Дворските игри во Бански двори

Домашните политички коментатори тврдат дека зад последните обиди за прегрупирање на силите всушност се одвива процес за избирање нов лидер на десницата во Хрватска. Тоа е земја што од странските медиуми се споменува како „проблематичното дете на ЕУ“

Бански двори е називот на историскиот објект што бил дом на хрватските банови од 1809 до 1918 година. Поимот Бански двори, денес, во преносно значење означува Влада на Република Хрватска, односно политиката што таа ја спроведува. Ова е тоа што пишува на Википедија за оваа зграда на еден кат, која е лоцирана на главниот плоштад во Загреб. Она што во овој момент се случува зад ѕидовите нa овој објект со впечатлива барокна фасада е многу посуштествено и ги одразува актуелните политички случувања во Хрватска, кои во голема мера можат да влијаат на пренасочување на политичката моќ во владејачката партија ХДЗ. Во оваа партија подолго време се одвива внатрешна пресметка во десницата, што може да се одрази и на идните настани во земјата, како и на односите во регионот.

Во фокусот на најновата политичка афера што ја отвори новата рунда од пресметката меѓу радикалното и националистички ориентирано крило во ХДЗ и владата на актуелниот премиер Андреј Пленковиќ, се најде вториот човек на партијата Милијан Бркиќ. Медиумите во Хрватска него го поврзуваат со членови од врвот на оваа политичка организација, за кои постојат сериозни индиции дека се инволвирани во „продукцијата“ на лажни СМС, за да го дискредитираат главниот државен обвинител во случајот за разоткривање финансиски малверзации на поранешниот прв човек на најпознатиот фудбалски клуб, а кој бил и донатор и симпатизер на ХДЗ. Неговата приказна за напредувањето во кариерата од обичен партиски член до високи партиски и државни функции се одвива на типичен балкански начин, за што не било потребно поседување високо образование туку е доволно да се има силна логистичка потпора од претходните премиери од ХДЗ. Со името на Бркиќ се поврзува и случајот за заемите што се користени од фирми во бизнисот со гас, а кои биле наменети за претседателската кампања на сегашната претседателка на Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ, и за изборите на европскиот парламент и за носителот Андреј Пленковиќ. Впрочем, оваа афера за која Пленковиќ вели дека не бил информиран за изворот на парите била и првото посериозно разидување на двајцата високи функционери во ХДЗ. Подоцна таа прераснува и во отворени јавни политички спротивставувања, во кои Бркиќ отворено ги застапувал ставовите на десното радикално крило на ХДЗ, а се однесувале на непочитувањето на правата на српските малцинства и бранењето на ставот за останување на плочата со усташкиот поздрав во логорот во Јасеновац, за противењето на носењето на Истанбулската конвенција и сл.

Пленковиќ досега преживеа повеќе странични удари од десно. По неколкуте смени на функционери од пониско ниво, премиерот Пленковиќ цврсто ја контролира состојбата во партијата. Досега Пленковиќ за амортизирање на нападите на себе ги користеше познатите средства од арсеналот на реалполитиката: некои противници ги отстрануваше, а на некои им угодуваше во нивните барања. Особено водеше грижа на здруженијата на ветераните да им се исполнуваат сите барања.

Тоа што им дава посебна тежина на овие внатрешни пресметки во ХДЗ, меѓу радикалното десно крило и премиерот Андреј Пленковиќ, е што се користат проверените полициски методи за јавно дискредитирање личности, заради полесно отстранување од политичкиот живот

Тоа што им дава посебна тежина на овие внатрешни пресметки во ХДЗ е што се користат проверените полициски методи за јавно дискредитирање личности, заради полесно отстранување од политичкиот живот. Претходно „случајно“ протекоа мејлови со преписката на поранешната министерка за економија поврзани со аферата за ангажирање консултанти за финансиско санирање на „Агрокор“. Целта беше самиот Пленковиќ. Ова од советниците за комуникации во кабинетот на Пленковиќ беше протолкувано како водење „хибридна војна“, која има за цел нарушување на безбедносната состојба на земјата! Сомнежи дека бил прислушуван изрази и лидерот на опозициската партија Мост, но тоа помина без поголем публицитет.

За националистичките испади во Хрватска што се насочени кон мигрантите, припадниците на ЛГБТ-заедницата, независните новинари, уметници, активисти за човекови права и за сите што мислат поинаку беше посочувано и од странските медиуми. Норвешкиот весник „Дагсависен“ во својот текст ја нарекува Хрватска „проблематично дете на Европската Унија“, со посебен осврт на дејствувањето на Католичката црква, кој е клучниот актер во промовирањето на таквата националистичка политика, што можело да се види при ратификацијата на Истанбулската конвенција.

Домашните политички коментатори тврдат дека зад последните обиди за прегрупирање на силите всушност се одвива процес за избирање нов лидер на десницата во Хрватска. Последните јавни настапи на претседателката Колинда Грабар Китаровиќ искажаа спротивставени ставови со оние на премиерот Пленковиќ и претставуваа критика на актуелната владина програма, особено во водењето на демографската политика. Во своите настапи таа се залага за хрватските национални интереси, хрватската слога и заедништво, кои се дел од популистичкото десничарско дејствување. Од исходот на оваа тивка војна за „престолот на ХДЗ“ ќе зависи и тоа во кој правец ќе тргне Хрватска, која по зачленувањето во ЕУ не успеа да ги надмине економските проблеми и која по многу индикатори заостана и зад најсиромашните членки Романија и Бугарија.