Дедо Мраз не доаѓа во Македонија, тука живее

Македонија, несомнено, стана држава во која најлесно се жонглира со милијардите. Не во денари, туку во милијарди евра, за да нема забуна. Редица политички лидери и во минатото и сега излегуваат со ветувања дека ќе донесат во Македонија повеќе милијарди евра. Покрај толку многу милијарди, губи смисла митот за Дедо Мраз. Нема потреба тој да доаѓа во Македонија, зашто е тука, меѓу нас. Живее во Македонија и маскиран како политичар дели ветувања наместо подароци. И чека да стигнат ирвасите и санките полни со милијарди за да ги подели и нив

Колумната со која се заокружува една календарска година е нешто повеќе од вообичаен осврт на одредени актуелни појави и случувања во државата. Од едноставна причина што, по некое непишано правило, последната колумна во годината се однесува на подолг временски интервал. Таа на некој начин е спој на минатото со иднината, премин од годината што изминува кон новата, која доаѓа, пресек на претходно постигнатото и проекција на идните очекувања. Па, да почнеме по ред.

Каква оцена може да ѝ се даде и како да се опише 2019 година. Квалификацијата тешка година е некако премногу плитка, сувопарна, демоде. Дежа ви (или веќе видено) што би рекле Французите, кои ѝ дадоа и свој белег на годината. Но за тоа подоцна.
А која претходна година досега не била тешка. Особено за Македонија. Затоа дајте друга дефиниција. Во светски рамки, 2019-та некои ја прогласија за најжешка, други за година на улични протести, трети за година на пресврти, преседани, изневерени очекувања итн.

За македонски услови веројатно најсоодветен опис е шокантно-драматична. Или, ако повеќе милувате, фрапантна година. Во секој поглед. Сега мало појаснување. Во политичка терминологија, со изразите шокантно или фрапантно може да се опише длабоко разочарување, но и обратно, некое позитивно и неочекувано изненадување. Па, велиме шокирани сме, останавме без зборови. Е, токму таква беше 2019-та. Останува кој како сака да ги толкува појавите и настаните, од еден или друг агол. Сепак, на моменти одредени случувања во Македонија во 2019-та личеа на извадоци од книгата на Наоми Клеин, насловена „Шок доктрина“. Инаку, книгата е застрашувачка приказна за тоа како некои „тепаат“ пари, додека другите се тепаат меѓу себе, без пари.
Книгата едноставно ги разобличува глобалните профитери, меѓусебните поврзаности, како и колку докторите на шокот доминираат во нашиот свет, како ја остваруваат таа своја доминација, а притоа секогаш успеваат да останат недопирливи.

Такви изнендувачки сценарија на „докторите на шокот“ во 2019-та имаше серија, од блокадата и ветото на Франција и недобивањето датум за преговори со ЕУ, преку континуираните обиди за негирање на македонската историја и македонскиот јазик од страна на соседите.

Голем шок и непријатно изненадувања имавме и во сопствениот двор, преку обелоденување на случајот „Рекет“ и сознанијата за вмешаност на првата специјална обвинителка, која требаше да претставува синоним за правда. Наместо тоа, се престори во олицетворение на криминалот. И како од книгата на Клеин, видовме како некои тепале огромни пари, додека други се кошкаат и обвинуваат меѓу себе.

Годината што изминува ќе остане запаметена и како година на рекордно загадување на воздухот и, уште повеќе, како година кога првпат во поновата историја на државата се забележани негативни стапки на прираст на населението, и тоа кај сите етнички заедници. Пошокантен и пофрапантен податок од ова тешко дека ќе чуеме наскоро. Со други зборови, тоа значи дека Македонија изумира и ја снемува од планетата Земја.

Дека се разградува самата себеси одвнатре, за однадвор и да не говориме. Ако ова не е шокантен и предупредувачки показател, тогаш не знам што друго може да биде. Но, освен „Нова Македонија“ низ серија текстови, со конкретни предлози и коментари на оваа тема, ниту видовме ниту чувме кој било друг во државата да изреагира или презема каква било иницијатива во врска со ова прашање. А, од друга страна, сите се удираат во гради и глумат демек „силни патриоти“. Е, заради таквите „патриоти“ ни отиде државата.

Ајде сега малку за посветли теми.
Како најголем успех во 2019-та некои го сметаат добиеното столче на самитот на НАТО во Лондон, каде што, пак, како никогаш досега беа јасно демонстрирани поделбите и несогласувањата внатре во Алијансата. Тоа најшокантно го опиша францускиот претседател Макрон, со дијагнозата за мозочна смрт на НАТО. Толку за годината што изминува.

