Градски улици или слепи сокаци

Ги сакам белградските улици, и тоа не само незаобиколната Кнез Михајлова, затоа што таму буквално на секој чекор имате понекоја книжарница, а отворањето на секоја нова е настан. Србите имаат издавачка продукција што не може да се прочита за цел еден живот. И тоа не каква било. Тие ги следат светските стандарди во продукцијата, бараат наслови што се најактуелни, негуваат врвни преводи и дизајн, посветени се на потребите на читателите, се трудат цените да бидат достапни и покрај високиот квалитет на изданијата, ги негуваат домашните автори

Деновиве бев во кратка посета на Белград, по подолго време, и повторно се одушевив од она што отсекогаш ми оставало посебен впечаток во овој преубав град – излозите на белградските книжарници. И нивната бројност. И, секако, нивната богата понуда, не само со странски изданија туку и со квалитетни преводи на она што е актуелно во светот, како и со нови изданија на нивните култни автори. Во еден од излозите прекрасни нови и модерни изданија од нобеловецот Иво Андриќ. Да посакаш да ги имаш. Нова монографија на Милена Дравиќ. Како само тамошните издавачи брзо реагираат… Таквите слики кај нас станаа ретки. Еден наш академик во една пригода рече: „Кога на градските улици ќе им се одземат книжарниците, тие стануваат слепи сокаци“.

Е затоа ги сакам белградските улици, не само незаобиколната Кнез Михајлова. Таму, буквално на секој чекор имате понекоја книжарница, а отворањето на секоја нова е настан. Србите имаат издавачка продукција што не може да се прочита за цел еден живот. И тоа не каква било. Тие ги следат светските стандарди во продукцијата, бараат наслови што се најактуелни, негуваат врвни преводи и дизајн, посветени се на потребите на читателите, се трудат цените да бидат достапни и покрај високиот квалитет на изданијата, ги негуваат домашните автори.

На пример, еден од најголемите српски издавачи „Лагуна“ досега има публикувано повеќе од 1.400 странски и 300 домашни писатели, во просек објавува 365 нови наслови годишно, а секој четврти наслов е овенчан со една од светските или домашни книжевни награди. На Лондонскиот саем на книгата пред две години оваа куќа се најде во најтесниот избор за најдобар издавач на светот. Клубот на читатели има над 600 илјади члена, а имаат 42 книжарници во 23 града во Србија, како и десет филијали во Босна и во Црна Гора, нивниот сајт е најпосетен издавачки сајт во регионот, со 20 илјади посети дневно.

И книжарниците им се преполни со купувачи. Видов со свои очи. Редици на каса. Српските издавачи се лидери во настојувањата да се влијае на културната политика на земјата. И не само тоа. Печатат на еколошка хартија, учествувајќи во меѓународниот проект за заштита на шумите. Редовно организираат гостувања на голем број светски писатели, како Марио Варгас Љоса (имаат преведено буквално сѐ од неговото перо, кај нас мислам дека нема ниеден превод), Тони Парсонс, Трејси Шевалие, Тарик Али…

Што се случува кај нас?

Најдобар пример за тоа како една убава идеја може да пропадне е владиниот проект „Ѕвездите на светската книжевност“. Проектот падна на првиот тест – преводот. Наместо да се ангажираат врвни преведувачи, независно од тендерот, ресорното министерство им остави на издавачите што конкурираат да предложат свои преведувачи. Отпаднаа врвни преведувачи како Драги Михајловски, Ташко Ширилов, Ефтим Клетников, затоа што беа членови на комисијата на Министерството. Наместо да го прифати списокот на врвни преведувачи што го предложи респектабилната комисија (Митко Маџунков, Луан Старова, Ташко Ширилов, Ефтим Клетников, Драги Михајловски, Венко Андоновски, Гоце Смилевски), беше решено издавачот што ќе го добие тендерот да ангажира свои преведувачи. Изданијата, во смисла на дизајн, корици и сл. не се нималку привлечни за новите генерации. Ако проектот се спроведеше како што треба, ние ќе добиевме лектира за идните читатели. А ако јазикот е идентитетот на еден народ и ако се преведат најважните дела од светската книжевност квалитетно на еден јазик, тоа значи дека тој јазик суверено се афирмира во цел свет како јазик што може да ја издржи тежината на врвната литература.

