Декретот на Бајден и розовите очила на домашните политичари

Гласови, кредибилитет и рејтинг се качуваат и се ловат со добро осмислени, мудри, прагматични и успешни домашни политики и дела, а не врз основа на шлепување на изјави на странски политичари и нивна главно погрешна локална интерпретација

Извршната наредба на американскиот претседател Џо Бајден за блокада на имотот и спречување на влезот во САД за одредени лица што придонесуваат за дестабилизација на состојбата на Западен Балкан, како по некое непишано правило повторно се доживеа различно од страна на македонската политичка елита, а целта и содржина на наредбата на Бајден се анализираа со различни локалполитички очила и диоптрии, кому како најмногу му одговара. Така, едни политичари од Македонија го читаат декретот како поддршка на нивната политика, демек Бајден им е коалициски партнер, други, пак, сметаат дека пораката од Вашингтон се однесува и е критика за спротивниот политички табор, а трети сосема нешто друго разбрале итн. Премногу наивно и премногу површно и од едните и од другите и од третите… Декретите и пораките на Бајден или на кој било друг светски или европски политичар од тој калибар не се наменети ниту за партиите од власта ниту за опозицијата од Македонија. Таквите и слични акти и документи имаат многу широк геополитички контекст, при што во прв план се секогаш интересите на големите сили. Тоа што некој на домашната политичка сцена се обидува да поентира или да добие некој политички поен е само сигнал на политичка кусогледост, незнаење или можеби свесна злоупотреба и обид да се изгребе нешто од нечиј туѓ авторитет и влијание и да се припише на свое конто.
Зашто судејќи според дадените изјави на домашните политичари, за едни, овој чин дава мотивацијата дека САД ѝ се сојузници на владејачката партија и со овој акт е испратена казнена порака кон „мрчаторите“ што практикувале политика на нездрави основи, за другите сето тоа е најава дека партиите од власта ќе бидат казнети за нивниот криминал и корупција, како што се вели, а за третите, пак, од албанскиот табор овој документ ги заштитувал интересите на Албанците во Македонија?!
Но ако длабински и суштински се проанализираат содржините на тоа како нашите партии го дисекцираат овој американски документ, ќе се стигне до неминовниот заклучок дека од нивните еуфории или депресии нема ништо.

За жал, ваков шаблон на однесување кај нашите политичари е редовен и во однос на многуте други извештаи и констатации на Брисел, кои се однесуваат на патот на земјата кон Европската Унија. Македонските политичари си ги толкуваат како им прилегаат изјавите на естаблишментот во Брисел и „водата си ја носат на своја воденица“, сето тоа е слично на сегашните состојби со извршната наредба на Бајден.
Ако е за утеха, ништо поразлично извршната наредба на Белата куќа не беше пречекана ни од политичарите во соседството, кои, пак, на шаблонот на нивните колеги од Македонија на сличен начин ги „толкуваа“ пораките дојдени од Вашингтон за Балканот.
Имено, пред повеќе години, Викторија Нуланд, која македонската јавноста ја памети по учеството во пржинските преговори во 2015 година и периодот пред Самитот на НАТО во Букурешт (2008 г.), која сега е многу влијателна жена во структурата на американскиот Стејт департмент, им забележа на македонските политичари дека тие ја злоупотребуваат Америка и дека се обидуваат секој во своја полза да го протолкува дејствувањето на САД во регионот, додека Пентагон се грижи наместо нив за мирот над Балканот.
Она што е интересно во оваа корелација на актуелните настани е да се потсети дека Американците имаат своја народна поговорка и израз што велат дека „нема такво нешто како бесплатен ручек“, па во таа насока пораките на Бајден што беа испратени кон Балканот, сосема сигурно се наменети да стигнат на други адреси.
Односно со оваа порака Белата куќа го најавува враќањето на нивното присуство во регионот, а на соперниците од големите и моќни држави им се навестува посакуваниот распоред на фигурите на шаховската табла.
Кога големите играчи повлекуваат потези, ним воопшто не им се битни ситните фигури, кои без размислување ги менуваат или жртвуваат.

Бидејќи македонските политичари во континуитет докажуваат со изјавите дека не ја разбираат меѓународната политика, ниту пак глобалната партија шах и потезите што се влечат, тие на овој начин ризикуваат да пренесат погрешни пораки до нашите гласачи во пресрет на есенските избори. Односно, Америка не стои зад или против некого во нашата политика. Најдобра потврда за тоа е што најавената нова црна листа на САД барем засега во себе не содржи никакви имиња.
Многу поконкретно, декретот на претседателот Бајден значи дека неговата држава не се повлекува од своето традиционално влијание во регионот и цврсто ќе ги брани своите интереси.
Америка едноставно кажува дека стои зад меѓународните договори врз кои ставила потпис овие изминати години од распадот на Југославија, па наваму
без разлика на цената, која поради овие договори ја плаќаат државите-потписнички на истите тие. Дали со овие договори и спогодби се крши меѓународното право, се губат националните и идентитетските обележја на државите, за големите сили е сосема неважно и безначајно. Тие си го гледаат својот интерес и ништо друго.
За волја на вистината од земјите од регионот, Македонија го изоди најдолгиот и најтежок пат и во тој правец поради интересите на геополитичките сили потпиша редица меѓународни и домашни договори како Преспанскиот, Охридскиот и Пржинскиот договор, надевајќи се на посветла и подобра иднина во европското семејство. Истовремено нашата земја има и договор со САД за стратегиско партнерство и сосема логично и за очекување е овој пат притисокот на Вашингтон да е насочен на друга страна, или поточно кон Бугарија, која го блокира нашето интегрирање во Унијата, што, судејќи според сите досегашни изјави, не му се допаѓа на Вашингтон.

Во таа насока и најновиот декрет на Бајден може да се чита меѓу редови и како поправно-воспитна мерка, која треба да се чуе и одекне пред сѐ во Бугарија.
Македонските политичари во иднина мораат многу мудро да ги анализираат големите политики што се спроведуваат во нашиот регион. Тие треба да ги проценат опасностите, ризиците, но и придобивките од геополитиката и потоа врз основа на националниот интерес, мудро да ги влечат потезите или да ја вртат рубиковата коцка, без непотребни избрзување, еуфорија или погрешни процени и толкувања. Без разлика што сме во изборна година. Гласови, кредибилитет и рејтинг се качуваат и се ловат со добро осмислени, мудри, прагматични и успешни домашни политики и дела, а не врз основа на шлепување на изјави на странски политичари и нивна главно погрешна локална интерпретација.

[email protected]