Водата – важна, а сепак потценета

Сите сме свесни за значењето на водата, но малкумина го сфаќаат нејзиното вистинско значење, сѐ додека и самите не се соочат со проблеми, особено со рестрикции. Неопходноста од нејзино рационално користење станува сѐ поочигледна, но, за жал, многумина и понатаму ја користат за непродуктивни цели

Иако повеќето од нас не можат да си го замислат секојдневието без вода, за жал, одреден процент жители речиси на целата територија на Република Македонија се соочуваат со рестрикции, намален водотек, целосно прекината испорака на вода или, пак, уште полошо, воопшто немаат пристап до чиста вода за пиење. Официјалните податоците покажуваат дека 97 отсто од граѓаните имаат пристап до безбедна вода за пиење. Во градовите покриеноста со вода за пиење е целосна или стопроцентна, но во руралните средини 78 отсто од населението има исправна вода за пиење.

Но и покрај толку високиот процент, на многу места имаат проблеми во снабдувањето. Само оние што секојдневно се борат низ дневните рутини без редовно снабдување со вода знаат колку е тешко без есенцијалната течност на планетата. Неможноста да се напијат свежа вода, граѓаните можеби ќе успеат да ја ублажат со купување амбалажирана вода, но како да се вршат преостанатите домашни обврски. Како да се измијат садови, како да се исперат алишта или како да се истушираме… подобро да не продолжуваме понатаму. За да функционира еден дом, неопходно му е редовно снабдување со вода.

Сведоци сме на неодамнешните поплаки, па дури и протести на жителите на скопско Кучково, кои на 40 степени Целзиусови се соочуваа со „празни чешми“. А не е само Кучково, цели градови и села се повеќе часови без доволно вода. Правото на пристап до вода за сите граѓани треба да биде приоритет за државата и институциите, а не тие во знак на револт да си го бараат ова есенцијално право преку протести.

Дополнително, се забележуваат проблеми со водата за пиење во руралните населени места, каде што се провлекуваат пропусти како недефинирани санитарни заштитни зони, околу извориштата на водата за пиење, недостиг од опрема за прочистување и дезинфекција на водата за пиење, но и несоодветно одржување на каптажите, објектите и водоводите. Руралните средини се повеќе изложени на ризик од бактериолошко загадување, што е причина плус за загрозување на здравјето на граѓаните. Некои од општините во Македонија своите извори на вода за пиење ги дополнуваат со вода од бунари, посебно во неурбанизирани и стари населби, вода што не се контролира и нема податоци за безбедноста и критериуми за квалитет.

Дополнителен проблем е што грижата за водата во Македонија е поделена меѓу голем број институции и тела, од кои многу се соочуваат и со недостиг од соодветна опрема што ќе им овозможи навремен увид во состојбите. Генерално, водата за пиење ја следат големиот број јавни претпријатија, кои се под надлежност на општините. Иако кај многу од нив има навремена проверка на резервите на вода, навремено се прават и контролите на квалитетот, сепак, одредени средини се соочуваат со рестрикции или повремено загадување на водата од различни причини. Не постои едно тело што може да укаже каде има недостиг од вода за пиење, ниту како да се надоместат недостатоците.

Но недостигаат и навремени и реални податоци за подземните резерви на вода, евиденција што се сумира во Хидрометеоролошкиот завод, но оттаму велат дека нема соодветна опрема што тековно ќе дава податоци колкави се подземните резерви.
Иако за водостоите на реките и езерата има редовни извештаи и се следат количествата вода што ги има на површината, сепак, ова не е доволно да се направат планови како најдобро да се искористи водата за потребите во државата, без притоа да се испразнуваат расположливите количества. Водата не е ресурс неопходен само за домаќинствата, напротив, нејзината употреба во земјоделството и стопанството е уште поесенцијална и неопходна за комплетирање на планираните активности.

Екстремно високите температури што ја зафатија нашата земја изминатиот период сосема очекувано донесоа и зголемена потреба од вода, поради што се трошеа повеќе количества, како за домаќинствата така и за наводнување или, пак, за други потреби. Ова придонесе да се намалат водните резерви, како површинските така и подземните, што доведе до ситуации во одредени региони да се јави недостиг од вода за пиење.
Уште еден од проблемите за кои ќе мора да се посвети поголемо внимание се климатските промени, поради кои во иднина се очекуваат уште посушни периоди, но и обилни дождови што може да предизвикаат поплави.

Екстремните поројни врнежи што може да предизвикаат поплави или разни катастрофи, како што видовме низ Европа и светот изминатиов период, може да зачестат. Токму ова треба да биде поттик за поорганизирано водостопанство и хидролошки мониторинг, кои ќе помогнат да се ублажат последиците. Со паметни и планирани инвестиции, вишокот вода може да се задржи во горните сливни подрачја од каде што ќе може да се хранат површинските и подземните резервоари. Иако станува збор за долгорочни планирања и инвестирања, кои не би можеле да се завршат со една владејачка гарнитура, сепак, неопходен е договор што ќе резултира со планови и инвестиции, сѐ со цел зачувување на резервите и нивно рационално користење.

Сите сме свесни за значењето на водата, но малкумина од нас го сфаќаат нејзиното вистинско значење, сѐ додека и самите не се соочат со проблеми, особено со рестрикции. Неопходноста од нејзино рационално користење станува сѐ поочигледна, но, за жал, многумина од нас и понатаму ја користат за непродуктивни цели. Растот на градовите и потребата за снабдување со вода за пиење на новите објекти и домаќинства во урбаните средини, сѐ повеќе ќе вршат притисок врз водоснабдувачките системи, па доколку сакаме сите да имаме вода за пиење, мора да почнеме да ја цениме. Истовремено, државата мора да изнајде начини и мерки со кои ќе овозможи навремено следење на резервите на вода, соодветно управување со водните резерви и редовна контрола на квалитетот на водите.