Градинките први на здравствен испит

Новопреземените мерки се важни за да се избегне ширење на вирусот во градинките и меѓу децата, кои важат за преносители на вирусот, и затоа е многу битно тие да се спроведуваат. Во ниеден случај протоколите не смеат да останат само на хартија, тие се неопходни како за заштита на децата така и за заштита на вработените, но и за заштита на родителите што решиле своите деца да им ги доверат на вработените во установите

Шест месеци откако беа затворени, градинките од оваа среда ги отвораат вратите за децата. Иако имаше најави за нивно отворање уште во јуни, кога беше направен и скрининг на вработените, сепак, ширењето на вирусот ги премисли надлежните. Овој пат подготовките за отворањето на градинките се веќе завршени. Некои од родителите, особено оние што имаа големи тешкотии во згрижувањето на децата и во исполнувањето на работните обврски, со нетрпение го дочекаа отворањето.
Во следниот период прва и најважна цел на сите инволвирани е да создадат безбедна средина за згрижување на најмладите. Следува тежок испит, испит што треба да го положиме сите заедно, почнувајќи од родителите, но и негувателките, учителките и, воопшто, сите вработени во градинките.
Многу нови правила во работењето на градинките наметна пандемијата на ковид-19 и токму градинките се први на испитот со приемот и згрижувањето на децата.
Протоколите за работа се поставени, за сите инволвирани има одредени превентивни мерки што треба да овозможат нормално работење, но и да спречат опасност од појава и ширење на ковид-19 низ установите.

Несомнено следува неизвесен период и тежок испит за сите. Протоколи има и за вработените и за родителите што први ќе го кршат мразот и ќе ги носат своите деца од среда во градинка. Многу е важно кон пропишаните правила да се придржуваат сите, почнувајќи од родителите, кои своите деца треба да ги носат во градинка само ако се сигурни дека тие се здрави, но и да ги почитуваат термините на носење за да се избегне контактот меѓу родителите на различни деца, како и за да се избегне контакт меѓу деца од различни групи.
Мерењето температура при приемот е задолжително за сите, поточно и за децата и за вработените. Посебни правила се предвидени и за работењето внатре во самите градинки, со различни правила за различни возрасни групи. Протоколите наметнуваат во групите со деца од две до шест години да има најмногу 15 деца, додека, пак, во групите што згрижуваат деца до две години ќе се примаат само до шест деца. Вработените се обврзани задолжително да носат маски на лицето, а за секое дете треба да се обезбедат две постелнини со неговото име.

Една од обврските е и престојот да биде организиран на начин што ќе овозможи децата од различни групи да немаат меѓусебен контакт. Се бара на секои два часа да се прави дезинфекција на прекинувачите, на кваките, вратите, мијалниците, масите, столовите….
Посебен протокол е предвиден и за носењето на храната и нејзиното доставување до децата, а беше истакнато и дека пред јадење ќе бидат дезинфицирани и масите и столчињата, како и дека децата мора да имаат миени рачиња… Препораките предвидуваат доколку временските услови дозволуваат, децата да поминуваат повеќе време на отворено, но и да се дезинфицираат занималните каде што тие престојуваат, како и да се перат и дезинфицираат и играчките што секојдневно ги користат…
Новопреземените мерки се важни за да се избегне ширење на вирусот во градинките и меѓу децата, кои важат за преносители на вирусот, и затоа е многу битно тие да се спроведуваат.

Во ниеден случај протоколите не смеат да останат само на хартија, тие се неопходни како за заштита на децата така и за заштита на вработените во градинките, но и за заштита на родителите што решиле своите деца да ги доверат на вработените во установите. Институциите не смеат да дозволат отстапки од протоколите за работа на градинките, бидејќи сега е на испит здравјето и на најмалите. Неопходно е и да се предвиди и да се спроведува и редовна инспекција на терен, да не се дозволи непочитување или прескокнување на некои од овие правила. Она што најмалку ни треба сега е ширење на вирусот во установите за згрижување и воспитување на децата.

Но за да се избегне ширење на вирусот одговорност имаат сите, како вработените во градинките, така и родителите на децата. Во следните месеци секој родител мора многу внимателно да го следи своето дете и во случај на најмал сомнеж за болест, треба да побара друга алтернатива за згрижување на детето, а не да го однесе во градинка. Само со заедничка заложба може да се избегне ширење на вирусот во градинките, а оттаму и во многу нови домови. Во спротивно, може да се отворат нови кластери, кои, пак, секако има опасност да се одразат и врз следните одлуки што ги носат институциите во насока на сузбивање на ширењето на вирусот. Следува тест пред кој сме исправени сите, а само со заедничко дејствување и почитување на протоколите можеме овој тест да го надминеме безбедно.