Да ја задржиме младината за да ја осигуриме иднината

Затоа вистинско време е сите засегнати страни во земјата (државните институции, бизнис-секторот, академската заедница, НВО-секторот) да понудат соодветни решенија за трајно надминување на состојбите, преку сериозен пристап и уште посериозно спроведување на мерките за спречување на оваа појава, поради која се намалува бројот на младите од Македонија. Се разбира, тука во преден план мора да бидат економските политики, обезбедувањето повисок раст на БДП, стабилен и одржлив развој, кои ќе придонесат и за зголемување на вработеноста, повисоки плати и, секако, за подобар животен стандард

„Логиката ќе ве однесе од точката А до точката Б, но имагинацијата ќе ви го реши проблемот и ќе ве однесе насекаде“, ова е можеби една од најпознатите реченици што некогаш ги кажал Алберт Ајнштајн, еден од најголемите умови и најзначајните личности во историјата на светот. Токму за оваа мудрост на Ајнштајн, би требало да размислат оние што ја раководеле и ја раководат земјава во која од година на година, од ден на ден се зголемува иселувањето на оние што треба да бидат иднината на македонското општество и држава.

Последна ваква загрижувачка информација стигна неделава, кога низ медиумите проструи информација, која истакна дека дури 77 отсто од младите што живеат во земјава размислуваат да се иселат, пред сѐ во земјите-членки на Европската Унија. Според информациите на истражувањето на Центарот за истражување и креирање политики (ЦРПМ), кое било спроведено врз на анкета на млади лица на возраст од 15 до 29 години, причините за ваквиот став на младите лежат во лошиот квалитет на животот и политичко-економската несигурност во нашата земја. Истражувањето покажало и дека 91,6 отсто од младите се отселуваат затоа што сметаат дека нивниот глас не е доволно застапен во процесите на одлучување во државата.

За жал, ова информација не е единствена што ја потврдува бесперспективноста на младите во земјата и го покажува трендот на засилување на иселувањето. Македонија се соочува со т.н. бела чума, незапирливо и во загрижувачки размери веќе со години. Сите лицитации со бројките за внатрешна употреба се ставаат под прашалник, бидејќи најзначајната статистичка операција – пописот, не е спроведена уште од 2002 година. Во отсуство на официјални статистички податоци, претпоставката за бројот на иселени од Македонија е различен. Светска банка оперира со цифра од околу 600 илјади, Евростат, пак, со над 230 илјади млади луѓе што заминале од 1998 година досега од државата. Натаму во обемната студија „Светски процент на популацијата“ на Одделот за население на Организацијата на ОН, се истакнува дека Македонија во следните 35 години ќе се најде на 29-то место од вкупно 43 земји за кои се прогнозира пад на бројката на населението. Загрижувачки тренд покажува и последната студија на фондацијата „Фридрих Еберт“, која вели дека поголем дел од младите во Македонија сакаат да заминат во странство, а дури една третина од нив воопшто и не помислуваат некогаш да се вратат дома.

 

Во меѓувреме, главни дестинации за иселување се Западна Европа, САД, Канада, Австралија, во зависност од можностите и околностите. Последниов период се чини најатрактивна е Германија, каде што само последните две години околу 25 илјади македонски државјани заминале во потрага по подобро утре.

Ниту ветувањата за евроатлантска иднина, ниту странските инвеститори ниту успешните рангирања, ништо не го запира трендот на иселување на младите, кој напротив – само се засилува! Младите се депримирани, експертите загрижени, а државата е немоќна да најде трајно решение за проблемот и да го спречи иселувањето

На алармантноста на состојбата со одлив на млади и образовани луѓе укажува и владиниот документ „Национална стратегија за вмрежување, соработка и намалување на одливот на високообразовани и стручни кадри 2013-2020 година“ каде што е запишано дека речиси 30 проценти од високообразованите луѓе од Македонија, живеат и работат во странство, а речиси 80 отсто од студентите во завршните години на студиите на техничките факултети размислуваат или планираат да заминат од земјата. Слични информации изнесува и „Националната стратегија за млади 2016-2025 година“ изработена од Министерството за образование и наука каде што се укажува дека еден од клучните проблеми со кој се соочуваат младите во земјава е високата стапка на т.н. младинска невработеност, која во 2015 година кај младите од 15 до 24 години изнесувала 48,2 отсто, а овој проблем, според документот, е тесно поврзан со финансиската состојба и влијае на низа други прашања поврзани со квалитетот на животот.

И сега што може да се заклучи по сите претходно наведени релевантни истражувања и публикации, домашни и странски и загрижувачките податоци изнесени во нив. Дека ако се продолжи на ваков начин и ако веднаш не се преземат мерки, државата ќе остане без младина. Ќе се испразни до непоправливи граници, по кои сите други прашања и проблеми ќе губат секаква смисла. Од памтивек останала изреката дека човечкиот капитал и образованата младина се најголемото богатство и капитал на секоја држава. За жал, ова наше богатство и капитал сѐ повеќе се топат и се распродаваат неповратно.

Фер е да се истакне дека сите досегашни политички гарнитури што раководеле со земјава, сите овие години по независноста, очигледно не направиле доволно за да го спречат овој тренд. Напротив повеќе од очигледно е дека ниту ветувањата за светла евроатлантска иднина, ниту странските инвеститори, ниту успешните рангирања, ништо не го запира трендот на иселување на младите, кој напротив – само се засилува! Младите се депримирани, експертите загрижени, а државата е незаинтересирана да најде трајно решение за проблемот. Затоа вистинско време е сите засегнати страни во земјата (државните институции, бизнис-секторот, академската заедница, НВО-секторот) да понудат соодветни решенија за трајно надминување на состојбите, преку сериозен пристап и уште посериозно спроведување на мерките за спречување на оваа појава, поради се намалува бројот на младите од Македонија. Се разбира, тука во преден план мора да бидат економските политики, обезбедувањето повисок раст на БДП, стабилен и одржлив развој, кои ќе придонесат и за зголемување на вработеноста, повисоки плати и, секако, за подобар животен стандард.