Глобалната економија со буџетски контраудар против вирусот

Денес, кога веќе е јасно дека глобалната економија ќе претрпи огромни штети предизвикани од коронавирусот, светот севкупно започна да ги дефинира мерките за ублажување на разорните ефекти

Приближно пред околу еден месец, ковид-19 затропа на светската и на европската врата, не само што тропна туку ја урна, и тоа онака жестоко, со нога. Ретко која земја на почетоците беше подготвена за заканите од ваков размер и почна да се подготвува, да одделува ресурси, како материјални така и финансиски, за кои се покажа дека се неопходни.
Јасно стана дека вирусот не пребира и тој зафати сè, од оние држави што имаат свој екипаж во вселената, па до оние земји чиј народ чепка по кантите барајќи понекоја мувлосана корка леб.

Денес, кога веќе е јасно дека глобалната економија ќе претрпи огромни штети предизвикани од вирусот, а овие негативни последици нема да се одразат само на здравствениот систем, но и на сегашните и идни заразени луѓе, светот севкупно започна да ги дефинира мерките за ублажување на разорните ефекти од карантинот, односно од неработењето, изолацијата и животот во онаа форма каков што досега го познававме, пред ширењето на заразата.

Во контекст на овие актуелни случувања, за истакнување е последниот пример, во кој една светска суперсила, која не е имуна на „вирусот“ што ја зарази и нејзината економија, односно Германија, планира битката со заразата да ја води преку инјектирање дополнителен буџетски пакет во економијата тежок милијарди евра, кој, според најавите, ќе биде наменет за одбрана на тамошното стопанство од ударот на пандемијата на коронавирусот.
Како што пренесоа западните медиуми, мерките, меѓу другото, опфаќаат помош и кредити за фирмите и граѓаните, а пакетот, кој е без преседан во дејствувањето на денешна Германија, предвидува широки мерки за поддршка на бизнисот, здравствениот систем, како огромни финансиски средства гаранции за банкарските заеми кон фирмите.

Хронолошки гледано наназад, претходно сличен чекор како сега Германија направи и САД.
Имено, американскиот Сенат во понеделникот со големо мнозинство го одобри историскиот предлог-закон за итни случаи од милијарди долари за рестартирање на американската економија и помош за здравствениот сектор, во неговата битка да го спречи ширењето на пандемијата на коронавирусот.
Според она што е коментирано од аналитичките елити во Вашингтон, станува збор за историски најголем пакет за економско олеснување во американската економија, кој дури може да се спореди со мерките преземани во Америка за санирање на економската депресија во дваесеттите години на минатиот век.

Финансиите што ќе се слеат во американската економија за време на битката со коронавирусот се еднакви на половина од износот на тековниот годишен американски сојузен буџет.
Оваа акција на Сенатот дојде, откако многу градови и држави наредија да се затворат неесенцијалните бизниси како резултат од пандемијата.
Безмалку слични мерки како гигантите САД и Германија презедоа и преостанатите моќни економии од светот како Франција, Британија, Јапонија, кои дури и најавија дека неделава ќе одржат и итен виртуелен самит на Г20, каде што ќе се дискутира на оваа тема.
Колку ваквите мерки, предложени од светските влади и нивните буџети, ќе ги дадат посакуваните ефекти, а тоа е спасување на работните места, но и на платите на работниците во приватниот сектор, останува да видиме. Она што е битно во овој момент да се знае е дека штетите од ширењето на коронавирусот дополнително ќе се пребројуваат, а мерки за поттикнување или за спас на глобалната економијата допрва ќе бидат потребни, но засега сѐ уште главниот приоритет на светот останува заштитата на здравјето на граѓаните.

Сите знаеме дека ниту една земја во светот не може сама да се бори против пандемијата и последиците од неа. Сега повеќе од кога било претходно, владите во светот мора да соработуваат и да ја засилуваат економијата, да ги зголемат јавните вложувања, да ја поттикнуваат трговијата и да ги поддржат заедниците и поединците зафатени од болеста. Засега единствено што може да сториме за почеток е да ја почитуваме препораката за седење дома, за да имаме иднина просперитетна за сите нас.

[email protected]