Во еден од излозите на големиот број белградски книжарници имаше прекрасни нови и модерни изданија од нобеловецот Иво Андриќ. Да посакаш да ги имаш. Нова монографија на Милена Дравиќ. Како само тамошните издавачи брзо реагираат… Таквите слики кај нас станаа ретки. Еден наш академик во една пригода рече: „Кога на градските улици ќе им се одземат книжарниците, тие стануваат слепи сокаци“

Слично се случи и со 130-те тома на македонската книжевност, со едицијата „Нобеловци“. Каде се сите тие книги – класици, избрани дела, бестселери, мемоари и добитници на познати светски дела…? На полиците на скопските книжарници очигледно не се. Чест на исклучоците, но таму најмногу имате училиштен прибор и бестселери со ниски книжевни вредности, книги во кои воопшто не е споменато од кој јазик се преведени, лоши корици и уште полоши преводи. Проблемот, или она што најмногу недостига во преведувачко-издавачкиот процес е пазарџискиот однос кон книжевниот превод и кон книжевноста, тука штетата е непоправлива. Во трката со времето, а заради брза заработувачка, на полиците на нашите книжарници стигнуваат изобилство лоши книги. Сѐ повеќе книжарниците се мека за оние што сакаат да си набават книже со наслов: „Ако некогаш си ме сакал“, „Русокоси со став“, „Паметни жени, погрешни избори“ и слични шовинистичко-феминистички глупости, за оние на кои адреналинот им расте на заговорнички трилери (по можност за масонската ложа), но не и за пасионирани читатели што се радуваат на секој нов превод на книжевните мајстори како Буковски, Вулф, Џојс, Набоков, Вајлд, или на современи автори што се предизвик за секое остро издавачко око.

Конечно, при подготовка на годишната (хипер)продукција треба да се престане да се смета на медиокритетска читателска публика без критериум и знаење, на која може да ѝ се подметне сѐ: од лоши преводи и нечист македонски до евтина и пожолтена хартија. И книжарниците се бројат на прсти, во внатрешноста речиси и ги нема. Па, таквите пасионирани читатели, и да сакаат, не знаат каде да ги потрошат своите пари издвоени за книжевно задоволство.

Посебен проблем се македонските книги, кои во книжевниот квалитет не заостануваат зад преводите, но заостануваат во начинот на кој се пласирани – помалку атрактивно, помалку гласно, со деградирачки ниски цени, безмалку бедно ликовно-графички спакувани. Затоа што, сепак, и нашата литература може да се пофали со автори чии книги, со полна одговорност, може да се наречат бестселери. Десетте илјади продадени примероци од „Папокот на светот“ на Андоновски, на пример, и повеќе од илјадапати позајмена истата книга од библиотечните фондови само за една година – се аргументи што одат во прилог на тоа. Листата на најчитаните може да се дополни и со имињата на Гоце Смилевски, Никола Маџиров или со оние што одамна ги живееле своите блескави книжевни моменти, но кои сѐ уште читателската публика, онаа посветената, не ги заборава – Петре М. Андревски, Блаже Конески, Славко Јаневски…

Да не ги потценуваме книжевниот вкус на граѓаните и нивната писменост, затоа што не сите бараат само лесна, заводлива белетристика туку знаат да го испочитуваат и вистинскиот творечки напор. Еден добар модел на културна политика би требало да ги следи движењата во книжевниот вкус на своите читатели и, иако звучи парадоксално, точно е дека посиромашните средини како нашата треба повеќе да вложуваат во книгата и културата. А книжарниците со книги во кои доминираат најдобрите автори со најдобрите дела од нашата и светската книжевна продукција се првиот чекор во таа насока.