Датумот веднаш

Сѐ поизвесно е дека денеска, на Советот на министри на ЕУ, во Луксембург, напредокот на Македонија можеби ќе биде тема на состанокот, но повторно ќе има креативно толкување за ново одложување на фамозниот датум за почеток на преговорите. Очигледно кога е во прашање Македонија зборот „веднаш“ за европските лидери има значење на одложено дејство. И тоа на (не)одредено време!

Ако датумот за почеток на преговори за членство во ЕУ беше некаква медикаментозна терапија за контролирање на европските надежи и амбиции за македонските политичари, тогаш веројатно Македонија е членка на Унијата, денот кога сме станале членка на НАТО или е заборавен или е национален празник… и веројатно живееме во 2030 година или, да биде уште посигурно, некаде уште подалеку во иднината. Зашто ако датумот е терапија, тогаш сигурно е со одложено дејство, па сега ја чувствуваме само горчината на таблетката, а вистинскиот ефект на лекот ќе го почувствуваме со текот на времето. Во оваа футуристичка метафора со терапевтски мотиви за македонските евроинтеграции, секако, постојат недоречености и недокажани моменти, но тоа е и функцијата на стилските фигури – не мора да се придржуваат цврсто до реалноста и преку симболи да ги доловат состојбите. Но недостига и клучниот момент за развој на евроинтегративната фантазија – Македонија сѐ уште нема датум за почеток на преговори за членство во ЕУ! А горчливата пилула што како акутна терапија ја препорачуваа европските лидери беше всушност – Преспанскиот договор со Грција, со кој Република Македонија си доби географска одредба „северна“ пред своето историско име и уште многу други обврски што практично ги ограничуваат и редуцираат идентитетскиот и историскиот опис на нацијата.

Претходно, исто во име на добрососедството и надминување на разликите со соседите во поглед на македонското самоспознавање, сличен договор беше потпишан и со Бугарија. Наводно сите тие (два) договори со соседите, Грција и Бугарија, инаку членки на ЕУ, требаше да бидат доказ на намерите на Македонија за прифаќање на европските вредности и критериуми, без оглед што со многу одредби во нив беа игнорирани меѓународното право и основните човекови прави според повелбата на Обединетите нации. Како „специјална придобивка“, само за Македонија, овие договори беа поставени како дополнителен предуслов на Копенхашките критериуми за членство во ЕУ, кои беа вообичаени претходно за досегашните членки на Унијата. Во текот на изминатите петнаесетина години од добивањето на статусот земја-кандидат за членство во ЕУ (од 2005 година), на Македонија, и имплицитно и директно, ѝ беше укажувано од европските функционери и лидери дека штом ќе ги исполни сите критериуми и особено предусловите – веднаш ќе добие датум (за почеток) за преговори со ЕУ. Навистина, како што одминуваа процесите на голтање на горчливата пилула, полноправното членство во ЕУ се помалку сѐ споменуваше, но „датумот веднаш“ и понатаму беше употребуван како „главната награда“ со која засега треба да се задоволи земјата што си го смени името.

Всушност, ако внимателно се слушаа изјавите и пораките на европските лидери, кои лично на терен (британската премиерка – Тереза Меј, германската канцеларка Ангела Меркел) или преку видеопорака (францускиот претседател Емануел Макрон) ги убедуваа Македонците да го прифатат Преспанскиот договор на референдум, можеше да се забележи дека тие зборуваат општо за европската перспектива на земјава, во некоја неодредена иднина, без ветување на конкретен рок. Уште поинтензивно и „поубедливо“ во преспанската кампања учествуваа и еврокомесарите Хан и Могерини, а не заостануваше ни генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, кои речиси тврдеа дека „датумот само од нас зависи“, односно од прифаќање на Преспанскиот договор и промената на името (и идентитетот) на државата. Со оглед на неуспешниот референдум, очигледно дека граѓаните добро ги сфатиле интересите на европските лидери (наводно оттргнување на регионов од други „неевропски“ геополитички влијанија), но понатамошните политички процеси го апстрахираа референдумскиот резултат, водејќи се од наводните европски ветувања, дека штом ќе заврши имплементацијата на Преспанскиот договор, датумот ќе го имаме в џеб – веднаш!

Од потпишувањето на Преспанскиот договор во Нивици помина точно една година, а четири месеци од негово стапување во сила со изгласување и во македонскиот и во грчкиот парламент. За еден и пол месец ќе се сторат две години од договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија, кој сега во неговата примена ги покажува сите недостатоци на асиметричноста, на штета на Македонија. Всушност, колку што Македонија ги исполнува одредбите од договорите, се покажува дека и понатаму не е заштитена од можноста за нејзино блокирање на патот кон евроинтеграциите, од страна на соседите. Во меѓувреме, земјава доби уште еден (нај)позитивен извештај од Европската комисија (во заминување) за напредокот во европските реформи, како и десетта препорака за почеток на преговорите. Сепак, сѐ поизвесно е дека денеска, на Советот на министри на ЕУ, во Луксембург, напредокот на Македонија можеби ќе биде тема на состанокот, но повторно ќе има креативно толкување за ново одложување на фамозниот датум за почеток на преговорите. Очигледно кога е во прашање Македонија зборот „веднаш“ за европските лидери има значење на одложено дејство. И тоа на (не)одредено време!