Двојни игри за внатрешна и надворешна употреба

Терминот „национален идентитет“ како средство за политичка манипулација секогаш бил тежок за дефинирање и често подложен на разни злоупотреби. Но сега апсурдот на грчкото барање за ерга омнес име сега се претвора и во двојно толкување (за внатрешна и надворешна употреба) на поимот (nationality). Дали тоа значи само државјанство како право на патна исправа или и национална припадност како идентитетско обележје на една нација. Двојните и дворски игри по ова прашање се веќе почнати

Топката е во Грција, откако Македонија успешно се извози низ лавиринтот на уставно-законски пречки за спроведување на спогодбата од Преспа. Во грчкиот парламент веќе почна процедурата за ратификација на спогодбата, со што би требало да биде заокружен проектот што меѓународната заедница, пред сѐ од ЕУ и од САД, се промовира како модел за (понатаму) надминување билатерални спорови по демократски пат, без користење насилни средства. Од друга страна, правните експерти укажуваат дека во практичното спроведување на новиот дипломатски модел за решавање (апсурдни) кризи, се прекршуваат основните принципи на демократијата (непочитување на ставот на мнозинството изразен на референдум), на меѓународното право и основните човекови права со игнорирање на правото на самоопределување, како и дерогирање на правната држава преку газење на уставните темели на една суверена држава и носење хибридни закони, кои го компромитираат правниот систем… Списокот на прекршени меѓународни и внатредржавни правни принципи на едно општество, во интерес на „новиот модел“, се чини нема да може да се затвори и со формалното „затворање на случајот за името“, со оглед на апсурдноста на проблемот, кој со спогодбата од Преспа се прави обид да се стави во некакви рационални рамки (наводно за членство на Македонија во НАТО и во ЕУ), без оглед на последиците.

А последиците за „втората страна“, која сѐ уште може да се нарекува македонска, уште на прво читање на спогодбата се низа ограничувања во манифестацијата на националниот идентитет на нејзините граѓани. Премиерот на Владата на Р Македонија, Зоран Заев, како носител на проектот наречен спогодбата од Преспа, постојано ја убедува јавноста во земјата дека иако се додава географска одредница во името на државата, всушност, преку дефиницијата на државјанството (националноста) како македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, се засилува националниот идентитет, или како што тој вели – „се бетонира“. Таквата декларативна позиција за „зацементиран македонски идентитет“, макар и искажана за внатрешна употреба, инстинктивно ја „вознемирува“ грчката игноранција за постоењето нација што се „дрзнува“ да се нарекува – македонска. Се чини дека со низата одредби во спогодбата од Преспа се прави обид за двојна (спинерска) игра со идентитетот – на Македонците да им се остави привид дека национално се „зацеметирале“, а Грците да останат невознемирени во нивното уверување дека терминот македонско и зацементираниот наш национален идентитет, всушност, за нив не постојат. Во таа насока беше протолкувана и т.н. невербална нота на нашиот шеф на дипломатијата до грчката страна за да информира дека спогодбата од Преспа е ратификувана во македонското собрание, со своевидно појаснување на критичните точки за македонската националност и јазик.

„Терминот ’националност’ на втората странка дефиниран во договорот како ’македонско/граѓанин на Северна Македонија’ се однесува ексклузивно само на државјанство, но не и на етничка припадност. ’Македонскиот јазик’ се однесува на официјалниот јазик на втората странка, признаен на третата конференција на ОН за стандардизација на географски имиња, одржана во Атина во 1977 година, кој спаѓа во групата на јужнословенски јазици“ – стои запишано (но на англиски јазик) во известувачка нота на македонското министерство за надворешни работи до грчкиот премиер Ципрас.

Терминот „национален идентитет“ како средство за политичка манипулација секогаш бил тежок за дефинирање, а во случајот со македонскиот се чини дека треба да се примени формула за негово тројно расчленување, за да се задоволи грчката илузија за негово непостоење. Националниот идентитет во македонскиот случај треба да се расчлени според „американска формула“ во која националноста (nationality) се дефинира како припадност на уставотворен народ, државјанство (citizenship) како право на пасош, и етничка припадност (ethnicity) по културни и национални обележја на една нација, кое го изедначува со терминот националност (nationality). Значи, во САД, националноста се изедначува со етничка припадност, а државјанството го означува само правото на патна исправа/пасош, но во македонскиот случај, според грчкото читање на Преспанскиот договор, веќе нема изедначување на националноста со етничката припадност. Така апсурдот на грчкото барање за ерга омнес име сега се претвора и во двојно толкување (за внатрешна и надворешна употреба) на поимот (nationality). Дали тоа значи само државјанство како право на патна исправа или и национална припадност како идентитетско обележје на една нација.

За меѓународната заедница, новиот дипломатски модел за решавање (апсурдни) кризи не смее да пропадне. Откако Преспанскиот договор ги помина сите демократски предизвици (замислени пречки) на македонската политичка сцена, се укажува дека истата методологија ќе биде применета и во грчкиот парламент, и покрај изразеното негодување на грчката страна, иако со дијаметрално спротивни мотиви од противењето во македонската јавност. За втората страна (македонската) од договорот, причините поради кои се спроведува идентитетскиот инженеринг (членство во НАТО и во ЕУ) и понатаму се далечна цел за освојување. Првата (грчката) страна и со Преспанскиот договор и понатаму има можност да си поигрува со условите што ќе ѝ ги поставува на патот на Македонија до целта на НАТО и на ЕУ. Моделот за решавање апсурдни кризи некои може да го сметаат и за успешен, но не и во случај ако идентитетот потоа се собира на парчиња.