Венецијански афтершок за Законот за јазиците

Без оглед на целиот политички контекст, предизборни коалициски договори, интереси и калкулации, Македонија треба да почне да докажува дека е подготвена да ги применува принципите на владеење на правото, со што ќе ја покаже и својата подготвеност да почне преговори за членство во ЕУ. Имплементацијата на забелешките на Венецијанската комисија во однос на Законот за употреба на јазиците може да биде првиот чекор и кон имплементација на европските принципи на владеење на правото

Законот за употреба на јазиците доживува уште еден афтершок од Венецијанската комисија. Навистина, македонската влада во неколку наврати се обидуваше да ги одложи ефектите од експертското мислење на меѓународно докажаните правници од Европската комисија за демократија преку правото, но се чини дека и два месеца по неофицијалното објавување на извештајот за уставноста на Законот за употреба на јазиците, Венецијанската комисија го нема променето мислењето. Имено, во соопштението што беше објавено по состанокот на комисијата на крајот од минатата седмица, правните експерти на Советот на Европа подвлекуваат дека во одредени области новиот закон може да оди премногу далеку со наметнувањето нереални обврски на јавните институции, особено во врска со употребата на албанскиот јазик во судска постапка, придружено со тешки санкции во случај на непочитување и можност за промена на судските решенија, доколку има недостиг од превод и толкување во текот на постапката.

Според мислењето на Венецијанската комисија, ваквиот пристап би можел значително да го забави функционирањето на целото правосудство, ризикувајќи сериозни нарушувања на правото на фер судење, загарантирано со Европската конвенција за човекови права. Комисијата понатаму забележува дека Законот за јазици не е прецизен кои одредби важат само за албанскиот, а кои исто така и за другите јазици на заедниците. Понатаму, дилема за употреба на двојазичноста постои и за банкнотите и униформите на армијата. Сепак, комисијата не навлегува во оцена на уставноста на законот или на негови одредени членови, нагласувајќи дека уставноста може да ја оцени само Уставниот суд на Македонија. Комисијата смета дека би било корисно властите да направат детална студија за причините што предизвикале одредени проблеми во примената на Законот за јазиците од 2008 година. Исто така, му се препорачува на законодавецот при повторното разгледување на измените на законот да не се користи скратената постапка во Собранието.

Освен содржинските забелешки за одредбите од Законот за употреба на јазиците, Венецијанската комисија изнела критика и на начинот со кој законот бил изгласан во Собранието: по скратена постапка, во отсуство на опозицијата и речиси без јавна расправа, неопходна кога законот е од широк јавен интерес. Не е избегната ниту констатацијата дека комисијата добила сознанија дека законот бил подготвен како дел од коалициски договор меѓу двете партии на власт, без претходна анализа на слабостите и пропустите во примената на Законот за јазиците од 2008 година.
И покрај оваа забелешка за големата политичка мотивираност во целиот проект на Законот за употреба на јазиците, по објавувањето на извештајот усвоен од Венецијанската комисија на пленарната сесија во петокот (6 декември), на македонската политичка сцена повторно се активираа старите и очекувани партиски позиции и реторики за потребата за (не)променето егзистирање на овој закон. По првичната изјава на премиерот Заев дека ќе бидат имплементирани сите забелешки од Венецијанската комисија, сепак, понатаму како да ретерираше, изјавувајќи дека „нема да дозволиме да бидеме наивни и да отвораме повторно некои работи што би можеле да нѐ поделат“. Таквото ретерирање доаѓа по изјавата на вицепремиерот Бујар Османи дека „секој обид на Министерството за правда да направи измени без усогласеност на целата влада и без консензус во Собранието, ќе отвори спирала што ќе нѐ помести од патот по кој сме тргнале“, односно „предупредувањето“ дека секое отворање на Законот за јазиците ќе нѐ врати пред 2001 година, алудирајќи на состојбите што доведоа до оружен конфликт таа година. Таквите тези на Османи во однос на имплементацијата на забелешките на Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците, освен што содржат нескриен етноцентризам, се сосема спротивни и на принципите на Европската Унија. Имено, членот 7 од Уставот ја утврдува употребата на немнозинскиот јазик како индивидуално право, а не како обврска, па врз основа на тоа, употребата на кој било малцински јазик врз граѓаните (без разлика дали тоа наметнување се однесува на јавната администрација, судските постапки, личните документи), претставува повреда на индивидуалното право на слобода на изразување, како и правото на смоидентификација.

Во светлината на препораката на Венецијанската комисија дека Уставниот суд на Македонија треба да ја оцени усогласеноста на овој закон со македонскиот устав, веќе е активирана иницијатива од неколку професори за поднесување претставка до него, иако веќе од претходно се поднесени претставки до наведената адреса од политички чинители во земјава, уште во фазата на донесување на законот, кои уште не се разгледувани.
Без оглед на целиот политички контекст, предизборни коалициски договори, интереси и калкулации, Македонија треба да почне да докажува дека е подготвена да ги применува принципите на владеење на правото, со што ќе ја покаже и својата подготвеност да почне преговори за членство во ЕУ. Имено, при последното недоделување на датумот за почеток на преговори со ЕУ, сериозна забелешка што всушност ги предизвика и најголемиот скептицизам и воздржаност за позитивната одлука на Советот на Европа, беше токму недовербата во владеењето на правото и правната држава во Македонија. Имплементацијата на забелешките на Венецијанската комисија во однос на Законот за употреба на јазиците може да биде првиот чекор и кон имплементација на европските принципи на владеење на правото.