Во домот на силувачи и фалсификатори

Упорноста со која постојано се спушта нивото на политичката дебата е феномен што би требало да биде предмет на сериозни преиспитувања во партиските штабови, но и меѓу нивните финансиери и гласачи. И тоа не само заради „уметничкиот дојам“, туку пред сѐ заради создавање пристојна, програмски содржајна и релевантна политичка понуда. Вулгарната, агресивна и клеветничка реторика, збогатена со лаги, полувистини, премолчувања и нереални ветувања, нема да ги реши проблемите што станаа навистина преголеми за една ваква мала држава. Со полуинтелигентните и компромитирани политички алатки што ги користат повеќето од актуелните политичари не можат да се зашрафат расклатените и ’рѓосани механизми во здравството, образованието, правосудството, економијата…

При навигацијата низ непрегледните, помалку или повеќе разбранувани и најчесто заматени води на политичката, но и на јавната дебата воопшто, многу е тешко, неретко и речиси невозможно, да се определи и да се задржи вистинскиот курс. Особено кога главниот компас во таквите поморски предизвици би требало да биде силно и непристрасно правосудство што ќе се грижи кревката линија помеѓу слободата на изразување и клеветата, вистинската и таканаречената лажна информација, разоткривањето и затскривањето на нештата, да остане видлива. Но судејќи по нивото на дебатите што веќе подолг период се водат во Македонија, таа дефинитивно е избришана. Како инаку да се објасни сето она што упорно и неуморно ѝ се сервира на јавноста од страна на политичките актери и на нивните помагачи стратегиски распоредени на јавната сцена.
Еден од посликовитите примери за тоа е неодамнешното тврдење на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски дека во актуелниот парламентарен состав седи осуден силувач на жена, а потоа и неговото одбегнување да посочи на некој од своите колеги, што, се разбира, не го спаси од контраобвинувањето од СДСМ дека и самиот тој бил евидентиран како прекршител на закон во Германија, каде што, наводно, фалсификувал некакви документи. И сега јавноста треба да истражува кој е силувачот меѓу пратениците и има ли меѓу нив и фалсификатор на документи. Убави референции за луѓето што седат во законодавниот дом. Не е ни чудо што оттаму сѐ почесто произлегуваат силувани и фалсификувани закони.

Или тоа, можеби, не е вистина? Ако е така, тогаш е лага и клевета. А ако еден пратеник, дури и од собраниската говорница, или една политичка партија, па нека е и владејачка, можат неказнето да изнесуваат тврдења за кривични дела со не баш мала тежина, тогаш зошто за слични постапки се прогонуваат новинарите, на пример?
Таквата „слобода на изразување“, по сѐ изгледа, им е доделена само на политичарите како валиден индикатор на нивната политичка култура, која својот процут го доживеа во времето кога сегашниот премиер Зоран Заев од позицијата на опозициски лидер, пред точно шест години, почна да ги активира таканаречените бомби, за кои подоцна се покажа дека, во голем дел, биле само димни. Но спиралата на недокажани обвинувања ни потоа не запре, така што веќе не се знае што е лага, а што вистина во оваа држава.
Не дека јавноста сега нешто многу би требало да се грижи за честа и угледот на жртвите, кои неретко и сами се инспиратори на политичките интриги, но не би смеело да остане рамнодушна пред можноста дека во Собранието, или во која било друга државна институција, седат силувачи, фалсификатори и сторители на разни други казниви дела. Таквите нешта не би смееле да постојат дури ни како претпоставки доколку институциите навистина функционираа и доколку навреме беа дефинирани некакви критериуми за избор на државна функција. А ако тоа, сепак, би се случило, би требало да се создаде доволно силен притисок во јавноста што таквите личности ќе ги натера самите да се повлечат од позициите.

Не дека јавноста сега нешто многу би требало да се грижи за честа и угледот на жртвите, кои неретко и сами се инспиратори на политичките интриги, но не би смеело да остане рамнодушна пред можноста дека во Собранието, или во која било друга државна институција, седат силувачи, фалсификатори и сторители на разни други казниви дела. Таквите нешта не би смееле да постојат дури ни како претпоставки доколку институциите навистина функционираа и доколку навреме беа дефинирани некакви критериуми за избор на државна функција. А ако тоа, сепак, би се случило, би требало да се создаде доволно силен притисок во јавноста што таквите личности ќе ги натера самите да се повлечат од позициите

Вака, како што е, тврдењето на Милошоски дека во Собранието седи осуден силувач експресно беше потиснато со лансирањето на аферата „Јавна соба“, а потоа и со споменатото контраобвинување на негова сметка. Останува сега да видиме, а можеби додека овие редови се подготвуваат за печат веќе и ќе стане јасно, со што ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да ги покрие наводите за фалсификување документи од страна на нивниот сопартиец, што воопшто не е наивна игра.
Упорноста со која постојано се спушта нивото на политичката дебата е феномен што би требало да биде предмет на сериозни преиспитувања во партиските штабови, но и меѓу нивните финансиери и гласачи. И тоа не само заради „уметничкиот дојам“, туку пред сѐ заради создавање пристојна, програмски содржајна и релевантна политичка понуда. Вулгарната, агресивна и клеветничка реторика, збогатена со лаги, полувистини, премолчувања и нереални ветувања, нема да ги реши проблемите што станаа навистина преголеми за една ваква мала држава. Со полуинтелигентните и компромитирани политички алатки што ги користат повеќето од актуелните политичари не можат да се зашрафат расклатените и ’рѓосани механизми во здравството, образованието, правосудството, економијата… Можеби добро би било медиумите, наместо да им посветуваат внимание и да ги афирмираат, да почнат полека да ги заобиколуваат и игнорираат крајно невкусните и над сѐ, штетни по јавното здравје, меѓупартиски пресметки. Јавно изречениот збор би требало, конечно, да почне да се валоризира.

[email protected]