Внатрешниот непријател на ЕУ

Во моментов Бугарија веројатно е најголемиот кочничар и негатор на
политиките и воопшто на суштината на постоењето на ЕУ во секој поглед.
И од аспект на газење врз принципите на меѓународното право и газење врз Копенхашките критериуми, па до блокада на мисијата на Фронтекс.
Сето тоа се европски проекти, европски заложби што Бугарија
упорно ги опструира и блокира, иако и самата е членка на Унијата. Прашање е само до кога Брисел ќе го трпи и премолчува сето тоа

Со почетокот на есента, или можеби зимата, повторно почнаа резервираните изјави на овдешните политичари дека во декември е можно земјава конечно да ја одржи првата меѓувладина конференција со ЕУ, откако ќе поминат фамозните избори во Бугарија. Соодносот вето – датум засега е 50 наспроти 50, во зависност дали на Софија ќе ѝ се допадне одговорот на мистериозниот документ испратен до македонските власти, иако граѓаните тука воопшто не живеат во илузии дека Бугарија ќе отстапи без да го добие она што го посакува, поточно без да го обезличи македонскиот народ. Читателите сигурно ќе се запрашаат зошто толкав песимизам, кога бугарските политичари катадневно изјавуваат дека ни се најголеми пријатели, браќа, со слаткоречив речник ни кажуваат колку многу сакаат да ја видат земјава во ЕУ, ама, пустото секогаш има ама, не смееле да ги загрозат националните интереси и да ја дестабилизираат ЕУ со внесување проблеми внатре, иако токму со нивното влегување почнаа проблемите во Унијата. И не само тоа, во моментов Бугарија веројатно е најголемиот кочничар и негатор на политиките и воопшто на суштината на постоењето на ЕУ во секој поглед. И од аспект на газење врз принципите на меѓународното право и газење врз Копенхашките критериуми, па до блокада на мисијата на Фронтекс. Сето тоа се европски проекти, европски заложби што Бугарија упорно ги опструира и блокира, иако и самата е членка на Унијата.

Во суштина, без оглед на изливите на „љубов“ од страна на источниот сосед, повеќе од јасно е дека Софија настапува по добро испланирано сценарио, од кое не отстапува ниту милиметар во однос нс Македонија, сè додека не го искорени македонизмот на овие простори, нешто што неодамна директно го кажа и бугарскиот претседател Румен Радев. Тоа се нивните национални интереси, а наводната загриженост за невнесување проблеми во ЕУ е само изговор пред европските партнери за неразбирливите позиции во врска со блокадата на проширувањето.
Зашто, ако подобро се анализираат работите, тогаш секому ќе му стане јасно дека бугарската блокада на Македонија не е од пред една година, туку трае многу подолго.
Имено, Софија три години свесно го блокира Договорот за управување со границите помеѓу ЕУ и Македонија, познат како Фронтекс, поради неприфаќањето на македонскиот јазик во документот, притоа прекршувајќи го Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан меѓу двете земји во 2017 година, а надвор постојано жалејќи се дека Македонија е таа што го прекршува и не го исполнува договореното.
Ако некој три години одбива да стави параф за нов мандат на Фронтекс на македонските граници, тогаш и Брисел треба сериозно да се запраша зошто нивна земја-членка си поигрува со безбедноста во регионот, но и со безбедноста на самата Унија. Последните настани во Косово најдобро покажаа дека е потребна мала искра да пламне балканското „буре барут“, што ќе предизвика домино-ефект и нови мигрантски бранови кон Европа од сите страни.
Попусто ЕУ инсистира на владеење на правото и почитување на меѓународното право, кога Бугарија флагрантно ги прекршува првите три члена од меѓународниот Договор, поздравен од истата таа Унија, како чин преку кој се затвораат отворените прашања на Балканот.

Токму членот 3 од Договорот за добрососедство и пријателство е целосно прекршен од бугарска страна, бидејќи со него се предвидува двете земји да помагаат за развој на соработката меѓу државите од Југоисточна Европа, за зајакнување на разбирањето, мирот и стабилноста во регионот и при реализацијата на регионални проекти, како дел од процесот за создавање единствена Европа. Што прави Бугарија? Со одбивањето да го потпише договорот за Фронтекс, директно ја опструира соработката меѓу државите од ЈИЕ обединети околу заедничката одбрана на европските граници од напливот на мигранти и уште повеќе ги загрозува мирот и стабилноста во регионот.
Неразбирлив е молкот од официјален Брисел зошто не се ратификува договорот за Фронтекс, бидејќи оставањето на македонската граница незаштитена само поради билатерален јазичен спор директно ќе ја загрози и безбедноста на Европа, со наплив на нов бран мигранти, слично како во 2015 година, кога европските држави подигаа боцкави жици да ги спречат мигрантите да влезат на нивна територија.
И додека ЕУ продолжува да ги поддржува неразумната бугарска позиција во однос на македонскиот јазик и флагрантното погазување на европската регулатива од страна на Софија, Унијата не треба да биде зачудена од нов мигрантски бран ако македонските гранични служби бидат оставени без помош во справувањето со мигрантите.

Симптоматично е и тоа што Брисел настапува со двојни критериуми, од една страна најавува остри мерки кон Полска и се заканува со одземање на правото на глас и парите од европските фондови ако не го усогласи своето законодавство со европското, од друга страна не ја притиска Бугарија да ратификува договор од кој во еден дел зависи и европската безбедност. Навистина парадоксална ситуација.
Навистина загрижува целта на оваа најнова опструкција од источниот сосед, односно дали зад тоа се крие едно поинакво сценарио, кое можеби потајно е посакувано во Софија, а кое би предвидувало внатрешно дестабилизирање на земјава преку неконтролиран наплив на мигранти и можност за иден бугарски ангажман на македонска територија, наместо оној на Фронтекс.
Некакво друго разумно објаснување за нелогичната блокада на Фронтекс не може да се најде, иако македонските граѓани не сакаат да веруваат дека Бугарија игра некакви заткулисни игри на сметка на својот прв сосед.

Не е исклучено Софија токму Договорот за Фронтекс да го користи како алатка за притисок врз Македонија да ги прифати бугарските барања најпрво за јазикот, а потоа и за идентитетот и историјата, со што ќе ја оствари крајната цел, да го избрише македонизмот.
Тој притисок суптилно почна пред три години, преку условувањето со Фронтекс, подоцна се манифестира преку ветото за евроинтеграциите, а во последно време почнува да се чувствува и околу инсистирањето за бројот на Бугари во земјава и резултатите од пописот. Но ваквите игри на Бугарија се чини дека одамна се прочитани и не поминуваат, ниту кај мнозинството земји-членки на ЕУ а уште помалку во Македонија.
Ниту еден потег не е случаен, па, затоа, внимателно со прогнозите кога „игра“ Бугарија.