Дали авганистанската чорба ќе има ист вкус и на Балканот?

Продолжувањето на политиката од Брисел за користење на Балканот како некој вид тампон-зона од можниот бегалски бран (но и од друго надворешно и „незападно“ влијание), само повеќе ќе ги влоши состојбите во земјите во Западен Балкан, особено во време кога се случуваат меѓуетнички тензии во Босна и Херцеговина, Црна Гора и во Косово. На потег е Европската Унија, која јасно треба да одлучи што ќе прави со тешко стекнатиот мир на Балканот

По речиси три децении од последната војна, државните институции на земјите од Балканскиот Регион повторно се ставени пред испитот на „издржливоста“ да ја одржат внатрешната и регионалната релативна стабилност. Деновиве се изначитавме разни анализи и предвидувања за идните глобални случувања по доаѓањето на талибанците на власт во Авганистан. Од многу сериозни извори се испраќаат предупредувачки предвидувања за можноста за преповторување на некакво „авганистанско сценарио“ на Балканот. Колку и да изгледаат претерано овие „пророчки“ предвидувања, потребно е да се пристапи сериозно во периодот што ќе следува и да се извлечат сериозни поуки и лекции, како за меѓународната така и за домашната јавност.

Авганистанската криза уште еднаш ја покажа ранливоста на Балканот и способноста на државните институции да се носат со предизвиците од новата мигрантска криза, која може лесно и брзо да ги запали националистичките страсти од минатиот век, кои предизвикаа многу страдања и жртви за населението од поранешните југословенски држави.
Но што е тоа во случувањата во Кабул, кој е илјадници километри далеку од нас, што ја прави состојбата сериозна за нашите балкански услови. Брзиот пад на поранешната регуларна авганистанска власт е одраз на неколку фактори: дејствување на силни радикални и националистички групи, висока корупција во власта, нефункционални институции и отсуство на јасен план и стратегија на меѓународната заедница. Сево ова може да се препознае и во секоја земја поединечно, но и за целиот Западен Балкан.
Секако, сериозноста на ситуацијата ја дополнува и потенцијалниот безбедносен ризик што го носи илегалниот прилив на бегалци, но да бидеме докрај внимателни, не треба да му се пристапи со никаква леснотија на доброволниот прием на авганистански граѓани што соработувале со меѓународните мисии во оваа азиска земја! Напротив, институциите треба најодговорно и најпрофесионално да си ја завршат својата работа.
Не случајно и во последната анализа на поранешниот висок европски функционер Карл Билд се посочува дека „по 25 години релативен мир, Балканот допрва треба да постигне трајна стабилност на која се надеваше кога се стави крај на војните во регионот“.

Што е тоа во случувањата во Кабул, кој е илјадници километри далеку од нас, што ја прави состојбата сериозна за нашите балкански услови. Брзиот пад на поранешната регуларна авганистанска власт е одраз на неколку фактори: дејствување на силни радикални и националистички групи, висока корупција во власта, нефункционални институции и отсуство на јасен план и стратегија на меѓународната заедница. Сево ова може да се препознае и во секоја земја поединечно, но и за Западен Балкан во целина

„Со две децении војна во Авганистан што доаѓа до најмрачниот можен крај, вредно е да се запамети дека поминати се три децении откако војната пристигна на Балканот. Двата случаи се примери за тоа како лошото управување во војна може да има катастрофални последици што се влечат со децении“, заклучува Билд.
Во продолжението на анализата, тој нагласува дека иницијативата за „Отворен Балкан“ не е доволна и упатува сугестија до Европската Унија „да го преземе водството со предлагање нов аранжман, кој би вклучил понуда за членство во рамките на својата царинска унија и единствен пазар“. Алтернативата за Западен Балкан е да се лизне наназад во насилство. Се случило и претходно. Се случува и сега во Авганистан. Не смее да се случи повторно во Европа. Сега, со застојот на ЕУ-интеграциите, не може, а да не се исклучи враќањето на насилните конфликти, предупредува Карл Билд.

Слични оцени беа изнесени и во други анализи во кои се посочува на извесно двоумење на Вашингтон, Брисел и на Берлин околу економското поврзување на земјите од Западен Балкан. Дилемата што сега е присутна кај европските дипломати е дали овој напор би можел да ги скрати напорите на Европската Унија за поттикнување регионален дијалог и соработка (преку т.н. Берлински процес) или, уште полошо, да создаде алтернатива за пристапувањето во ЕУ, пишува во освртот на „Форин полиси“
Несомнено, отсуството на политичка и дипломатска волја во официјален Брисел да се одмрзне и забрза процесот на проширување на ЕУ за земјите од Западен Балкан, го става целиот регион пред неизвесна иднина. Се чини сосема е погрешен пристапот на ЕУ да се држи регионот на доволно пристојна дистанца од влијанијата на Русија и на Кина, а притоа да не се направи некој чекор напред и да се искаже искрен однос кон мнозинството граѓани од Западен Балкан, кои бараат побрзо интегрирање во Унијата. Со ваквото однесување, целиот регион се става во целосен застој или во најлош случај на јакнење на автократските системи и на назадување на демократските процеси и човековите права.
На крајот сето тоа ќе доведе и до целосен застој на реформите, кои се неопходни за намалување на корупцијата и за почитување на правото и правната држава, кои се предуслов за отпочнување на пристапните преговори за членство во Европската Унија. Балканските земји многупати досега покажаа дека сакаат да бидат дел од заедничкото европско семејство, а тоа се виде и со доброволното прифаќање бегалци од Авганистан во многу поголем број отколку што прифатија некои членки на ЕУ, пред сѐ, Хрватска и Словенија. Продолжувањето на политиката од Брисел за користење на Балканот како некој вид тампон-зона од можниот бегалски бран (но и од друго надворешно и „незападно“ влијание), само повеќе ќе ги влоши состојбите во земјите во Западен Балкан, особено во време кога се случуваат меѓуетнички тензии во Босна и Херцеговина, Црна Гора и во Косово. На потег е Европската Унија, која јасно треба да одлучи што ќе прави со тешко стекнатиот мир на Балканот.