Дали Европа ги заборава лекциите од историјата?

Се наметнува потребата од повторување на најважната лекција од Денот Д и воопшто Втората светската војна – сѐ додека земјите соработуваат, тие се успешни, а додека, пак, онаму каде што владее национализмот, неизбежно е да следуваат насилство и војна

Европа деновиве ја одбележува 75-годишнината од сојузничката инвазија во Нормандија, а во Британија и во Франција се организираат големи манифестации во чест на овој голем ден во европската историја. Со пристигнувањето на речиси двесте илјади сојузнички војници на плажите во северна Франција беше отворен т.н. Западен фронт, со што му беше зададен фатален удар на нацистичкото дивеење, предводено од можеби еден од најголемите злосторници во историјата – Адолф Хитлер. Навистина голем ден за Европа, која пред повеќе од седум децении плати превисока цена (загубени човечки животи, уништени иднини на милиони семејства, огромна материјална штета) за доцното будење пред налетот на монструозно убиствената тоталитарна машина од нацистичка Германија. Некој можеби ќе каже дека европските сили, пред сѐ Британија и Франција, намерно ги затвораа очите пред подемот на нацизмот, но и фашизмот во Италија, предводени од своите (гео)политички интереси и погрешни калкулации за иднината. Прашања што и ден-денес ги мачат историчарите на европскиот континент…

Но европската политичка боранија не би била тоа што е, ако овој празник на слободна Европа не беше фрлен во сенка од два момента – сѐ поголемиот подем на национализмот и десничарската идеологија во повеќе земји и намерното целосно игнорирање на Русија и придонесот на милионите советски жртви во отворањето на Западниот фронт. Додека германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот лидер Емануел Макрон од плажите во Нормандија упатуваат апели за единство на Европа, отелотворена во Европската Унија, во повеќе европски земји националистичките и екстремно десничарски сили се во незапирлив подем. Дури и во самата Британија, од каде што почна Денот Д, многумина се убедени дека на земјата ќе ѝ биде подобро сама, отколку во коалиција со партнерите од ЕУ. Радикалните заговорници и поддржувачи на брегзит дури и се подготвени да ја изложат земјата на огромни економски тешкотии и неизвесности, сѐ со намера да ја реализираат нивната идеја за национална гордост. Да беше „само“ Британија во прашање, можеби целата слика и немаше да беше толку мрачна. Но ваквиот вид назадна идеологија се шири како шумски пожар низ цела Европа. Од националистичкиот, а сѐ почесто и затскриен тоталитарен вирус се заразени и Унгарија, Полска, па и Италија. Не е поштедена ниту Германија, носителот на најтешкиот историски товар од Втората светска војна, каде што десничарската популистичка партија Алтернатива за Германија сѐ повеќе добива популарност и успешно ги заведува германските гласачи во последните неколку изборни циклуси.

Додека германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот лидер Емануел Макрон од плажите во Нормандија упатуваат апели за единство на Европа, отелотворена во Европската Унија, во повеќе европски земји националистичките и екстремно десничарски сили се во незапирлив подем. Дури и во самата Британија, од каде што почна Денот Д, многумина се убедени дека на земјата ќе ѝ биде подобро сама, отколку во коалиција со партнерите од ЕУ

Истовремено, сеќавањето на руските жртви и придонесот на Советскиот Сојуз за конечниот колапс на нацистите (не)намерно беше изоставено од одбележувањето на Денот Д. На свеченостите за 70-годишнината од сојузничката инвазија, советското знаме барем се најде помеѓу знамињата на победничките сили. Годинава и тоа е заборавено. Се игнорира историскиот факт дека Денот Д немаше да биде возможен без големиот напредок на советските сили кон Берлин и сѐ поочигледниот колапс на тамошниот нацистички режим уште пред западните сојузнички армии воопшто да стапнат на почвата на Европа…
Па, така, се наметнува потребата од повторување на најважната лекција од Денот Д и воопшто Втората светската војна – сѐ додека земјите соработуваат, тие се успешни, а додека, пак, онаму каде што владее национализмот, неизбежно е да следуваат насилство и војна. Или, како што тоа вешто го кажа бившиот француски претседател Франсоа Оланд на 70-годишнината од Нормандија: „Победата во Втората светска војна не беше победа над една земја над друга, туку победа на идеалите над тоталитарната идеологија“.

[email protected]