„Големиот брат“ во градинка

Оваа иницијатива или предлог не е нешто што веднаш треба да се прифати или да се отфрли. Со оглед на чувствителноста од повеќе аспекти, меѓу кои и законскиот, на ова прашање треба да му се пристапи сериозно и темелно. Она што е неопходно е да се утврди прецизно кој би имал увид и би вршел контрола врз видеоснимките, дали тие би оделе во живо, во кои точно простории во градинката би биле поставени камерите, какви казни би имало за воспитувачката или негувателката за која ќе се покаже дека ментално или физички малтретира дете… Сето тоа е процес што е поврзан и со Законот за лични податоци, па токму затоа мора сериозно да му се пристапи

Видеонадзор во градинките – каприц на родителите или реална потреба на современото живеење? Ова прашање се поставува откако во јавноста повторно се актуализира темата за работата на воспитувачите и на негувателите, по немилата случка во гевгелиската градинка, која се појави неодамна на социјалните мрежи и која предизвика лавина реакции. Видеоснимката на која, наводно, воспитувачка вика по дете што плаче, нарекувајќи го со погрдни зборови, повторно отвори дилеми за тоа дали снимањето во градинка треба да постои заради сигурност на децата или пак, од друга страна, претставува нарушување на приватноста. Темата за поставување камери во јавните детски установи е логична по ваков настан, како и дебатата за тоа зошто треба да има „трето око“ во животите на децата. Многу често има случаи кога мајки реагираат како некое друго дете го искасало нивното, реагираат за негрижа на вработениот кадар, а чести се и случаите кога, освен малтретирање, има вандализам и кражби во градинките.

Сосема е разбирлива реакцијата на родителите по последниот немил настан во Гевгелија, но дискутабилно е тоа што некои од родителите имаат барање постојано да ги следат децата на камера додека престојуваат во градинка. Оваа иницијатива или предлог не е нешто што веднаш треба да се прифати или да се отфрли. Со оглед на чувствителноста од повеќе аспекти, меѓу кои и законскиот, на ова прашање треба да му се пристапи сериозно и темелно. Она што треба да се утврди е кој прецизно би имал увид и би вршел контрола на видеоснимките, дали тие би оделе во живо или би снимале, во кои точно простории би биле поставени камерите, какви казни би имало за воспитувачката или негувателката за која ќе се покаже дека ментално или физички малтретира дете. Сето тоа е процес што е поврзан и со законот за лични податоци, па токму затоа мора сериозно да му се пристапи. Мора јасно да се прецизира кој може да навлегува во приватноста на децата, а во моментов најлогично е снимките да се гледаат само по потреба, а не постојано. Секако, овде треба да се расчисти и дилемата дали видеонадзорот би направил да имаме подобри и поуспешни воспитувачи и негуватели? Дали тие би биле подобри и посовесни во извршувањето на своите обврски ако знаат дека некој ги снима?

Министерството за труд и социјална политика смета дека иницијативата за ова прашање мора да потекне од родителите, дека тие треба да одлучат. Ваквото оградување е далеку од исправно, бидејќи за ваква сериозна мерка не може Министерството да биде изземено и не може да биде оставено единствено родителите да бидат тие што ќе одлучуваат за потребата од
видеонадзор во јавните детски установи. За ваква мерка е потребно системско
решение, и тоа по предлог токму од институциите на државата во чија
надлежност се згрижувањето и заштитата на децата

Министерството за труд и социјална политика смета дека за ова прашање иницијативата мора да потекне од родителите, дека тие треба да одлучат. Ваквото оградување е далеку од исправно, бидејќи за ваква сериозна мерка не може Министерството да биде изземено и не може да биде оставено единствено родителите да одлучуваат за потребата од видеонадзор во јавните детски установи. За ваква мерка е потребно системско решение, и тоа по предлог токму од институциите на државата во чија надлежност се згрижувањето и заштитата на децата. Законски, само родителите можат да поведат иницијатива за поставување камери во детските градинки и, доколку постои ваква иницијатива, детските градинки треба да преземат соодветни мерки што се во согласност со Законот за заштита на личните податоци. Но, сепак, и МТСП треба да иницира решенија по ова прашање како институција во чија надлежност е детската заштита.

Токму поради овие причини, неопходно е да се отвори една поширока дебата, и тоа од стручната јавност. И родителите, секако, треба преку свои претставници да го кажат и својот став по ова прашање. Од таа дебата дел треба да бидат претставници на државни институции, педагози, претставници на првата детска амбасада „Меѓаши“, која веќе испрати писмо до Министерството за труд и социјална политика. Експертите би требало да утврдат протоколи за заштита на децата. Но во услови кога нема стручна и сериозна дебата, во услови како што засега стојат работите, не сме подготвени за ваква новина. За да функционира видеонадзорот на начин како што е потребно, мора да постои добра стратегија и да се разгледа прецизно по фази како ќе се решава сето тоа.

Вработената негувателка во клонот „Цветови“ во Гевгелија ќе одговара за вербалното малтретирање на детето. Откако беше извршен вонреден инспекциски надзор, против неа е поведена дисциплинска постапка. Ова е трет случај во последниве месеци кога деца се нападнати вербално или физички додека престојувале во градинка. За да не се повторуваат вакви настани, потребно е внимателно да се воведат системски решенија, а за тоа дали камерите се добро решение или не, потребно е да се изјаснат стручни лица и да се применат искуства и добри практики од развиени држави во кои тоа веќе функционира.