Да не дозволиме цензусот да нѐ порази

Ако резултатската разлика на освоените гласови на двајцата кандидати што продолжија во вториот круг се опишува како „тесна“, тогаш одзивот на гласачите во првиот круг, со 41,82 отсто, може да се отслика со метафората „низ иглени уши“. Како што сега стојат работите со предусловите и условите за избор на претседател на државата, со изразување незаинтересираност за политичките процеси, може да се случи да дозволиме цензусот да нѐ порази сите и да влеземе повторно во маѓепсаниот круг на политичката криза

По првиот круг на претседателските избори во Македонија, кој се одржа во неделата, на 21 април, некои аспекти на промените во политичката клима во земјава станаа појасни, но недоумиците за одредување и постигнување на одлучувачкиот фактор за победа останаа како предизвик и за вториот круг, кој ќе се одржи на 5 мај. Тесната разлика на освоени гласови во првиот круг (која се пресметува во промили) на двајцата натпартиски кандидати за претседател, Стево Пендаровски (СДСМ-ДУИ) и Гордана Сиљановска-Давкова (ВМРО-ДПМНЕ)м кои се квалификуваа во „финалето“, во двете партии (т.е. коалиции) што ги поддржаа се толкува на ист начин. Односно, и од двете страни сопствениот резултат јавно се прикажува како своевидна најава за сопствената конечна победа, што логично наведува дека противникот го очекува пораз. Во тој контекст се надоврзува наративот дека гласачите ги препознале „позитивниот ефект и добрите намери“ на нивните политики и, секако, „деструктивниот момент“ во политиките на противникот… Секако, тоа е првата постизборна „пресретнувачка“ реакција по објавувањето на првичните изборни резултати, пред соочувањето со пораките што произлегуваат од нив за да се стигне до целта – претседателскиот мандат, во вториот круг, макар и со симболична предност, која се изразува во промили.

Но на претседателските избори, според Уставот, сечија победа во вториот круг може да се претвори во Пирова доколку не се исполни цензусот, т.е. одзив на 40 отсто од граѓаните запишани во единствениот избирачки список. Во практиката се покажува дека таквиот цензусен предуслов е поголема закана за конечниот изборен исход, отколку освојување на мнозинство од 50 отсто плус 1 гласач од излезените гласачи. Ако резултатската разлика на освоените гласови на двајцата кандидати што продолжија во вториот круг се опишува како „тесна“, тогаш одзивот на гласачите во првиот круг, со 41,82 отсто, може да се отслика со метафората „низ иглени уши“.

Споредбените статистики уште веднаш покажаа дека тоа е најмалиот одзив во историјата на македонските претседателски избори, што некои аналитичари го толкуваат со фактот дека се први самостојни избори (без парламентарни или локални) од 2004 година… Други проследувачи на политичките состојби во тоа гледаат продолжување на трендот на бојкот од референдумот на 30 септември минатата година, кога се бараше изјаснување за Преспанскиот договор… Во секој случај, сите се согласуваат дека слабиот одзив е порака на незадоволство и разочараност на граѓаните од политиките и однесувањето на политичките елити, независно од нивниот предзнак. Можеби најилустративно тоа беше манифестирано на избирачкото место во селото Рамни Габер, во општината Студеничани, каде што бил скриен клучот од избирачкото место, па изборите не можеле да почнат навреме.

Правото на апстиненција на избори (и на референдум) е легитимен израз на волјата и на ставот на граѓаните за одредени политички прашања, порака кон политичките елити, порака кон моќниците. Но покрај тоа, односно основната суштина на граѓанскиот глас е давање свој придонес (мислење), па и одлука во креирањето на сопствената сегашност и иднина. Иако политичарите ги доживуваат изборите како неизбежен начин за постигнување на сопствениот интерес, сепак сѐ уште е „во сила“ вистинската дефиниција дека демократските избори се спроведуваат за исполнување на интересот на граѓаните. Тоа значи дека и понатаму граѓаните излегувајќи на избори, на каков било начин да го изразат своето мислење и (не)доверба, одлучуваат за сопствениот интерес.

Дебатите за (не)потребноста на цензусот за претседателски избори и начинот на избор на претседател на државата, во овој момент кога изборниот циклус е навлезен до вториот круг, се ирелевантни. Размислувањата се главно насочени кон ситуацијата кои би можеле да бидат последиците доколку не биде постигнат цензусот во вториот круг и изборите се покажат како неуспешни. Првичниот одговор е распишување нови избори, според процедура предвидена во Уставот, што имплицира нов претседателски изборен циклус, но и сигнал за предвремени парламентарни избори… Политичката меморија, дури и онаа краткорочната, покажува дека таквиот исход води кон политичка криза, која во Македонија многу лесно може да се претвори во хронична состојба. Познати ни се веќе и методите за решавање такви кризи, кога се вклучува меѓународниот фактор, кој настојува да дојде до решение по каква било цена, што обично е на штета на граѓаните. Кога другите решаваат за нашата судбина, обично се раководат според принципот „сто стапа по туѓ грб не болат“ и своите решенија ги претставуваат како вин-вин ситуација. Искуството, а и теоријата, вели дека апатијата и разочараноста не се начин за надминување на кризните ситуации, па ни игнорирањето на својата граѓанска моќ за искажување на сопствениот став. Како што сега стојат работите со предусловите и условите за избор на претседател на државата, со изразување незаинтересираност за политичките процеси, може да се случи да дозволиме цензусот да нѐ порази сите и да влеземе повторно во маѓепсаниот круг на политичката криза.

Фото: Дарко Андоновски