Да не се плашиме од образовен систем што бил предмет на детална анализа и синтеза

Политичарите не смеат да го крeираат образовниот систем. Промените започнуваат од оние што се дел од системот и од оние што се во училницата. Затоа сите конструктивни размислувања произлезени од сите досегашни средби со универзитетски професори, наставници, практичари и познавачи на состојбите треба да се земат предвид при воведувањето промени. Редно е конечно да се слуша стручната јавност и редно е да не се брза да се имплементира сѐ што поскоро. Затоа што од она што се прави денес, резултатот ќе се види по многу години

Изминатиов период буквално е вжештено во ресорот образование. Причината е позната. Од една страна, се најавуваат историски промени во основното образование, кои подразбираат промена во пристапот на учење, начинот на работа, промени во однос на учебниците и наставните програми и предметите. Од друга страна, веќе втора недела наставата ја бојкотираат матуранти од повеќе училишта во државата, барајќи да им се скрати материјалот за учење за претстојното полагање на државната матура. Периодов се актуализира и новината за воведување сексуално образование од септември годинава, за кое во јавноста, преку социјалните мрежи, е пласирана информација дека ќе се воведува од второ одделение. Иако тоа е проверена дезинформација, успеа да предизвика лавина реакции, коментари и критики. Нешто слично се случи и со лиферуваната информација дека се укинува предметот Историја, што исто така не беше точно. Лажните вести и непроверените информации не се нова појава, но, намерно пласирани или не, предизвикуваат сериозен проблем, кој нанесува голема штета, особено во чувствителниов период, кога и онака јавноста е збунета во однос на сето она што се најавува.

Во врска со концепцијата за основно образовaние и најавените реформски процеси, од една страна, има многу луѓе на кои не им е докрај јасно што сѐ ќе биде опфатено со промените и што прецизно ќе се менува со новиот концепт на основно образование, а од друга страна, очигледно е негодувањето, бидејќи луѓето „се извадени од памет“ од досегашните мноштво неуспешни експерименти во образованието. Па, затоа, веројатно атмосферата што се создава е оправдано наелектризирана. Надлежните се обидуваат да презентираат што ќе се менува, но јавноста со право е скептична. Како би успеале да ги имплементираат сите тие новини во системот, почнувајќи од септември годинава? Ако се промените темелни, како што се најавува, зошто толку се брза? Една обука или две, секако дека нема да му ги сменат пристапот и начинот на функционирање на еден наставник, на пример, со дваесетгодишно искуство во кариерата.

Не одат нештата така, особено не кога намерата е да се реформира образовниот систем, кој е темел на државата. Треба сѐ да се одвива внимателно, по принципот чекор по чекор, а во меѓувреме треба да бидеме оптимисти дека конечно можеби и ќе видиме нешто што ќе успее го врати кревкиот систем во колосек.
Некои од граѓаните со право реагираат на сето ова со недоверба, со оглед на фактот дека имавме премногу мерки и реформи во минатото што не дадоа баш сјајни резултати. Задолжителното полагање математика во рамките на државната матура, екстерното тестирање, воведувањето на Кембриџ-програмите, деветгодишното образование, воведувањето електронски дневник, воведувањето многу административни обврски за наставниците, десетиците обуки низ кои тие поминаа низ годиниве… се само некои од промените што ги претрпе образовниот систем. Некои од нив беа добра идеја, но имаа слаба реализација. Токму затоа и сега се разбирливи реакциите на луѓето во врска со новата концепција.

Среќа во несреќа е дека и во поделбите меѓу образовните експерти, сите се единствени – дека промени мора да се случат. Низ годиниве сите што се дел од образовниот систем бараат промени. Најгласни во тоа се наставниците, кои најдобро знаат што се покажало дека чини, а што не, со оглед на фактот дека во училница најдобро се согледуваат работите

Изминатиов период сведоци сме на незапирливо тонење во спиралата на политичките поделби. Таквите поделби, несомнено, се одразуваат и меѓу стручната јавност. Среќа во несреќа е дека и во поделбите меѓу образовните експерти, сите се единствени – дека промени мора да се случат. Низ годиниве сите што се дел од образовниот систем бараат промени. Најгласни во тоа се наставниците, кои најдобро знаат што се покажало дека чини, а што не, со оглед на фактот дека во училница најдобро се согледуваат работите.
Политичарите не смеат да го крeираат образовниот систем. Промените започнуваат од оние што се дел од системот и од оние што се во училницата. Политичарите се тука за да ги поддржат нивните издржани сугестии и предлози. И затоа сите конструктивни размислувања произлезени од сите досегашни средби со универзитетски професори, наставници, практичари и познавачи на состојбите треба да се земат предвид при воведувањето промени. Редно е конечно да се слуша стручната јавност и редно е да не се брза да се имплементира сѐ што поскоро. Затоа што од она што се прави денес, резултатот ќе се види по многу години. Потребно е да се најдат можности за добро реформирано основно образование. Да не зажалиме утре за она што денес правиме да е систем.