Градот убав пак ќе биде

За жал, живееме во град што не е создаден да функционира со улици проектирани пред повеќе од педесет години, кои во тогашно време ги задоволувале потребите на населението. Скопје пред повеќе од половина век имало значително помал број жители отколку што има денес

Реконструкцијата и обновувањето на постојните сообраќајници во градот се случија во време кога најмногу им беше потребно на граѓаните, а особено на возачите. Конечно и заслужено некое време можеме да здивнеме и да возиме по повеќе улици што немаат дупки и испакнатини и кои се проширени за да може сообраќајот да се одвива побрзо и непречено. Со реконструкцијата на едни од најважните булевари во Скопје се зголеми проодноста на градот, се создаде урбанизација, која претходно, поради проекциите и потребите од пред повеќе децении, недостигаше. Тука ќе ги споменам и велосипедските патеки, кои сѐ повеќе ги имаме, со што се задоволени и велосипедистите, а уште поважно е тоа што на голем дел од улиците веќе се изградени посебни велосипедски патеки, кои ги штитат велосипедистите. Вредни за споменување се и сѐ поголемиот број поставени заштитни столпчиња, со кои се спречуваат несовесните возачи да паркираат каде што ќе стигнат, по она познатото правило – половина возило на тротоар, а половина на улица. На крајот ќе ги споменам и пешачките патеки, кои ги штитат пешаците и ги одвојуваат од велосипедистите, со што конечно се решава горлив проблем и на овие учесници во сообраќајот.
Факт е дека колку и да се работи на проширување на постојните сообраќајници, сепак, освен што тоа ќе ни ја намали динамиката на амортизацијата на возилата, бидејќи ќе возиме по современи коловози, а не по оштетен асфалт, проширувањето не може целосно да нѐ спаси од градскиот метеж, особено во периодите од денот кога владее сообраќајниот шпиц.

За жал, живееме во град што не е создаден да функционира со улици проектирани пред повеќе од педесет години, кои во тогашно време ги задоволувале потребите на населението. Скопје пред повеќе од половина век имало значително помал број жители отколку што има денес.
Сега Скопје е безмалку милионски град. Нови населби постојано се градат за да се одговори на потребата на населението за решавање на станбеното прашање. Како главен административен центар, на сите им е полесно да се преселат тука наместо секојдневно или неколкупати неделно да патуваат дотука. А токму тоа говори дека проблемот со улиците е доста посложен отколку што изгледа. Со зголемувањето на бројот на населението, од суштинска важност е да се зголеми и бројот на сообраќајниците во Скопје. Една улица проектирана за десетина возила во еден час, ако претпоставиме дека таа била бројката на возила што се движеле пред педесетина година, не може со истиот капацитет да одговори на повеќе од педесетина возила во десет минути. Токму затоа и ни се случува метежот во одредени периоди од денот. Сите во исто време одат и се враќаат од работа, а тоа не е нешто што може да се смени. Па, затоа, во периодите од 15 часот имаме зголемена фреквенција на возила на главните сообраќајници, а ништо подобра не е ниту сликата на споредните улички, кои некои од возачите ги користат во обид да ги избегнат метежите и да стигнат побрзо до своите домови или работни места.

Секако, за поздрав се сите обиди што градските власти ги направија и прават за да им го олеснат секојдневието на граѓаните. Изградбата и пробивањето на булеварот Христијан Тодоровски-Карпош на скопската обиколница можеби беше најдоброто нешто што им се случи на жителите од левата страна на Вардар. Се растовари сообраќајот и се скрати времето на патување на многу жители од Булачани и околните села, но и на жителите на Чаир, Бутел, Радишани. Сите тие сега преку оваа приклучна улица ги избегнуваат метежите на Бит-пазар и во Синѓелиќ. За жал, многу е мал бројот на новопробиени улици во градот, кои значително би го олесниле возењето низ Скопје.
Како и да е, нема уште многу време да помине во реконструкции. Граѓаните ќе можат да здивнат. Изминатиот период беше доста стресен за возачите, бидејќи во ист временски период се реконструираа повеќе сообраќајници, па во некои ситуации навистина беше невозможно движењето низ Скопје. Особено доколку екипите на градот работеа на реконструкција на поврзани улици или, пак, на соседни сообраќајници, низ кои е задолжително движењето, независно дали возачите имаат избор или не.

Поради тие причини добро би било следните вакви поголеми ре конструктивни зафати да се реализираат постепено и планирано. Дел по дел. Она што се случуваше изминатиот период беше навистина стресно за граѓаните, бидејќи, освен што го чинеше народот нерви, остави печат и врз нивните паричници, но и временски многу ги скрати деновите, бидејќи доста голем дел од денот се минуваше во возило, во обид да се стигне до саканата дестинација.

[email protected]