Две недели за поправен испит на ЕУ

4Со ново одложување на почетокот на пристапните преговори со Македонија, Европа ќе испрати уште една лоша порака за сите земји во регионот – дека каков компромис и да направат, не може да ѝ се верува на ЕУ. Очигледно во Брисел не ги научија лекциите од минатото, кога поради нивната инертност дозволија крвав распад на поранешна Југославија. Несомнено, инертноста на ЕУ изминатите 30 години придонесе многу други структури со години да мешетарат на овие простори

Нешто повеќе од две недели има Европската Унија барем малку да си го обели образот извалкан од неисполнетите ветувања кон Македонија и конечно да најде начин како да го реши проблемот со бугарското вето и Македонија да ги започне пристапните преговори.
Реториките на европските политичари од типот дека ЕУ потфрлила и дека не испорачала, едноставно за нас не се никаква сатисфакција ако знаеме дека Унијата претходно наоѓала начини да се справи со многу поголеми предизвици од бугарското вето, тогаш кога сакала и кога имала интерес.
Сега, очигледно, интересот за проширувањето, особено со земјите од Западен Балкан, и не е толку голем колку што официјален Брисел го прикажува и затоа се толерираат секакви неразумни блокади, зад кои всушност се кријат многу други противници на проширувањето, кои не сакаат јавно да истапат, туку лицемерно се затскриваат претходно зад Грција, сега зад Бугарија.
Како и да е, со ново одложување на почетокот на пристапните преговори со Македонија, Европа ќе испрати уште една лоша порака за сите земји во регионот – дека каков компромис и да направат, не може да ѝ се верува на ЕУ.
Очигледно во Брисел не ги научија лекциите од минатото, кога поради нивната инертност дозволија крвав распад на поранешна Југославија. Додека тие гледаа како побрзо да ги признаат само Словенија и Хрватска, регионот прекуноќ се наполни со муџахедини и странски платеници од други што војуваа за нечии туѓи интереси. Тоа резултира со исклучително крвав конфликт во БиХ, која и ден-денес е нефункционална држава и чија судбина и натаму се крои преку разни нонпејпери, кои катадневно се појавуваат и зад кои никој не знае кој стои. Или барем се креира привид дека божем не се знае менторството над нив, иако зад ваквите сценарија може да се воочи европски ракопис.

Сега ЕУ повторно ја прави истата грешка. Ја остава Македонија без почеток на пристапните преговори, со што несомнено се зголемува евроскептицизмот и овозможува создавање празен простор за кој има многу кандидати што би сакале да го пополнат. За Брисел тоа се трети недемократски страни во кои не се негуваат европските вредности, но, рака на срце, и во Македонија сѐ повеќе ЕУ не се доживува како заедница што се грижи за европските вредности. Како поинаку да се протолкува негирањето на правото на свој јазик, идентитет и историја на еден народ од земја членка на Унијата?
Дополнително, по брегзит, се чини дека ЕУ е целосно разединета и блоковски поделена внатре, а најдобар доказ за нејзината нефункционалност беше лошото справување со корона-кризата, кога секоја земја се снаоѓаше како знае и умее. Сега буквално впечатокот што се добива е како ЕУ да не знае што да прави самата со себе. Затоа не треба да изненадува што и една Швајцарија неодамна ѝ го сврте грбот на Унијата, прекинувајќи ги седумгодишните преговори за постигнување сеопфатен договор за односите со ЕУ. Пред нешто помалку од 10 години и Исланд ги прекина преговорите со ЕУ, откако увиде со кого си има работа.
Едно е сигурно, Македонија не е ниту Швајцарија ниту Исланд, но не треба да дозволи да биде предмет на постојани уцени само затоа што нејзината стратегиска цел е влез во Унијата.
Нашиот народ вели дека кога една врата се затвора, друга се отвора. Ако ЕУ продолжи да не ја отвора својата врата, ќе се најде некој што ќе подотвори друга врата и тогаш веќе можеби ќе биде доцна за Европа, ако веќе и не е доцна.

Несомнено, инертноста на ЕУ изминатите 30 години придонесе многу други неевропски земји со години да мешетарат на овие простори и преку инвестирање сопствен капитал во инфраструктурни, образовни и културни проекти да го шират своето влијание, кое не е многу по мера на Европа. Тие влијанија се веќе длабоко вкоренети низ целиот Балкан, а тактизирањето на ЕУ им оди уште повеќе во прилог.
Но, од друга страна, Македонија не може вечно да чека Европа да ѝ го даде она што ѝ го ветила, а потоа да ја изигрува одново и одново. Можеби и македонските политичари треба да го сменат наративот и, наместо понизност и полтронство, да манифестираат јасен и цврст став кон Унијата и да почнат да ги штитат националните интереси на Македонија.
Без алтернативи и планови се само државите што не се зрели да бидат држави и кои чекаат некој друг да им ги решава проблемите. Па, и една Германија, која се смета за лидер на ЕУ, кога виде дека тешко ќе оди набавката на вакцини преку европските механизми, си најде алтернатива во руските вакцини.

Секако, македонскиот план Б не подразбира предавање во туѓи прегратки, туку мудро тактизирање со интереси што можат да им донесат бенефиции на државата и на нејзините граѓани. Истовремено, тие односи би се граделе врз заемна почит и без уцени, за разлика од ова што денес ѝ се случува на Македонија, која буквално беше понижена за да пристапи во НАТО, а сега е изложена на дополнителни уцени и понижувања само да ги почне преговорите со ЕУ.
Како и да е, јунскиот самит наближува и сега е вистинското време ЕУ да ги почне преговорите со Македонија и да го забрза целиот интегративен процес во регионот. На тој начин повторно ќе се врати надежта дека Европа не нè заборава, но истовремено ќе се испрати и решителна порака до сите други мешетари дека Балканот и географски и геостратегиски е дел од Европа.