Граѓанските пораки наспроти пораките на политичарите

Спротивставените позиции на граѓаните во земјава за договорите на Македонија со ЕУ-соседите, Грција и Бугарија, чија актуелност во македонскиот политички амбиент (па и во соседскиот) никако не стивнува од денот на нивното објавување и потпишување, несомнено одиграа во голема мера решавачка улога и за резултатите од неодамна завршените локални избори. Речиси во сите анализи на она што произлезе како граѓанска порака од изборното соочување на политичките чинители на локално ниво, доминантно е согледувањето дека националните прашања, сепак, надвладеале како причина за изразената одлука и избор на гласачите, иако се работеше за избори за една многу поедноставна опција, имено за тоа кој најмногу би придонел за унапредување на комуналното живеење. Но, според резултатите, може да се заклучи дека неизбежен дел од секојдневието на граѓаните на Македонија е загриженоста за загрозеност на националниот идентитет, речиси еднакво колку грижата за базичниот егзистенцијален опстанок и квалитетот на комуналното живеење. Случувањата, уште ноќта на објавувањето на изборните резултати (понудената оставка на премиерот), речиси без вовед ги активираа турбуленциите во македонската политичка реалност, но ги подигнаа на штрек и политичките кругови во соседството, па и на меѓународните фактори (САД и ЕУ), токму поради почувствуваната неизвесност за развојот на настаните околу судбината на Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија, по уште една репетитивно изразена манифестација на нивно неприфаќање од македонскиот електорат. Особено што првичното изразување на волјата на македонските граѓани за Преспанскиот договор на референдумот (иако од консултативна природа?!) во 2018 година беше поттурнато под тепих од сите домашни и меѓународни актери во случајот за негово инсталирање како нова политичка реалност за Македонија.

Оттогаш во македонскиот политички и општествен амбиент, што значи три-четири години, доминираат два наратива за улогата и придобивките од добрососедските договори, кои, всушност, требаше да ги стават на „брза лента“ европските и евроатлантските интеграции на Македонија. Првиот пристап за афирмативното дејство и влијание на соседските договори за актуелните позитивни меѓународни позиции и симпатии за Македонија, кој го артикулираат потписниците и поддржувачите на овие билатерални државни акти, во најголема мера е подриван, речиси миниран од однесувањето на другите страни потпишани во договорите, но и од нивните гаранти, т.е. самата ЕУ, па во извесна мера и САД.
Моментот што најчесто се истакнува како придобивка од Преспанскиот договор, членството во НАТО, македонската јавност не го прифаќа како доволно силна компензација за промена на старото уставно име на државата Македонија, кое повлече и сериозни загрозувачки тенденции за националниот идентитет. Незадоволството на поголемиот дел од граѓаните на Македонија од внатрешниот, но и меѓународниот контекст за македонскиот идентитет создаден по Преспанскиот договор, ескалира во револт по активирањето нови опструктивни игри од земјите-членки на ЕУ за отворање на преговорите за членство на земјата,во Унијата, што, впрочем, беше и ветување на меѓународните актери.
Прва таква опструкција по потпишувањето на Преспанскиот договор направи ветото на Франција за почеток на македонските преговори, а речиси истовремено Бугарија ги презентира своите дополнителни услови, надвор од веќе потпишаниот Договор за добрососедство од 2017 година, преку рамковна позиција на својата влада и декларација на нивното собрание, за македонското пристапување во ЕУ. Наместо да биде ставена на „брза лента“ за евроинтеграции по сите отстапки што ги направи за соседите (секако, надвор од Копенхашките критериуми за проширување на Унијата), Македонија беше втурната во нова спирала на уцени и идентитетски закани. Уценувачко-заканувачкиот пристап на „партнерите“ во соседските договори, како и толеранцијата на таквото нивно однесување од страна на ЕУ со „принципот на консензуално одлучување“ како изговор, и во македонскиот политичко-експертски корпус често предизвикува реакција на условен рефлекс за радикално раскинување, па и поништување на договорите.

Сепак, политичките прагматичари и од власта и од опозицијата, секој со свое „оправдување“ за мисловно-логичкиот процес со кој дошле до истата позиција, кажуваат дека соседските договори, особено Преспанскиот, се „новата уставна реалност во Македонија“ ( што на едните им е прифатлива, а на другите можеби не им се допаѓа) и своите политички дејства треба да ги усогласат со таквата реалност.
Наспроти прагматично констатираната политичка реалност, резултатите од последните локални избори ја проектираат и реалноста на граѓанското незадоволство од спроведувањето на таквата политичка прагма, која не ги донела посакуваните и ветуваните ефекти. И довербата што ѝ е дадена на политичката опција што се смета за победник на локалните избори претставува своевиден аванс за ангажман во насока на менување на општата реалност во која македонските граѓани чувствуваат дека им се загрозени националниот идентитет, јазикот, историјата… Дека менувањето на името на државата не придонело за напредок во евроинтеграциите, но и дека не им се подобрени ниту стандардот, ниту квалитетот на живот, ниту се посигурни во однос на предизвиците што ги поставуваат глобалните геополитички процеси и интереси… Пораката е дека е потребна промена на реалноста создадена со соседските договори, во интерес на Македонија и македонскиот национален идентитет, која би можела да почне со инсистирање и соседите да го почитуваат својот дел од обврските со договорите и тие да ги изразуваат реципроцитетот и рамноправноста во односите, што, всушност, е основен принцип на европските вредности, во меѓународните односи и во меѓународното право.

Како прв примерен предлог, реципроцитетот во градење на односите може да се примени во решавањето на прашањата за правата на малцинствата, т.е. на македонското малцинство во соседните земји, партнери во добрососедските договори, а уште и членки на ЕУ. Освен тоа, македонската страна би требало повнимателно да ги чита роковите во договорите, со оглед дека на секое предвремено исполнување на некоја преземена обврска од нив, добива нова соседска уцена. Македонија одамна нема маневарски простор за менување на „непланираната“ реалност од добрососедските договори со нови отстапки поради политичка прагма за останување или за освојување власт.