Верски чествувања со неверски елементи

На тоа како природно да се надоврзува и политичката пропаганда, можеби на
„маргините“ на едно случување со верски карактер, но колку тоа да е логично причински последично поврзано во световната практика, длабоко го разнишува значењето на духовноста на верските празнувања

Во големите нешта луѓето се прикажуваат онакви какви што би сакале да бидат, а во малите онакви какви што се. Но во мигот кога животот ќе ги соедини големите и малите предизвици, или можноста да се конкретизира одредена желба со реалните човечки капацитети, веројатноста да се добие карикатурален резултат на успехот наспроти личното духовно воздигнување се претвора во тешко општествено искушение.
Во периодот од речиси триесетина години јавно практикување верски манифестации, поврзани со чествување религиозни празници, во македонското општество како да не успеа да се изгради култура на дистинктивност, т.е. разликување на духовните од световните вредности. За да се направи таквата разлика не е нужно на цел глас да се манифестира сопствената религиозност, или во друга крајност да се истакне изборот да се биде атеист, туку да се почитуваат прифатените принципи на изразување на духовноста. Поедноставно кажано, ако присуствуваш на верска манифестација, однесувај се како верник и не зборувај за други амбиции, кои се надвор од поводот за чествување.

И последното чествување на Водици, важен празник во (православното) христијанство, кој е ставен и во календарот на државни празници, повторно го покажа токму тој недостиг од бонтон во однос на начинот на искажување почит кон празнувањето. Политичките претставници повторно ги искористија масовните манифестации за фаќање на крстот во водите низ Македонија за промоција на своите политички планови и амбиции. Некои, дури и си реплицираа меѓусебно со изјави за конкретни политички иницијативи и проблеми во врска со закони, кои се провлекуваат со месеци, речиси паралелно додека се одвиваа религиозните активности поврзани со чествувањето на празникот Водици. Како што одминуваше денот на празнувањето, во медиумското известување изјавите на политичарите сѐ повеќе си го преземаа приматот пред пригодните изјави на актерите во чествувањето на Водици, односно на оние што успеале да го фатат крстот – најбележит чин по кој е препознатлив овој празник. И покрај несоодветноста во однесувањето, пред сѐ со медиумските изјави на местото на настанот, никој не им го оспорува правото на политичарите да бидат активен дел од верските манифестации, но како сите други верници. Во врска со политичкиот карактер на медиумските изјави што ги даваат политичарите на верски манифестации, тие би можеле да реплицираат дека тие одговараат според прашањата што им ги поставуваат претставниците на медиумите, но од друга страна познато ѝ е на јавноста дека тие мошне добро умеат да избегнат некој одговор кога тоа не им е во интерес. А политички декор во верска манифестација не е во ничиј интерес, па дури ниту на политичарите.

Веќе стана вообичаено, по празнувањето на Водици, повеќе да се зборува за инцидентите при фаќањето на крстот, отколку за универзалните духовни пораки што ги претставува тој чин. Ниту оваа година не беше одмината таквата инцидентност
меѓу учесниците

Манифестацијата на политички компетитивност, на верски настан што во својата суштина го воспева помирувањето, како доблест кон која треба да се стреми човештвото, некако несмасно се воспостави како грда опачина на празнувањето. Веќе стана вообичаено, по празнувањето на Водици, повеќе да се зборува за инцидентите при фаќањето на крстот, отколку за универзалните духовни пораки што ги претставува тој чин. Ниту оваа година не беше одмината таквата инцидентност меѓу учесниците, со тепачки при „освојувањето на крстот, кој се гледа како плен,“ до вербални расправии меѓу свештените лица што го извршуваат чинот со учесниците…

Фактот што тоа се повторува секоја година и поуките пред одржувањето на манифестацијата, како воопшто да не влијаат да се промени однесувањето на учесниците и да се научи и прифати вистинското значење и порака што во себе го содржи таквиот чин. Напротив, како таквите поуки и пораки да имаат спротивен ефект и компетитивноста е сѐ поизразено нагласена до степен на вулгаризираност.

На тоа како природно да се надоврзува и политичката пропаганда, можеби на „маргините“ на едно случување со верски карактер, но колку тоа да е логично причински последично поврзано во световната практика, длабоко го разнишува значењето на духовноста на верските празнувања. Затоа, неопходно е потребно да изградиме практична култура на почитување на вредностите, кои во духовноста се неприкосновени, а во световноста се предизвик што треба да се достигне. За почеток, потребен е еден обичен бонтон за однесувањето да ни биде исто и кога сакаме да ги достигнеме големите нешта, но и оние малите, кои често ги подразбираме. Ако доброто однесување и воздржување од непримерни постапки или изјави се практикува секој ден, не може да се изгуби ниту во големите денови.

Фото: Игор Бансколиев