В среда немаме право на грешка

Безбедноста и заштитата на јавното здравје несомнено треба да бидат приоритет број еден на овие избори, заедно со кредибилноста и  инклузивноста на изборниот процес.
На државата сега ѝ треба силна и јасно изразена народна волја што  ќе им донесе кредибилитет и легитимитет на новоизбраните народни претставници и на државните институции потоа

Mакедонија има долга листа на спроведени изборни циклуси од осамостојувањето до денес. Секој од нив има свои особености, добри или лоши страни. Низ изборните циклуси се калеше и зрееше плурализмот, се бистреше демократијата во државата. Се менуваа партиите на власт и во опозиција, некои политички субјекти згаснаа, се појавија и нови, имаше непринципиелни коалиции, или што би рекле „партиски бракови“ од интерес, и редица други политички згоди и незгоди. За волја на вистината многу повеќе незгоди од згоди, но тоа е друга приказна.
Сепак и покрај повеќедецениската традиција и наталоженото изборно искуство, в среда на 15 јули многу нешта ќе се случат првпат. По мноштво суштински и други параметри овие избори во 2020-та се разликуваат од сите досега спроведени.
Да почнеме на пример од самиот ден на изборите. Првпат изборите се одржуваат во средина на неделата, односно во среда. Секогаш претходно изборите биле во недела. Некој ќе каже, е големо чудо. Ден како ден. За кого како. Тоа што губиме работен ден и тоа што цехот за тоа ќе го платат истоштеното стопанство и клекнатата на колена економија, изгледа никому не му е важно.

Но одлуката да се жртвува работен ден покажува нешто друго. Дека кај нас приматот секогаш е во рацете на политиката и таа ги влече сите конци во државата. Иако не би требало да е така, туку обратно. Пологично и поочекувано е политиката да биде во служба на економијата. Секогаш добро да се одмери, процени и анализира можната добивка или загуба пред носење на секоја политичка одлука. На Запад секоја минута чини пари, а камоли цел еден ден. А ние нели тежнееме кон Запад. Но нејсе, средата има и свои „добри страни“.
Од астролошка гледна точка среда е најдобар ден во неделата за кореспонденција, маркетиншки работи, средби и состаноци. Изборите во себе вклучуваат од сево ова по нешто, така што можеби астрологијата и наклонетоста на планетите влијаеле на одлуката изборите да бидат во среда. Изгледа не само политиката, туку и астрологијата меша прсти во економијата.

Но промената на денот на изборите од недела во среда е само еден сегмент.
Друг параметар е што првпат Македонија оди на избори во услови на глобална пандемија на опасен вирус, кој се шири и во нашата држава. Токму оваа зараза од корен ги промени сите досега вообичаени протоколи, правилници и прописи за водење кампања и за самиот чин на гласање. Сето тоа на овие избори им дава една поинаква здравствено-безбедносна димензија со мноштво нејаснотии за изборниот и постизборниот процес. Од ефикасното и успешно менаџирање со денот на изборите, потоа зависи во кој правец ќе се развиваат другите процеси во државата. Тоа само по себе бара професионално и одговорно однесување од сите, но истовремено значи и голем предизвик за сите.
Минатата недела напишавме дека на Македонија ѝ се потребни безбедни избори за да не ѝ се случи српско сценарио. Уште на почетокот на кампањата порачавме, а истото ќе го повториме и сега, дека Македонија мора да спроведе избори без опасност од корона. Безбедноста и заштитата на јавното здравје несомнено треба да бидат приоритет број еден, заедно со кредибилноста и инклузивноста на изборниот процес. Во таа насока, в среда немаме право на грешка. И во однос на заштитата на јавното здравје, но и во однос на изборот кому да му се даде глас. Седењето дома можеби за некого е опција, но не и за Македонија.

На државата сега ѝ треба силна и јасно изразена народна волја што ќе им донесе кредибилитет и легитимитет на новоизбраните народни претставници и на државните институции потоа. Нејасна пата-пата ситуација, мал одзив, или нерегуларности од кој било вид се непосакувана опција за државата. Особено сега во услови на растечка епидемија, здравствена криза и редица други предизвици, кои нѐ очекуваат на економски и надворешнополитички план.
Нејасен исход на изборите и мал одзив отвораат простор за уцени и медијација, какви што често сме гледале во минатото. И кои, за жал, не ѝ носеле ништо добро на Македонија.
Деновиве може да се слушнат различни коментари дека на овие избори едноставно нема свежа и квалитетна понуда. Нема конкурентност, нешто што отскокнува и се издвојува од веќе виденото. Можеби. Но рамнодушноста, апатијата и оправдувањата за немање избор, само ја оставаат отворена вратата некој друг да го направи изборот наместо вас. Друг да одлучи, а вие потоа да живеете со последиците од тој избор. Токму затоа в среда немаме право на грешка. Понатаму.
Изборите на 15 јули се први парламентарни избори во државата по промената на нејзиното уставно име. Придавката Северна досега не е тестирана на парламентарни избори и несомнено изборните резултати ќе се анализираат и ќе се толкуваат и во таа насока.

Македонија првпат во историјата спроведува избори и како земја-членка на НАТО, што е дополнителна одговорност за нивна беспрекорна организација.
Во листата првпат може да се вклучи и тридневното гласање, како и продолженото гласање до 21 часот, наместо како претходно до 19 часот. Сево ова се елементи што овие избори на 15 јули ги прават уникатни и специфични. Сепак она по што најмногу ќе се паметат се текот на изборниот процес и добиените резултати. За првото одговорноста е на Државната изборна комисија додека за второто ќе одлучат гласачите, кои уверен сум ќе го направат вистинскиот избор.

Пред крајот на изборната кампања неколку збора и за понудата на политичките субјекти. „Нова Македонија“, во согласност со својата уредувачка политика на независен и аналитичен медиум, досега реализира серија компаративни анализа на понудените идеи, проекти и програмски цели на различните политички субјекти. Низ страниците на весникот детално и длабински беа анализирани скоро сите сегменти од партиските програми, со споредбени и стручни анализи и мислења на експерти од разни области. Партиските лидери и носителите на изборните листи имаа можност и за отворено соочување на своите ставови и аргументи, со намера граѓаните и пошироката јавност да добијат јасна претстава, кој што нуди, на што ја темели својата програмска платформа и кому да му го дадат својот глас.

Кампањата завршува в недела. Партиските карвани ќе запрат. Следува изборниот молк. Доволно време да се средат впечатоците, уште еднаш добро да се размисли и да се донесе одлука. За себе и за Македонија. Зашто в среда навистина немаме право на грешка.

[email protected]