Грантоманија

Со сета почит кон исклучоците, не треба да се водат којзнае колку опсежни истраги за да се види како се арчат парите. Не само европските туку и тие од државниот и од локалните буџети. Општата состојба во земјава јасно го отсликува тоа, исто како и редиците луксузни автомобили паркирани пред скопските ресторани и кафулиња, во кои изненадувачки често низ, речиси по правило, премногу гласната музика може да се слушнат зборови како што се проекти, средства, тендери, грантови… „Грантови“ им е особено мил збор на овдешните корисници, бидејќи парите не се враќаат, а и не се инсистира на многу прецизен отчет за нивното трошење. За некакви сериозни анализи на ефектите воопшто не се ни зборува

Чиновниците од Европската комисија не можат да истражат толку колку што разните формални и неформални посредници и корисниците можат да генерираат проблеми во однос на трошењето на парите од европските фондови. Тоа, меѓу другото, го потврдуваат и неодамнешните информации, според кои, Агенцијата за борба против корупцијата при Европската Унија (ОЛАФ) лани повела 223 истраги поради сомневања за различни злоупотреби, нерегуларности и ненаменско трошење пари од европските фондови од страна на корисниците во одделни земји. Па така, најмногу истраги, 11, биле поведени за трошењето пари во Романија, девет за во Италија, по седум за во Грција, Полска и Бугарија… Во случаите каде што сомневањата биле потврдени, корисниците морале да ги враќаат парите, така што врз основа на 254 препораки за постапување биле побарани назад вкупно 485 милиони евра за кои ОЛАФ проценила дека се проневерени или ненаменски потрошени.
Не е познато дали слични статистики се објавени и за Македонија, но тука бројките веројатно би требало да се множат со три, а доказ за тоа е последната ситуација, кога веднаш по објавата за една можна злоупотреба при распределба на парите од програмата „Еразмус“, преку Националната агенција за европски образовни програми, веќе именувана како случај „Фризерница“, следуваа обвинувања уште за два слични случаи. Па, тие што амбициозно најавуваат дека ќе истражуваат, нека му ја мислат од каде да почнат. Особено поради фактот што барем пошироката јавност досега не беше запознаена ниту со наодите од немал број на претходно најавените истраги. А парите се вртат.

Не постои ниту приближна евиденција за стотици милиони евра неповратни средства што, по разни основи, се слеваат кон Македонија, ниту, пак, некаков регистар на корисници, кои претежно се пријавени како невладини организации, здруженија на граѓани или друштва со ограничена одговорност и неограничен спектар на дејности. Ретки новинари, во неколку пригоди, се обидоа барем малку да ги размрсат конците, но речиси по правило наидуваа на молк или празни ветувања кај надлежните и на закани и притисоци од страна на инволвираните.
Ефектите од (не)реализираните европски пари, пак, се видливи на секој чекор, насекаде низ природата и општеството, независно дали станува збор за нешто, условно речено, конкретно, како на пример за изградбата на инфраструктурата или за „невидливите“ проекти насочени пред сѐ кон развојот на разни социјални сфери, каков што беше посочениот, со распределбата на парите за образование, за реализација на некакви младински, малцински, локални, еколошки и слични политики, за зајакнување на капацитетите на здравството, правосудството, полицијата…
Со сета почит кон исклучоците, не треба да се водат којзнае колку опсежни истраги за да се види како се арчат парите. Не само европските туку и тие од државниот и од локалните буџети. Општата состојба во земјава јасно го отсликува тоа, исто како и редиците луксузни автомобили паркирани пред скопските ресторани и кафулиња, во кои изненадувачки често низ, речиси во правило, премногу гласната музика може да се слушнат зборови како што се проекти, средства, тендери, грантови… „Грантови“ им е особено мил збор на овдешните корисници, бидејќи парите не се враќаат, а и не се инсистира на многу прецизен отчет за нивното трошење. За некакви сериозни анализи на ефектите воопшто не се ни зборува.

Тоа што Македонија не е исклучок и што грантоманијата повеќе или помалку е присутна и во земјите-членки на Европската Унија не треба да служи за утеха и властите да го користат како алиби за толерирање на оваа појава. Доколку, се разбира, станува збор за сериозна власт, која ги има на располагање и е подготвена да ги активира сите механизми за контрола. Тековите на парите, во денешно време, многу лесно може да се следат, па така и да се лоцираат точките на истекувањето

Вистинска грантоманија владее во одредени кругови, кои, случајно или не, секогаш се создаваат околу некој моќен функционер во власта. Нивното екстравагантно однесување, несоодветно и преоптимистичко за општата состојба во земјава, доволно зборува. Како да им паднале секирите во медот, што би рекле старите.
Тоа што Македонија не е исклучок и што грантоманијата повеќе или помалку е присутна и во земјите-членки на Европската Унија не треба да служи за утеха и властите да го користат како алиби за толерирање на оваа појава. Доколку, се разбира, станува збор за сериозна власт, која ги има на располагање и е подготвена да ги активира сите механизми за контрола. Тековите на парите, во денешно време, многу лесно може да се следат, па така и да се лоцираат точките на истекувањето. Тоа, впрочем, е и едно од барањата што постојано ги поставуваат од Европската Унија како дел од пошироката борба против корупцијата, а може да биде и тест за подготвеноста на државниот апарат да се вклучи во поголемиот и посложен систем, каков што е тој на Унијата. Позитивните ефекти и промени во општеството како резултат на целисходно спроведување на финансираните програми и проекти, пак, би претставувале уште поголема придобивка и сигурно не би останале незабележани.

[email protected]