Гласаме за брзи и квалитетни реконструкции на улици

Зошто не би можело реконструкциите на улиците да се вршат ноќе кога е посвежо? Нема голема фреквенција на луѓе и автомобили и никој никому не пречи. Па, нели, секаде во светот тоа се прави така, се работи повеќе во ноќните часови отколку во текот на денот и во континуитет, со намера да не се наруши ритамот на живеењето на градот. И не само тоа, да им се овозможи на граѓаните непречено да функционираат, непречено и без нервози да стигнуваат на работа и од работа дома. Зошто тоа не би можело да се практикува и кај нас? Мора ли при секоја реконструкција на улица, тротоар, водоводна или топлификациска мрежа со денови скопјани да се возат по заобиколни траси и да им бидат потребни часови за да стигнат од едниот до другиот крај на градов. Непотребно се создаваат нервози, а би можело едноставно да се реши сѐ, само треба да се сака да се направи тоа.

Во рекордно време, за помалку од две недели, заврши реконструкцијата на улицата Димитрија Чуповски, на потегот од крстосницата кај „Палома бјанка“ до крстосницата со булеварот Свети Климент Охридски. Вака се пофали градот Скопје, откако завршија градежните активности на оваа главна градска сообраќајна артерија на која се изврши комплетно отстранување на постојниот коловоз и се постави нов асфалт во три слоја. Реконструкцијата се изврши на потег во должина од 240 метри, на површина од 3.750 квадратни метри, а за реализацијата на овој проект градот издвои 4.543.285 денари. Едни велат со право градските власти се пофалија за експресно сработеното, а други, пак, дека можело и побрзо. Трети, пак, никако да се помират со сообраќајниот метеж што се создава при вакви големи реконструкции на градски сообраќајници. Во едно сите сме согласни, добро е кога се реконструираат улиците и, секако, добро е кога нешто се прави. Треба да се реконструираат сите улици низ градов, бидејќи се полни со дупки и крпеници. Треба да се стави нов асфалт на сите скопски улици, кои прилегаат на швајцарско сирење. На некои има и дупки како кратери, поради кои ги демне опасност сите учесници во сообраќајот.

И не само улиците, потребна е реконструкција и на велосипедските и на пешачките патеки од двете страни, не само на оваа, туку и на други сообраќајници. Но што е она што скопјани ги прави нервозни при ваквите реконструкции, а се случува во континуитет? Тоа е, секако, губењето драгоцено време во метежот што се создава. И тоа трае и трае, бидејќи најчесто реконструкциите се одолжуваат, односно работите се влечкаат наместо да бидат завршени во најкраток можен рок. Ретки се примерите за брзо завршена реконструкција, како оваа на Димитрие Чуповски. Еве, ми паѓа на памет како лани тротоарите на Теодосиј Гологанов беа раскопани, беа извадени сите павер-коцки и оставени на куп од август летото, за дури по осум месеци потоа да биде поставен асфалт. По дупки и земја газеа граѓаните и никому не му беше јасно зошто беше потребно толку долго време за да се асфалтираат тротоарните површини. Реконструкцијата на улицата Бутелска, тамошните жители долго ќе ја паметат, не само поради секојдневните нервози што ги имаа поради тоа што возеа по една коловозна лента, туку и поради прашината што ја голтаа наталожена од изведбените работи.

Така беше и со проширувањето на Христијан Тодоровски-Карпош, а така е сега и со проширувањето на булеварот Босна и Херцеговина. Најпрвин лани заринаа малку земја багерите, се фотографираше градоначалникот на Скопје и дел од неговите соработници за да го означат почетокот на градежните зафати и потоа сѐ замре. Сега пролетва од десната страна на сообраќајницата се изгради бетонски ѕид, некаде од маркетот „Кам“ во населбата Скопје Север до последната станица на линијата број 35, и работите повторно замреа. Сега жителите од населбата од ѕидот не можат да поминат преку улицата за да стигнат до автобуската станица, па мораат да вртат одоколу. Ако ова не е доволно, еве да потсетам на нервозите што скопјани ги имаат кога возат преку Јадранска магистрала, бидејќи постојано се создаваат колони од возила само затоа што веќе подолго време се врши реконструкција на мостот на реката Серава, кој повеќе личи на бетонска плоча над некој канал, отколку на мост. Таму работници има само во прва смена и потоа ништо не се работи. Во ред и не може да се работи на овие тропски горештини, кои притиснаа наеднаш, но зошто не би можело ваквите реконструкции да се вршат ноќе кога е посвежо. Нема голема фреквенција на луѓе и автомобили и никој никому не пречи.

Па нели секаде во светот тоа се прави така, се работи повеќе во ноќните часови отколку во текот на денот и во континуитет, со намера да не се наруши ритамот на живеењето на градот. И не само тоа, да им се овозможи на граѓаните непречено да функционираат, непречено и без нервози да стигнуваат на работа и од работа дома. Зошто тоа не би можело да се практикува и кај нас? Мора ли при секоја реконструкција на улица, тротоар, водоводна или топлификациска мрежа со денови скопјани да се возат по заобиколни траси и да им бидат потребни часови за да стигнат од едниот до другиот крај на градов. Не може да се функционира ниту по системот еден работи на улицата, а тројца го гледаат како работи. Ваквите зафати бараат итност, целосен ангажман и посветеност за да се завршат во најкраток можен рок во интерес на сите. Па, еве, да бидеме реални, кој сака при реконструкциите во нашите домови со денови да ни се мотаат мајстори. Никој не го сака тоа, затоа што сите што поскоро сакаме да го видиме среден и чист својот дом, за кога ќе се вратиме во него да си најдеме мир и спокој. И градот е наш дом и затоа е добро мајсторите да си ја завршат што поскоро својата работа, да си ги соберат алатите и да си заминат. Интересно, а можеби и чудно е што на граѓаните не им го попречуваат секојдневното живеење само мајсторите при реконструкциите на улиците.

Таков пример се и чистачите, комуналците. Ако ги барате кога најмногу ви требаат, како на пример, еве, во викендите во Градскиот парк ги нема, па затоа има ѓубре на сите страни и нема кој да го собере. А ако не ги барате, во понеделник, кога ќе застанете да чекате автобус, тие ќе се појават со метлите и ќе ве наполнат со прав. Ќе се прашате кај биле пред тоа, зошто не ја исчистиле автобуската пред да има голема фреквенција на луѓе. Некаде подолу по улицата во 8.30 часот ќе ги видите и нивните колеги со цистерна како ја мијат улицата, а граѓаните вознемирено се растрчуваат за да се спасат од млазовите вода. Каде биле и тие пред тоа да ја измијат улицата или зошто не го сториле тоа во раните утрински часови или можеби во текот на ноќта кога нема минувачи. Па така беше некогаш во едно не толку далечно време на социјализмот, кога комуналците во два по полноќ го собираа ѓубрето, а нивните колеги потоа влечејќи ги цревата од цистерните ги миеја плоштадите и улиците. Во една од своите песни легендарниот Бора Чорба пееше „во два чистачите ќе го однесат ѓубрето“, а веќе утрото сѐ ќе беше чисто и никој не забележуваше комуналци, ниту камиони, кои се испречуваат пред автомобилите како сега. Да не се разбере погрешно, треба да се реконструираат улиците и треба да се чистат, но не во време на огромна фреквенција на луѓе. А надлежните нека издвојат пари и соодветно нека ги платат оние што ќе работат во трета смена, за што побрзо да се завршат работите. Така е законски, праведно и подобро нели!