебно потпишаните договори или, пак, ќе ги одврати соседите од своите нечесни намери кон Македонија. Се разбира дека не. Не случајно постари рекле – „три пати мери, еднаш сечи“. А очигледно редица важни и суштински одлуки поврзани со судбината и иднината на државата во минатото беа носени без какво било мерење и премерување. Едноставно се носеа одлуки на трчање и на ура.

Затоа сите овие пост фестум покајанија може да послужат само за перење на нечија нечиста совест. Но бидејќи текстот го започнав со споменување клучни настани би сакал да споменам барем уште неколку. Како важен настан неделава беше посочена донацијата на амбасадата од САД со која во 25 судници се инсталираше современа аудиоопрема. Со ова практично отсега па натаму сите искази, изведување докази, сведочење, изрекување пресуди ќе се снимаат на аудиозапис, наместо како претходно преку записничар во хартиена форма. И сега ме јаде некоја јанѕа. Не сакам да прозвучи катастрофално, но ние немаме баш некоја среќа со аудиозаписите. Сѐ што досега се снимаше и ставаше на аудио или видеозапис потоа по некои чудни канали излегуваше во јавноста. Доволно е да се потсетиме на случаите со „Големото уво“, потоа таканаречените бомби, па случајот „Рекет“…
Еве, токму за денеска (петок 4 октомври) се најавени детонации на нови бомби поврзани со ИВЗ, но и објавување некакви ексклузивни материјали за проневера на 3 милиони евра.

Бомби детонира и активира кој како стигне. И на сите овие бомби како запалувач или детонатор им служат аудиоснимки. И сега гласно се прашувам како сега покрај толку многу темпирани бомби на црниот пазар утре ќе бидеме сигурни дека некому нема да му текне да ги злоупотреби и овие аудиоснимки од судењата. Или уште пострашно, записите и снимките да ги модифицира, лепи, сече итн. Замислете само какви последици тоа може да предизвика врз граѓаните и државата. Па и во билатералните односи со САД.

Иако воопшто не се сомневам во добрите и искрени намери на американската амбасада со ваквата донација, наменета за најболното ткиво на македонското општество како што е судството, уште отсега отворено предупредувам да се отворат четири очи. Трипати да се премери и провери и кој ќе ракува со овие направи, кој ќе ги преслушува, умножува и дистрибуира, каде што ќе се чуваат снимките итн.

Зошто при едно хипотетичко сценарио на протекување снимки од судења некој може да каже, не сме ние виновни, Американците ни го наместија?! Па нели по обичај за сѐ некој друг ни е виновен. Сепак, најголема вина на сите досегашни македонски политичари, и од власта и од опозицијата, е егзодусот што ѝ го приредија на сопствената држава. Што сиве овие години не мрднаа ниту со малиот прст да го спречат масовното иселување од државата. Дали причината за тоа е нивната неспособност, незнаење, алчност, тесни политички или партиски интереси сега веќе не е битно. Амнестија за стореното дело и злосторство врз македонската држава не смее и не може да има.

Доверлив и добро информиран извор деновиве во неформален пријателски разговор ми посведочи дека самиот регистрирал како над 20 полни автобуси со млади луѓе во еден ден ја напуштиле државата. Без намера да се вратат назад. Може ли само да замислите – тоа е како цела една населба или село да го снема прекуноќ. Тука, всушност, се крие најголемата опасност за опстанок на државата. Кому тогаш ќе му биде поважно чиј е Гоце, или какви плочка има на Воинот на коњ, ако државата ни остане без луѓе. Има ли држава без народ? Може ли да постои Македонија без Македонци во неа? Се плашам дека преокупирајќи се со историјата сиве изминати години ја изгубивме иднината. Ги изгубивме луѓето, како најважен ресурс на секоја држава.

И тука не може да ни помогнат ниту ЕУ ниту НАТО, ниту Западот ниту Истокот. Бројките се фрапантни и поразителни. Политичарите се свесни за тоа. Затоа и се плашат да се преброиме, па сега повторно се доведува во прашање планираното спроведување на пописот в година. Но не ни треба попис за да ја согледаме болната вистина. Доволно е само да обиколите со возило повеќе села низ државата и да видите колку куќи светат ноќе. На оние со послабо срце не им го препорачувам ова бидејќи сцената може да изгледа како од некој хорор-филм. Тоа е реалноста во Македонија денес. Реалност што станува уште потемна кога на неа ќе се додадат и најновите анкети, според кои мнозинството студенти и средношколци размислуваат да ја напуштат државата. Ако вака продолжи сосема извесно е дека еден ден во Македонија ќе останат само политичарите. Кои за да опстанат на сцената можеби ќе увезат и друг народ. И додека сите го чекаат 15 октомври, споредувајќи го со некаков пресуден и одлучувачки ден Д за Македонија, моето мислење е дека нашиот ден Д одамна помина. Го испуштивме од раце кога го изгубивме народот од државата. Сѐ додека не се потрудиме да ги вратиме назад во татковината сите што од разни причини избегаа и бегаат од неа може да го очекуваме само денот Ш. Судниот ден за опстанокот на државата и на нацијата. Се надевам и сакам да верувам дека до такво нешто сепак нема да дојде.

[email protected]