Ветувањата на дело

Максимално треба да се реализираат проектите и идеите што се во планот, а помалку да се троши за работи што генерираат долгови, но не носат додадена вредност. Не треба да страдаат капиталните проекти и големите инвестиции за сметка на социјалните и непродуктивни трошоци, бидејќи само така можеме да генерираме раст на економијата

Економиите во Источна Европа покажуваат знаци на подобрување, па се чини дека научија како да живеат со пандемијата, но Македонија, за жал, е една од трите источноевропски економии што немаат напредок, покажуваат економските проекции на Виенскиот институт за економија. За 20 од 23 земји што ги прогнозирале се очекува да имаат повисок раст отколку што сметале претходно.
Бруто-домашниот производ на Македонија во првиот квартал од 2021 година падна за 1,9 отсто, што е четврти последователен квартал со пад. Исто така, падна во споредба со претходниот квартал за 0,6 отсто. Потрошувачката на домаќинствата беше ограничена од силниот бран на пандемијата и порасна за само 0,4 отсто во споредба со лани, и покрај напливот на дознаки и релативно добриот пазар на трудот. Формирањето на бруто-капитал се намали за 17 отсто на годишно ниво, и покрај силниот прилив на странски директни инвестиции (12 отсто од БДП). А буџетскиот дефицит во првиот квартал заврши на 4 отсто од БДП. Особено слаба беше реализацијата на капиталните расходи, што падна за 34 отсто под планот.
Владата усвои нов буџет, со кој се предвидува капитално трошење за 27 отсто повисоко отколку што беше претходно најавено. Ребалансот на буџетот е повторно зголемен, но како и претходно, само на хартија, без да се реализира сѐ што е најавено. Владата не обезбедува доволно поддршка на економијата и има застој во остварување на проектите. Тоа значи дека Владата не троши доволно средства за да излезе економијата од кризата.

Ако го погледнеме буџетот, во првите пет месеци реализацијата е многу помала од она што се планираше, на пример капиталните расходи во првите пет месеци се реализирани само 22 отсто. Во првите пет месеци имаме само 80 милиони евра капитални инвестиции. Владата со ребаланс на буџетот предвидува раст на капиталните расходи од 27 отсто, односно дека во целата година ќе има инвестиции во износ од околу 500 милиони евра. Но дали е возможно во следните седум месеци да има 420 милиони евра инвестиции, ако само за пет месеци се остварени 80 милиони евра?!
Што значи истата приказна е како и претходните години, максимално треба да се реализираат проектите и идеите што се во планот, а помалку да се троши за работи што генерираат долгови, но не носат додадена вредност. Не треба да страдаат капиталните проекти и големите инвестиции за сметка на социјалните и непродуктивни трошоци, бидејќи само така можеме да генерираме раст на економијата.
Со предложениот ребаланс на буџетот се предвидуваат пари за капитални проекти, повеќе пари за здравството, за образованието, за земјоделството, повеќе пари за нови мерки, повеќе пари за нови вработувања. И сево ова се инвестиции што позитивно ќе влијаат врз економскиот раст, но и врз животниот стандард на граѓаните и затоа носењето на овој ребаланс е исклучително важен за нашата економија. Но власта мора да покаже поголема храброст во реализацијата на капиталните проекти, а помалку да троши за работи што генерираат долгови. Бизнис-секторот исто така бара со ребалансот на буџетот, кој е во финална фаза на кроење, да не страдаат капиталните проекти за сметка на социјалните и непродуктивни трошоци. И тоа мора да се промени.

Ако во текот на годинава не покажеме финансиско закрепнување, не покажеме момент дека во економијата влегуваат инвестиции, но и свежи пари, нема да одиме со очекуваниот и проектиран развој, без разлика на политичките опции. Оттука ветувањата треба да ги видиме на дело. Реализација на идеите мора да се развиваат во насока на итно финансиско заздравување на економијата, со финансии, инвестиции, домашни и надворешни. Мора во следниве месеци да се работи да се зголеми капацитетот на македонската економија, континуирано се задолжуваме, а не го гледаме ефектот, нема потенцијал за раст. И не дека е проблем задолжувањето, сосема е оправдано сѐ додека тие проекти целосно се реализираат и продуцираат повисок раст на БДП.