Време е за нов олимписки медал!

По најновиот успех на таеквондистот Дејан Георгиевски треба да биде јасно дека само со тимска работа, почитување, скромност, спортско однесување, дисциплина, голема борбеност, труд, желба за докажување, но и начин на кој треба да се согледуваме на теренот како нација, можеме да се надеваме на нов успех годинава, како оној на ракометарите, одбојкарите, фудбалерите, каратистите… А токму отсјајот на нивните големи победи треба да биде ѕвезда водилка во зениците на сегашните и на идните генерации олимпијци. Колку нивниот број биде поголем и поуспешен толку ќе биде поголема и обединетоста на македонскиот народ, а со тоа и поддршката кон нив

Младиот таеквондист Дејан Георгиевски (22) е новата спортска ѕвезда на Македонија. Членот на ТК Бутел од Скопје минатиот викенд во Софија ја израдува македонската спортска јавност со пласманот во финалето на квалификацискиот турнир, што практично претставуваше и услов за настап на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, годинава (23 јули – 8 август). Две борби, две големи победи, за да се биде дел од олимпискиот „крем“ во Земјата на Изгрејсонцето. Но нескротливиот оптимизам на скромното момче, чиј сон беа токму ЛОИ, не завршува тука, напротив, сега посакува медал и од Токио, а македонското знаме да се вее високо на јарболот. Од саботата всушност почна неговото искачување кон олимпискиот врв.
„Олимписките игри се сон за секој спортист. Покрај физичката и тактичката подготовка, треба да се остане смирен и, секако, фокусиран на татамите, оти оваа олимписката норма сега може да ни донесе и олимписки медал, и со тоа да ја израдувам македонската нација. Кога почнав да тренирам сонував да учествувам на Игрите, кога станав европски шампион сонот порасна, а денеска сон ми е да донесам олимписки медал“, вели Георгиевски.
Георгиевски зад себе има богата колекција медали, што, пак, дава реална надеж, покрај неговиот нескротлив оптимизам, дека од Токио може да се врати со медал. Освоената бронза од Европското првенство до 21 година, златото од сениорското ЕП во 2017 година со само 18 години, потоа бронзата од ЕП (до 21 година) во 2018 година, сребро од Медитеранските игри пред две години, како и последното сребро на ЕП во Сараево, лани, одат токму во прилог на горенаведената констатација.

Очигледно ова само покажува дека до постигнатиот успех не се доаѓа прекуноќ. Напротив, потребни се многу години тренинг уште од мали нозе, „тони“ пролеана пот, километри минат пат, борби со многу квалитетни ривали на силни меѓународни турнири, но и дисциплина, мотив и она што е најмногу потребно, а тоа е вербата во себе. Токму овие карактеристики се олицетворени во скромното момче, чиј олимписки сон никогаш и не престана да тлее изминативе години.
Георгиевски засега е вториот спортист од Македонија кому му успеало да ја исполни олимписката А-норма. Претходно тоа го стори борачот во слободен стил со дагестанско потекло, Магомедгаџи Нуров, на Светското првенство (СП) во Нур Сулатан (Казахстан), во 2019, откако во борбата за бронзата го победи домашниот претставник Алишер Јергали со 8-5. Последен Македонец кому му успеало да обезбеди А-норма на ЛОИ, а да е роден во Македонија, беше кајакарот Атанас Николовски, кој настапи на ЛОИ 2008 година во Пекинг.
Се чини по пауза од 21 година, време е за нов македонски олимписки медал. Последен и единствен кому тоа му успеало во самостојна Македонија, е борачот во слободен стил, натурализираниот Македонец со дагестанско потекло, Могамед Ибрагимов, кој се закити со бронза на ЛОИ во Сиднеј 2000 година. Да потсетиме дека во рамките на поранешна СФРЈ, повеќе македонски спортисти на ЛОИ освоиле медали, од кои двајца и злато, фудбалскиот голман Благоја Видиниќ (Рим 1960) и борачот Шабан Трстена (Лос Анџелес 1984) или вкупно Македонија има 13 медали (две злата, пет сребра и шест бронзи).

Но во јуни (од 8. до 10.), погледите ќе бидат насочени кон Париз, каде што најдобриот македонски каратист, Емил Павлов, двократен европски првак и двапати трет, ќе се обиде да обезбеди олимписка норма, за што е потребно да освои еден од медалите. Квалитетите на Павлов, неговиот талент и темперамент, одат во насока дека ќе му прави друштво на Георгиевски во Токио.
Македонија ќе има своја претставничка и на Параолимписките игри во Токио, годинава, која исто така има реални шанси да се врати со медал. Тоа е стрелачката Оливера Наковска-Бикова, која засега е единствената Македонка што ја има исполнето нормата. Тоа ѝ успеа на СП во Чеонгју (Јужна Кореја), во 2018 со воздушен пиштол, на 25 м. Таа во квалификациите со 570 погодени круга го израмни светскиот рекорд, меѓу 31 натпреварувачка, а во финалето освои бронза. Настапот во Токио ќе ѝ биде петти во низа на ПОИ, а во Лондон во 2012-та го освои златниот медал во дисциплината воздушен пиштол, 10 м. Во минатото медали од ПОИ освојуваа и Бранимир Јовановски (злато во 1992 во Барселона) и Ванчо Каранфилов (сребро во 2004 во Атина).
Успехот на Георгиевски и на македонското таеквондо, треба и да се надгради. Вложениот труд и часовите минати на татамите да не бидат залудни, а укажаната шанса докрај да се искористи. Потребно е сите спортски фактори, предводени од Македонскиот олимписки комитет, да се обединат и до почетокот на Игрите, целосно да се вклучат за што подобра финансиска и логистичка подршка пред големиот предизвик. Присуството на претседателот на МОК, Даниел Димевски, и на спортскиот директор на МОК, Владимир Богоевски, на квалификацискиот турнир во Софија, како поддршка на Георгиевски, се добар показател како треба да се продолжи на патот до Токио.

По успехот на таеквондистот Георгиевски треба да ни биде јасно дека само со тимска работа, почитување, скромност, дисциплина, спортско однесување, голема борбеност, труд, желба за докажување, но и начин на кој треба да се согледуваме на спортскиот терен како нација, можеме да се надеваме на нов успех годинава, како оној на ракометарите, одбојкарите, фудбалерите, каратистите… А токму отсјајот на нивните големи победи треба да биде ѕвезда водилка во зениците на сегашните и на идните генерации олимпијци. Колку нивниот број биде поголем и поуспешен толку ќе биде поголема и обединетоста на македонскиот народ, а со тоа и поддршката кон нив.

[email protected]