Што може да очекуваме во новата 2020 година, која во себе носи и одредена симболика, како изборна но и престапна година, со која се заокружува една декада. Ако се суди според досегашните сигнали, ништо посебно. Веројатно ќе си продолжи сѐ по старо, како и досега. Бидејќи станува збор за изборна година, без разлика кога тие ќе се одржат, може само да се засили и интензивира играта со зборови, давањето ветувања и расфрлањето со милијардите. Македонија, несомнено, стана држава во која најлесно се жонглира со милијардите. Не во денари, туку во милијарди евра, за да нема забуна. Редица политички лидери, и во минатото и сега, излегуваат со ветувања дека ќе донесат во Македонија повеќе милијарди евра. Прво беше милијардата на Циле, па бившиот премиер, сега пребеган во Будимпешта, ветуваше 8 милијарди евра, потоа актуелната власт излезе со проекции за инвестициски циклус од 5 милијарди евра, а најново и најголемата опозициска партија споменува 4 милијарди евра, доколку се добере до власта. Патем, за 2020-та е донесен и рекорден буџет од близу 4 милијарди евра.

Покрај толку многу милијарди, губи смисла митот за Дедо Мраз. Нема потреба тој да доаѓа во Македонија, зашто е тука, меѓу нас. Живее во Македонија и маскиран како политичар дели ветувања наместо подароци. И чека да стигнат ирвасите и санките полни со милијарди за да ги подели и нив.

Од каде ќе се најдат толку пари, под кои услови ќе бидат земени, за што се планираат, какво ќе биде нивното влијание врз економијата и растот, кој и колку потоа ќе треба да враќа, никој не кажува. За маскираниот Дедо Мраз тоа е најмалку важно. И онака него никој не може да го повика на одговорност. Од друга страна, да постоеше кривично дело за прекршени или лажни ветувања, веројатно половина од политичарите немаше да се занимаваат со оваа професија. И сигурно немаше да се маскираат во дедомразовци и да се расфрлаат со туѓи неразвојни милијарди.

Во таа насока, со оглед на тоа што идната година е изборна, веројатно суштинска и примарна задача е внимателна селекција на кандидатите за носители на државни функции. Македонија веќе нема право на експерименти и грешки. Не ни требаат веќе ниту палјачовци, ниту дедомразовци, туку способни, докажани, некомпромитирани, професионалци, на кои на прво место им е државата а не парите. По ветото од Франција, повеќе од јасно е дека сите проблеми мора да ги решаваме сами и тука. За тоа треба знаење, а не импровизации. Политиката и управувањето со државата и институциите подразбираат јасно дефинирани правила и принципи, а не соло-партитури во слободна изведба.

Притоа, како клучни предизвици за 2020-та треба да се споменат реформите во правосудството, економијата и животната средина. Заложбите за владеење на правото и функционална правна држава мора да се спроведат, без пардон и без разлика колку тоа некому му се допаѓа или не. И во тоа треба да се влезе енергично, без премислување и повлекување по секоја изјава или критика дома или однадвор.
Може амбасадорот Жбогар и 100 пати да повторува колку правосудниот систем е добар или не, но македонските граѓани најдобро го знаат тоа и го чувствуваат на своја кожа.
Наредниот голем предизвик и приоритет за 2020-та се економијата и обезбедувањето предуслови за високи стапки на економски раст. Ваквите реформи и политики не само што ќе ја доближат земјата до европското семејство и стандарди на ЕУ туку, несомнено, ќе го намалат и растечкиот тренд на иселување од државата, како една од најголемите опасности по нејзиниот опстанок.

И конечно, но не и помалку важно, се секако реформите и заложбите за обезбедување здрава животна средина и чист воздух. Тоа не само што ќе донесе поквалитетен живот и поголема долговечност туку ќе нѐ направи сите и попаметни.
Да, да, токму така. Чистиот воздух го разбиструва умот и ја поттикнува интелигенцијата. Најновите истражувања на Универзитетот на Пенсилванија и Колорадо покажале дека загадениот воздух и зголеменото ниво на јаглерод диоксид во атмосферата влијаат на намалувањето на интелектуалните способности кај луѓето. Па, така, доколку нивото на штетни честички во воздухот остане на сегашното ниво, луѓето до крајот на векот ќе бидат во просек за 50 отсто поглупи. Ајде сега, уште тоа фалеше. Малку ни се еден куп домашни глупости, па сега и преку воздухот ќе нѐ отапуваат. А можеби сме стекнале досега имунитет на загадувањата од секаков вид, па веќе никој ништо не ни може. Чекаме нови бројки и нови истражувања во 2020-та. И пописот тука може да помогне. Од потезите и политиките во 2020-та можеби ќе се види и какво и колкаво влијание имал загадениот воздух досега врз интелигенцијата и интелектуалните способности. Дали нѐ отапува или можеби изострува во умот.

Дотогаш, останете со добро здравје и пријатно расположение
Нашата дружба продолжува и понатаму. Почнувајќи веќе од изданието на „Нова Македонија“ на 3 јануари 2020, подгответе се за ново освежување, збогатени содржини, две насловни страници и други пријатни изненадувања за читателите.
Среќни празници и успешна година.

[email protected]