Во заложништво на недовршените реформи

Многу оцени, коментари и констатации, со различна доза на критичност, во однос на 30-годишнината од прогласувањето на независноста беа изречени во изминативе денови. Некои од нив беа повторувања од претходните годишнини и јубилеи, некои беа формулирани специјално за таа пригода, но ниту во една од нив, па ни во сите заедно, не можеше да се собере доволно цврст материјал за градење барем некаков умерен оптимизам во однос на очекувањата од периодот што претстои

Поразително е сознанието дека во текот на животот на една генерација не е ништо направено, а уште попоразително е кога истата „заслуга“ може да им се припише на повеќе генерации, оние чиј активен животен век се совпаѓа со периодот на изминативе три децении од прогласувањето на македонската независност, која вчера, повеќе или помалку соодветно на околностите, беше прославена. Како и да е, формата, можеби не по сечиј вкус и според сечии стандарди, беше задоволена. Но што е со содржината?
Многу оцени, коментари и констатации, со различна доза на критичност, во однос на 30-годишнината од прогласувањето на независноста беа изречени во изминативе денови. Некои од нив беа повторувања од претходните годишнини и јубилеи, некои беа формулирани специјално за таа пригода, но ниту во една од нив, па ни во сите заедно, не можеше да се собере доволно цврст материјал за градење барем некаков умерен оптимизам во однос на очекувањата од периодот што претстои.
Точно е дека транзицијата од еднопартискиот во плурален систем се покажа како многу тежок процес и за државите што во самиот почеток беа на многу повисоко ниво на развој од Македонија. Точно е дека треба да се имаат предвид и сите отежнувачки околности специфични за земјава, како и повремените интерни и екстерни кризи од различна природа. Но многу повеќе натежнува страната на која можат да се набројат сите пропуштени шанси Македонија да стане Швајцарија на Балканот, како што некој еднаш кажа, што пред сѐ, е во зоната на одговорноста на сите досегашни владејачки гарнитури, кои неоправдано долго го развлекоа процесот на транзиција одбегнувајќи доследно и решително да ги спроведат неопходните реформи.

И многу е важно да се знае оти тоа воопшто не е правено поради некои наивни причини и дека земјата и повеќето нејзини граѓани свесно се втурнати во транзицискиот лавиринт, оставени таму бесцелно да талкаат цели три децении додека политичките елити бараа и наоѓаа решенија за сите свои проблеми и излези од секоја за нив неповолна ситуација.
Како инаку да се објасни повеќепати и од различни извори потврдениот факт дека, веднаш по осамостојувањето, кога поради различните ембарга, во земјава владееше немаштија, добар дел од нив се ставија во функција на логистика на тогаш со половина свет конфронтираната Србија, моментот, кој според многумина, неповратно ја втурна земјава во балканското подземје на шверцувањето и нелегалната трговија прво со нафта, а потоа и со цигари, дрога, бело робје, илегални мигранти… Правосудството и државната администрација безгласно ги следеа потребите на нелегалниот пазар инфицирајќи ги така стопанството, здравството, образованието, урбанизмот…
Ентузијазмот на постреферендумските години набрзо се стопи во криминалот и корупцијата, а Македонија стана заробена држава, за тие што владееја да можат да бидат слободни.
Затоа Македонија сега е на врвот на светските листи според бројот на починати од ковид-19, затоа се чека утринската роса да го изгасне пожарот на Галичица, затоа некојси таму Кичеец, по налог на НН од Управата за извршување санкции и по препорака на НН лекарот, за време на, платен или неплатен одмор од издржување на затворската казна, може слободно да јаде мекици на Стража и да предизвикува сообраќајни несреќи…

И да не се залажуваме веќе со некакви партиски поделби. Тие постојат само додека се вклучени телевизиските камери, а кога ќе почнат да се делат работните места, функциите, јавните набавки, концесиите, па дури и правдата, исчезнуваат сите поделби и по идеолошка и по национална основа. Остануваат само поделбите на тие што добиваат и на тие што губат од државата

И којзнае колку уште од тие за кои мислиме дека безбедно се сместени во некој од овдешните затвори слободно возат низ улиците и до мила волја јадат мекици. Затоа македонските дипломати ги користат дипломатските пасоши и државните ресурси за шверцување на одбегнатите осуденици.
Затоа амбициозно започната децентрализација на власта и на јавните финансии се сведе на наказно изградени кружни текови во општините низ државата, а громогласно најавениот инфраструктурен бум буквално го растури населението и до најоддалечените делови на планетава. Затоа „успехот“ на економијата се сведува на парада на контроверзните белосветски инвеститори.
Затоа на Државниот завод за статистика му паѓа системот среде пописот со образложение дека интернетот не чини, иако никој друг во тој период не се пожалил на него, а половина држава работи онлајн. Има уште многу „затоа…“
И да не се залажуваме веќе со некакви партиски поделби. Тие постојат само додека се вклучени телевизиските камери, а кога ќе почнат да се делат работните места, функциите, јавните набавки, концесиите, па дури и правдата, исчезнуваат сите поделби и по идеолошка и по национална основа. Остануваат само поделбите на тие што добиваат и на тие што губат од државата.

Затоа политичката сцена во земјава е мошне предвидлива, партиите се без идентитет, а ги водат луѓето без интегритет, со мали или никакви политички знаења и вештини и затоа исклучително густо е премрежена со остатоците на компромитирани структури, натпросечно корумпирана, со речиси легализираниот непотизам и клиентелизам. Репресивниот и правосуден систем не реагира затоа што и самиот во недозволиво високиот степен е партизиран и воопшто не заостанува зад политичките партии во однос на ниту еден од овие епитети.
Департизирањето на државниот апарат би можел да биде почеток на вистинскиот пат за излез од транзицискиот лавиринт, но наивно е да се очекува оти, без навистина силен притисок, партиите ќе се согласат со тоа.
Нека ни е честит Денот на независноста! Со задоцнување, како што се доцни и со реформите.

[email protected]