Делумно (не)слободни

Точно дека многу е тешко да се заведе некаков ред во шареноликата, со плевел обрасната медиумска градина која вирее во крајно дисфункционално општество и во несредена држава со слаба економија, без јасни цели и перспективи и конечно, без искрена желба нештата да се подобрат и да се стават во функција на општото добро. Но да се претвораме оти тоа е нормално и оти така треба да биде, е големо предавство, не само на професионалните стандарди туку и на националните и на државните интереси и тоа со далекосежни последици

Минатата недела беше објавен извештајот за слободата на медиумите со кој американската невладина организација „Фридом хаус“ редовно ја оценува состојбата на медиумските слободи низ светот. Се разбира, од сопствената перспектива. Годинава, за прв пат беше оценувана Република Северна Македонија, при што таа е рангирана како земја со „делумно слободни“ медиуми и напомена оти е регистрирано одредено подобрување. Но цели 20 години пред тоа беше оценувана Република Македонија. И со повремените назадувања во категоријата „неслободни“, повеќето време цврсто спиеше во групата „делумно слободни“, барем во изминативе неколку години. И што тогаш е подобрено?

Имено, извештајот ја рангира состојбата со медиумите како „слободни“, „делумно слободни“ и „неслободни“ и од 1998 година, откога оваа организација ја следи состојбата со слободата на медиумите во земјава, таа најчесто е во категоријата „делумно слободни“. Повремени назадувања имаше, но ниту еднаш не беше постигнат напредок доволен за влез во првата категорија. Слична состојба е регистрирана и во последните извештаи на „Репортери без граници“, на ИРЕКС…

Треба ли да се тешиме оти повторно не паднавме во категоријата „неслободни“? Или да се прашаме зошто сѐ уште сме „делумно слободни“ односно „делумно неслободни“, што конечно зависи само од тоа дали станува збор за оптимистичко или за песимистичко гледање на нештата, но во суштина не го менува фактот дека состојбата која до пред извесно време беше предмет на многубројни и жестоки критики, сѐ уште не е променета. Или барем незначително

Точно дека извештаите покажуваат загрижувачки тренд во Европа и генерално во светот дека слободата на печатот, заедно со политичките права и граѓанските слободи, опаднала и дека процесот се одвива двонасочно, како во етаблираните авторитарни така и во, условно речено, демократските земји. Но тоа никако не би требало да се користи како оправдување за дведецениската стагнација, а уште помалку за молкот со кој беше проследен овој како и претходните неколку извештаи. Тоа особено кога се знае дека медиумите како клучен фактор за демократијата беа предмет на опсервација и на меѓународната група под водство на германскиот експерт Рајнхард Прибе, која по сите аномалии што ги дијагностицираше даде прецизни препораки што треба да се спроведат заради дистанцирање од партиските политики, државните и локалните моќници, комерцијалните и други влијанија и идеологии и ставање во функција на јавниот интерес. Тоа, впрочем, беше и дел од клучните препораки до актуелната влада, која формално ги вгради и во своите таканаречени итни реформски приоритети и во плановите што постојано ги надградува со нови бројки. Колку сето тоа било „итно“ и „приоритетно“ и што од тоа е спроведено покажа и последниот извештај на Европската комисија, каде што во делот за медиумите најчесто користените фрази се „одреден напредок“ и „умерена подготвеност“.

Треба ли да се тешиме оти повторно не паднавме во категоријата „неслободни“? Или да се прашаме зошто сѐ уште сме „делумно слободни“ односно „делумно неслободни“, што конечно зависи само од тоа дали станува збор за оптимистичко или за песимистичко гледање на нештата, но во суштина не го менува фактот дека состојбата која до пред извесно време беше предмет на многубројни и жестоки критики, сѐ уште не е променета. Или барем незначително.

Точно дека многу е тешко да се заведе некаков ред во шареноликата, со плевел обрасната, медиумска градина која вирее во крајно дисфункционално општество и во несредена држава со слаба економија, без јасни цели и перспективи и конечно, без искрена желба нештата да се подобрат и да се стават во функција на општото добро. Но да се претвораме оти тоа е нормално и оти така треба да биде, е големо предавство, не само на професионалните стандарди, туку и на националните и на државните интереси и тоа со далекосежни последици. Тоа веќе може да се оквалификува како велепредавство.

[email protected]