Некогашниот американски претседател Џон Кенеди одамна има кажано дека „човештвото мора да ѝ стави крај на војната, или војната ќе му стави крај на човештвото“. Но воените ветришта и денес не запираат, при што се активни повеќе воени жаришта низ светот. Каде е тука моќта на дипломатијата?

Светските жаришта, таканаречените буриња барут, конфликтни зони и области на несигурноста никако да исчезнат од денешницата, во време на 21 век, кога очекувањата на модерното живеење се повеќе насочени кон освојување на вселената, напредок на науката, технологијата и медицината, отколку кон ѕвечкање со оружје. Една таква црна дамка на геостратегиската карта во светот деновиве е токму Нагорно Карабах.
За оние што не знаат, тоа е место лоцирано на 270 километри западно од азербејџанскиот главен град Баку и околу 150 километри од ерменската престолнина Ереван. Tокму на оваа граница меѓу двете соседни држави во Кавказ во последните неколку децении се изредија серија помали и поголеми инциденти и т.н. мини-војни, кои во својот виор однесоа многу животи кај завојуваните страни и константно причинуваат огромна материјална штета.
Имено, во најновата епизода на овој конфликт на Кавказ, кој изби пред десетина дена, повторно беа разурнати домовите на околу 145.000 жители, кои ја имаат несреќата да го наречат дом местото што се чини константно е „жртва“ на геополитичките интереси на локалните и светските суперсили.
Но ништо помирно не е ниту во јужниот Медитеран, каде што речиси симултано се одвива битка на интереси и влијание меѓу сосема други две спротивставени држави, кои, за разлика од планините во Кавказ, својата „битка“ ја водат на море.
Воените ветришта дуваат и во источниот дел на Средоземно Море, откако веќе неколку месеци Турција и Грција се судираат околу новата поморска и енергетска експанзија на Анкара во Средоземјето и Егејот. Работите ескалираа минатиот месец, кога бродови на Турција и на Грција опасно си ги „попречија“ патиштата. Кратко по инцидентот беа активирани и можните морнарици на инаку „сојузничките“ бродови на Анкара и на Атина а сѐ се заврши со мировни медијации во рамките на НАТО. Во инцидентот Алијансата го избегна директниот судир меѓу повеќе земји-членки, бидејќи инцидентот за многумина ќе значеше и ефективен крај на сојузот.

Покрај ова, компликуваните и нарушени односи внатре во Алијансата деновиве се дополнија повторно со Турција, но сега со нејзината т.н. „авантурата“ во конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан, каде што своите краци ги замеша дури и Русија. Во овој конфликт, Анкара стимулирала сириски платеници да војуваат на една од страните, а за сето сведочи написот на магазинот „Форин полиси“, кој прстот го впери во Анкара и подвлече дека таа стои зад интересите на Азербејџан во конфликтот.
Во тој правец Турција повторно стави дел од моќните членки на НАТО во невообичаена позиција да ја координираат нивната порака со Москва, која одамна ја поддржува Ерменија. Аналитичарите стравуваат дека конфликтот би можел да предизвика дури и пошироки регионални конфронтации.
Според познавачите на случувањата, доколку ваквите тензии се прелеат по вторпат врз НАТО, сето може во иднина да го ограничи капацитетот на Алијансата да носи одлуки во други важни области, поврзани со релациите со Русија и со состојбите на боиштата на Блискиот Исток.
Во контекст на актуелните случувања, односно во моменти кога живееме во 21 век и во време кога се одигруваат сериозни безбедносни сценарија на масите на геостратегиските генерали во глобалната политика, можеби е дојдено време да се потсетиме на мудрата мисла на некогашниот американски претседател Џон Кенеди, кој рекол дека „човештвото мора да ѝ стави крај на војната, или војната ќе му стави крај на човештвото“.

Овие мудри зборови би немале логика ако нивната порака не допре до луѓето што ја водат светската политика. Токму глобалните лидери во овие моменти треба да се помудри од минатото, да се обидат да ги затворат ризичните конфликтни зони, на мирен и преговарачки стил на преговарачка маса, а потоа да ги здружат силите и сите заедно да се активираат да ги поттикнат своите држави, наместо да војуваат, да најдат лек за ковид-19 и да ја изгаснат пандемијата, која е најголемата закана на човештвото во модерното време.

[email protected]