Демократска реинтеграција

Таквиот, кон граѓаните и кон државата, најблаго речено, нездрав однос, сега се обидуваат да го надградат и прошират со, наводно, договорените „принципи за заедничка владина програма“, кои, всушност, се уставни и законски обврски на институциите и на органите на власта во кои тие планираат да ги заседнат своите, потврдено, главно непродуктивни партиски кадри.  Тие што извисија и кои останаа во опозиција, очајнички се обидуваат да докажат оти се изиграни, што, без залажување, е и целта на политиката

Како неизбежна и како најдобра од сите можни лоши комбинации, кои можеа да произлезат од резултатот на неодамнешните предвремени парламентарни избори, беше „поздравена“ старо-новата коалиција на СДСМ и ДУИ. И тоа би требало да биде почеток на крајот на безмалку едногодишно тормозење, кое за потсетување, формално започна лани во октомври откога тогашната влада на овие две партии, и покрај претходните пренагласено оптимистички очекувања, не успеа да се избори за добивање датум за почеток на преговори со ЕУ. Суштински, самата влада, онака како што беше накриво поставена и како што (не)функционираше, фактички, се распадна. Тоа, меѓу другите, на некој начин го потврди и нејзиниот тогашен претседател и лидер на СДСМ Зоран Заев јавно поставувајќи го прашањето за „одржливоста на коалицијата со ДУИ“ непосредно пред изборот на техничка влада, која ги уживаше стоте дена пред изборите, што првично беа закажани за 12 април, а потоа одложени поради пандемијата на коронавирусот. Со тоа беше продолжен и нејзиниот рок на траење.

Во тој меѓупериод од само неколку месеци, двете партии создадоа впечаток дека се во сериозен судир за повеќе прашања што требаше да поминат во Собранието, а размената на огнот по неколку основи продолжи и во текот на пролонгираната предизборна кампања за да кулминира со „клучното“ барање на ДУИ идниот премиер задолжително да биде Албанец. За нивните „разидувања“ да бидат поубедливи, СДСМ дури направи и предизборна коалиција со помалите албански партнери.
Се случи тоа што се случи и се одржаа изборите, со како никогаш досега понеубедлив одзив и резултат. Освен што е загубена цела една година, која требаше и можеше да биде реформска, независно дали, како што веројатно ќе забележат некои хроничари, ја изедоа скакулци или корона-кризата, од сето тоа имаше и одредени придобивки. Но само за двоецот СДСМ – ДУИ, кој, сега веќе е и очигледно, цело време остана во цврста љубовна прегратка.

Па, така, речиси цела година никој не ги вознемируваше СДСМ и ДУИ со реформите и со евроинтеграциите, и уште поважно, со неактивираните бомби за функционерите на ДУИ од времето кога љубуваа со ВМРО-ДПМНЕ. Долгото предизборие, заедно со корона-кризата, помогна да се подзаборават и поновите афери од страсната врска на СДСМ и ДУИ. Освен тоа, тешко остварливата амбиција на Заев за привлекување повеќе албански гласови, што, сепак, уште долго време ќе биде лимитирано од објективни и од субјективни фактори, а што има цел да го поддржи неповторливо лошо поставениот концепт за едно општество за сите, ќе продолжи да се одржуваа во живот така што ќе биде компензирана со вклучување на партијата со најмногу освоени гласови од граѓаните Албанци во власта. Се разбира, со значително засилени ресори во новиот владин кабинет.

Освен што е загубена цела една година, која требаше и можеше да биде реформска, независно дали, како што веројатно ќе забележат некои хроничари, ја изедоа скакулци или корона-кризата, од сето тоа имаше и одредени придобивки. Но само за двоецот СДСМ – ДУИ, кој, сега веќе е и очигледно, цело време остана во цврста љубовна прегратка

И конечно, не треба да се заборави главниот услов на ДУИ – премиер Албанец, кој го спакуваа во стоте дена наменети за пржинска влада со што конечно се потврди дека сето тоа беше јадица на која лековерните требаше да се навлечат, а задоволителен дел од нив и се навлекоа, и им обезбедија, иако најслаб досега, но, сепак, доволен одзив за успех на изборите. Своевидна компензација ќе биде тоа што Талат Џафери ќе остане на функцијата парламентарен спикер, на што сосема јасно упатуваше неговото однесување во текот на целиот период од распуштањето на Собранието. Се однесуваше и се однесува како да е избран за доживотен спикер. Поранешниот пратеник Насер Зибери, кој ДУИ го промовира за иден премиер, остана без коментар.
Така, старо-новите владетели добија цела година во која повеќето нивни функционери земаа плати и си ги тераа бизнисите без никаква одговорност и отчетност.

Таквиот, кон граѓаните и кон државата, најблаго речено, нездрав однос, сега се обидуваат да го надградат и прошират со, наводно, договорените „принципи за заедничка владина програма“, кои, всушност, се уставни и законски обврски на институциите и на органите на власта во кои тие планираат да ги заседнат своите, потврдено, главно непродуктивни партиски кадри.
Тие што извисија и кои останаа во опозиција, очајнички се обидуваат да докажат оти се изиграни, што, без залажување, е и целта на политиката. Понатаму, слабо поучени, веројатно, ќе бараат предвремени парламентарни избори, што на СДСМ и на ДУИ ќе им овозможи повторно да ги одбегнат отчетот и одговорноста, па, така, ако не побара опозицијата, самите тие за одредено време ќе најдат изговор за да посакаат нов „чист“ мандат. За валканиот да го турнат под килим. Тоа е она што би можело да се нарече добитна комбинација за комотно владеење во изминативе децении во Македонија, независно дали станува збор за комбинацијата ВМРО-ДПМНЕ – ДУИ или за СДСМ – ДУИ и без оглед на тоа колку чини секое организирање и спроведување избори.

[email protected]