Вистината не е за сите луѓе, туку само за оние што ја бараат?

Не е најголема будала оној што не умее да чита, туку оној што мисли дека сѐ што ќе прочита е вистина, рекол нобеловецот Иво Андриќ. И токму оваа негова мисла е толку актуелна во нашево актуелно опкружение и состојби што ја отсликува токму вистината за тоа какви сме ние. А лагите, лажните вести, полувистините, манипулациите и спиновите, колку да изгледаат како најлесно привремено решение пред соочувањето со реалните предизвици, не се оружја што убиваат одеднаш, туку подмолно, како карцином го трујат целиот организам (читај: систем), а тогаш кога ќе се сфати спротивното, бива предоцна…

Во време кога манипулацијата со вистината и целосните информации стана „легитимна професионална дисциплина“, секако именувана со сложени креативно смислени флоскули, потребно е сериозно преиспитување на функционалноста на класичните алатки за препознавање на лагата. На пример, се чини дека веќе воопшто не е критеруми препораката на еден стар француски филозоф дека „оној што не е сигурен во своето помнење, не треба да се впушта во лажење“. Ниту онаа на еден полски комичар дека „тајната е најдобро да му се довери на докажан лажго – и ако ја открие, никој нема да му верува“. Продукцијата и борбата со лажните вести, или барем пласирање полувистини и нецелосни информации се претвори во предизвик на секојдневјето, како на „продуцентите“, така и на „консументите“ на информациите. Секако, тоа се различни предизвици за сите што се наоѓаат на двете страни од информацијата. Продуцентите на лажните вести треба да го изберат делот од информацијата што е во интерес на нивниот (најчесто политички спонзор), а на штета на ривалите. Додека на консументите на информациите им е потребна вештина за дешифрирање на пласираните содржини (препознавање на интересите и целите на информаторот) за колку-толку да ја препознаат вистината. Притоа, во битката со лажни вести и реални интереси, најголемиот товар сепак го носат медиумите . Некои од нив настојуваат да ги одржат професионалните стандарди во информирањето, посветени на интересот на јавноста и безрезервно на вистината. Но повеќето од новосоздадените турбофолкерски медиуми се далеку од стандардите и професионалните новинарски принципи. Предизвикот е поинтензивен со напливот на интернет-медиуми и пренесување информации преку социјалните мрежи, што во голема мера ги става на тест и стандардите на слободата на информирањето.

Во секој случај, ноторна политичка реалност е дека манипулираните информации се сѐ помоќно оружје во борбите за доминација како на геополитички план, така и во националните политички средини.
Најактуелното глобално соочување со феноменот на спинувано информирање деновиве е предизвикано од драматичните случувања во Авганистан, по повлекувањето на меѓународната воена мисија, предводена од САД, и (не)очекуваниот мигрантски бран од таа земја, како последица на преземањето на власта од страна на талибанците. Несомнено е дека станува збор за крупен меѓународен настан, со речиси тектонско влијание врз целокупното светско живеење. Можноста од прелевањето на мигрантскиот бран од Авганистан предизвика нервоза речиси во сите европски земји, а проекцијата на потенцијалните опасности и влијанието врз социјалната, економската, политичката, па и демографската реалност ги вознемири и македонските граѓани. Секаква вознемиреност на јавноста е најпогоден терен за активирање на битката со информациите. Но колку што е опструктивно креирањето лажни вести, можеби уште поопасна за општествениот амбиент и загриженоста на јавноста е селективноста во пласирањето на информациите, дозирање и нецелосно прикажување на вистинската состојба. Амбиент на недоверба и вознемиреност во македонската јавност предизвика токму информативното тактизирање откако беше објавена веста дека Македонија ќе прими околу 450 Авганистанци во рамките на меѓународната спасувачка и хуманитарна мисија за прифаќање цивилно и миротворно население од Авганистан.

Недореченостите во информациите за бројноста на Авганистанците што привремено ќе бидат сместени во Македонија додека добијат виза за САД, или трети земји, каде што ќе бидат сместени, кој ќе ги покрие трошоците за нивниот престој… оставија доволно временски простор за ескалација на вознемиреноста во јавноста. Речиси логично очекувано е во поларизираниот политички амбиент во Македонија, особено пред избори, ваква глобална криза, со можни импликации и врз состојбите во земјата да предизвика партиско-опозициски креирани ставови, а ситуацијата да се оцени како погодна за напади врз политиките на владејачката структура. Затоа, криењето на вистината и нецелосните информации не се препорачлива стратегија за смирување на јавноста и воопшто за справување со целата состојба со потенцијалната опасност од наплив на нов мигрантски бран. Криењето на вистината, колку да изгледа како најлесно привремено решение пред соочувањето со реалните предизвици, секогаш оди во прилог на нејзината спротивност – лагата и нејзините современи деривати – лажните вести, политички манипулирани информации и конечно недоверба на јавноста.

Едно од соочувањата со предизвикот на лажните вести, секако, е подготвеноста за едукација на медиумска писменост, односно да препознаат кому можат да му веруваат. Зашто колку и да изгледа дека во светот на информациите доминира напливот на брзи, непроверени, површни, неписмени, непрофесионални, лажни вести, сепак во македонското општество сѐ уште постојат медиуми што упорно опстојуваат на професионалните стандарди во информирањето, на кои на прво место им се објективноста, јавниот интерес и интересот на граѓаните. Почитувањето на таквите стандарди никако не подразбира агресивност во настапот, па можеби во динамиката на брзото и непроверено информирање не се толку атрактивни. Но вистината не е само атракција – вистината е реалноста на животот, со која, секако, мора да се соочиме и да се справиме, за да го добиеме најдоброто што можеме од себе!