Грција фатена во сопствената стапица

Самите грчки пратеници и политичари признаваат дека Грција ширела иредентизам, дека македонскиот народ има право на самоопределување и дека и да не постоела Република Македонија, односно БЈРМ, како што велат тие, требало да ја измислат, бидејќи како самостојна држава за нив сме најдобра заштита од ширење на идејата за голема Албанија

Полека привршува пленарната расправа за спогодбата од Преспа во грчкиот парламент, која како во Грција, така и во Македонија се следи со висок степен на заинтересираност, па и исчекување. Привршува и се наѕира крајот на наметнатиот проблем, од кој повеќе од две децении зависи иднината на земјава, нејзиниот евроатлантски пат, но и судбината на нејзините граѓани.

И, како што обично бидува и во филмовите и во однапред изрежираните драмски сценарија, на крајот секогаш испливуваат на површината фактите што цело време се криеле или се измислувале. Па, така, дочекавме да слушнеме и признание директно од Атина дека всушност обвинувањата за иредентизам кон Македонија биле чиста измислица и дека всушност самите тие, односно Грција, ширела иредентизам преку своите тези и барања. Веројатно сега тешко им паѓа да ги признаат и изговорат ваквите зборови. Едноставно, јужниот сосед одамна созреа за распнување на столбот на срамот поради иредентистичките обвинувања што ги упатуваше кон нас постојано низ годиниве, кои деновиве, и покрај заложбата на носителите на целиот проект во Македонија и Грција, премиерите на владите на двете земји да не отстапуваат од намерата целиот процес да се доведе докрај со ратификацијата на Преспанскиот договор, им се враќаат како бумеранг дома, и тоа токму од грчката опозиција во парламентот околу ратификацијата на договорот.

Дебатата што е во тек во Грција деновиве за гласањето дали ќе се прифати договореното од Преспа или не во политичките кулоари, но и пред пратеничките клупи ги извади на виделина сите небулози на апсурдноста на спорот за името. Тоа највпечатливо можеби може да се препознае по последната изјава на претседателот на грчкиот парламент, Никос Вуцис, кој смета дека слоганот „Македонија е една и грчка“, кој се слушаше на протестите во Грција, е „доста иредентистички слоган“. Значи, корените на иредентизмот биле во Грција

Иако во сегашните околности ваквите грчки признанија звучат како Пирова победа, по сѐ што Македонија мораше да направи досега, за да ги исполни и спроведе грчките уцени и барања, што резултира и со промена на Уставот и името, сепак ќе остане да се запамети дека никој не успеал да ја победи вистината. Таа, кога-тогаш, ќе исплива на површина, како што излегува и сега низ директните грчки признанија, за тоа кој всушност смислено измислувал или ширел иредентизам, а кој цело време бил само жртва на таквата пропаганда

Ало, Атина, се слушаме ли? Она што сите нѐ интересира, а верувам и јавноста сега, е дали исто така од вселената се гледа дека Грција најпосле си го согледува иредентизмот во нејзините досегашни политики поради кои Македонија повеќе од две децении тапка во место и поради кои бевме обвинувани дека земјава наводно води иредентистичка политика во однос на Грција и ни беше забранет влезот во ЕУ и во НАТО. Се гледа ли оттаму, високо, досегашното кршење на меѓународното право што го правеше Грција сето ова време, како и на правото на самоопределување на една земја што самата одлучува за своето име. Дали оттаму се јасно видливи и непринципиелните пораки од дузина западни дипломати што парадираа овде пред да го изгласаме новото име и во завиена форма порачуваа дека многу веројатно ќе мораме да ги прифатиме максималистичките барања на јужниот сосед без оглед на сѐ.
Додуша, театарот на апсурдот е својствен за грчката политика сиве изминати години. Можеби најблиску до реалноста и до вистинско согледување на состојбите во однос на спорот за името грчката страна единствено беше пред повеќе години, поточно во времето кога СИРИЗА на Алексис Ципрас беше во опозиција.

Тогаш кога земјата се соочуваше со тешка економска криза, функционери на СИРИЗА излегоа со иницијатива да се признае соседот Македонија под уставното име Република Македонија. Зад оваа иницијатива тогаш застанаа и голем број угледни личности, професори, академици, новинари, дипломати итн. Но политиката потоа си го направи своето и позициите се променија, како и ставот на Грција.

Но сега, охрабрени од доаѓањето на крајот на спорот за името, по сѐ изгледа Атина ќе мора да се соочи со фактите дека за цело време всушност само сееше магла и дома и пред меѓународната заедница и за таа цел само го потхрануваше иредентизмот како нејзина творба. Впрочем, јасно искажаните ставови деновиве во дебата во грчкиот парламент најдобро го покажуваат тоа. Самите грчки пратеници и политичари признаваат дека Грција ширела иредентизам, дека македонскиот народ има право на самоопределување и дека и да не постоела Република Македонија, односно БЈРМ, како што велат тие, требало да ја измислат, бидејќи како самостојна држава за нив сме најдобра заштита од ширење на идејата за голема Албанија.

Иако во сегашните околности ваквите грчки признанија звучат како Пирова победа, по сѐ што Македонија мораше да направи досега, за да ги исполни и спроведе грчките уцени и барања, што резултира и со промена на Уставот и името, сепак ќе остане да се запамети дека никој не успеал да ја победи вистината. Таа, кога-тогаш, ќе исплива на површина, како што излегува и сега низ директните грчки признанија, за тоа кој всушност смислено измислувал или ширел иредентизам, а кој цело време бил само жртва на таквата пропаганда.