Вратете ги жените на работа!

Жените и пред корона-кризата трипати повеќе од мажите ги завршувале неплатените работи како што се негата и грижата за членовите на семејството, а Обединетите нации сега објавија дека во пандемијата ваквиот вид работа „експоненцијално“ се зголемува. Оттука, очигледно е дека женската општествена партиципација како облик на таканаречена еманципација, политичка, економска, образовна, но и онаа интимната, лична, приватна сфера на жената не е докрај променета. „Работата од дома“ само го исфрли тоа на површина. Затоа ако веќе селективно или ограничено полека се враќаме на работните места, први вратете ги жените на работа. Дури и под услов машината за перење да остане празна!

Среќна околност за Французинката Одри Лебо-Ливе е „магичното копче“, кое ѝ овозможува да го исклучи тонот на слушалките, додека со едното уво ја следи аудио/видеоконференцијата, а со другото наслушнува како нејзината ќерка во соседната соба преку компјутер има онлајн час. Ако сѐ се одвива по планот, можеби ќе успее да ги стави и алиштата во машината за перење…
Откако беа воведени ограничувањата на движењето, таа како и многу други низ светот, мора истовремено да работи и да се грижи за децата и домаќинството. Обично со сопругот ги делат домашните обврски, но сега таа трипати приготвува оброк, додека во нормални околности сите јадат во кантина. Дополнителна работа имаат мајките. Таа вели дека се чувствува виновно ако тоа не го прави, додека нејзиниот маж – не, што може прави, што не – остава. Лебо-Ливе смета дека тоа има врска со фактот дека жените и натаму мора да се докажуваат, особено ако се на водечка позиција. Таа е шефица на мал тим на Институтот за нуклеарна сигурноста и заштита, во близината на Париз.

Веројатно ваквата состојба е последица на фактот дека одлуките за тоа да се работи од дома и оние што ги воведуваат забраните за движење главно се мажи и им недостига женска перспектива. Но и сѐ уште непроменетата свест за тоа кој е приоритетно задолжен за децата и за „кујната“, па оттука и чувството на вина ако во овој сегмент се потфрли. Затоа што и покрај еднаквите професионални можности, очигледно е дека целосно не исчезнале стереотипите што доведуваат до сексизам и дискриминација.
Дека ова не е субјективна критика, најмалку лична, зборуваат фактите. Имено, според информациите на УНИЦЕФ, жените пред корона-кризата трипати повеќе од мажите ги завршувале неплатените работи како што е нега за членовите на семејството. Обединетите нации објавија дека сега ваквиот вид работа „експоненцијално“ се зголемува. Самохраните мајки се особено погодени од ограничувањата на движењето, затоа што дури 85 отсто од оние што сами се грижат за своето дете се – жени.

Многу од нив сега се наоѓаат во тешка ситуација, а некои се загрижени и за својата кариера. ОН веќе предупредија дека економските последици на кризата најмногу ќе се одразат на жените, речиси 60 отсто од нив работат во неформалниот сектор и заработуваат помалку од мажите. Тие не се во состојба да заштедат како мажите и поголем е ризикот да западнат во сиромаштија. Изложеноста на вирусот е другата страна на медалот, ако се знае дека речиси 80 отсто од здравствените работници се жени, мнозинството вработени во супермаркетите и продавниците, тие се во најризичната група. Студиите направени по епидемијата на ебола во западна Африка покажаа дека жените биле изложени на поголем ризик од заразата затоа што тие главно се грижеле за заразените. Изложеноста на насилство, кога се затворени во четири ѕида, исто така, е поголема. Бројката на жртви експлодира, според податоците на ОН, 75 отсто повеќе жени биле присилени да се обратат на службите за помош во Италија, а повиците двократно се зголемиле во другите земји.

И последното истражување на британските истражувачи од Универзитетот во Сасекс покажа дека пандемијата на коронавирусот ќе има сериозни последици за жените. Во истражувањето учествувале повеќе од 2.000 родители. Нивните податоци пред пандемијата на коронавирусот покажале дека 27 отсто од мајките биле повеќе ангажирани околу децата, додека овој број за време на пандемијата се зголемил на 45 проценти. Истражувачите откриле и дека 72 отсто од мајките себеси се опишуваат како главен дежурен родител, а така на себе гледаат и 67 проценти од жените што работат. Седумдесет отсто од нив биле одговорни и за онлајн наставата на своето дете. Авторката на студијата, Ели Лејси, тврди дека вкупно три четвртини од мајките ја презеле улогата на главен родител, кој се грижи за сѐ. Таа вели дека општеството се враќа на начинот на живот во 1950-тите години!

Сите овие податоци покажуваат дека и натаму, мажите повеќе заработуваат од жените, нивната работа поради тоа е поприоритетна, и во нормални околности жените често го носат поголемиот товар околу грижата за децата и за домаќинството, а јазот меѓу половите, социјални и родови нееднаквости не се минато, иако многумина сакаат да веруваат во обратното. Стереотипите за поделбата на улогите во моментов оживуваат, или подобро кажано тие никогаш и не исчезнале, корона-кризата само ги направи повидливи.

И не! Веројатно пандемијата не ги врати жените во 1950-тите, во текот на периодот на стабилизација на земјата по Втората светска војна, кога нејзината општество-ангажирана улога како соборец во борбата како да „стивна“ и таа се врати на претходно востановената улога на репродуктивно-семејната рамка. Пандемијата ги врати уште поназад, во вековите во кои се верувало дека жената е насочувана од емоциите, а не од разумот, дека таа инстинктивно е склона кон домот и мајчинството, отфрлајќи го ставот дека жените и мажите имаат една, заедничка, човечка, природа, дека домаќинството и мајчинството се научени улоги и дека женскоста и машкоста се ефекти на културата, а не на природата.

Женската општествена партиципација како облик на таканаречена еманципација, политичка, економска, образовна, но и онаа интимната, лична, приватна сфера на жената не е докрај променета. „Работата од дома“ само го исфрли тоа на површина. Затоа ако веќе селективно или ограничено полека се враќаме на работните места, први вратете ги жените на работа. Дури и под услов машината за перење да остане празна!