Вежби за европски вредности со перење најлон-ќесиња

Чекајќи ги сигналите од ЕУ, Македонија и македонските граѓани треба да излезат накрај со внатрешните политички превирања во земјата, кои исто така се одвиваат под изговорот за побрза европска интеграција, да се справат реално со егзистенцијалната, здравствената, енергетската… и сите кризи што им се најавуваат. И да вежбаат европски вредности со перење ќесиња!

Активиран е планот Б за европската иднина на Македонија! Тоа е оној план – ако не нѐ прима ЕУ кај неа, европските вредности ќе ги донесеме кај нас, во Македонија. Коцките на судбината така се наредија, европската вредност што стапи во сила од 1 декември, некако како да потсетува на времињата кога естетиката од филмовите на Фелини со развеани испрани чаршафи над италијанските сокаци, кај нас „унапредена“ со развеани испрани пластични ќесиња, кои тогаш се нарекува најлон-ќесиња.
Кога и покрај реториката на подгревање надежи со „удобни решенија“ за почеток на преговорите за членство во ЕУ од претставниците на власта, на македонските граѓани им е сѐ појасно дека тоа нема да се случи на 14 декември, ниту со нова владина коалиција во Македонија, ниту со нова влада во Бугарија – воведувањето на европските вредности започна со укинување на пластичните ќесиња, како македонски придонес во зелениот договор на ЕУ. Случајно или намерно, укинувањето на ќесињата во маркетите се вклопи во зелената агенда на коалицискиот партнер во Владата, ДУИ, а го натера дури и министерот за животна средина Насер Нуредини да проговори на македонски јазик. Најпрвин, секоја чест за тоа, сега веќе процентот на граѓаните што разбраа, и кои всушност треба да бидат коректив за нивното работење, е – големо мнозинство граѓани, а сигурно повеќе од дваесет проценти.

Навистина, и претходните обиди за подигнување на еколошката свест не направија да исчезнат најлон-ќесињата од македонската животна средина, туку само ја подигнаа „казнената тарифа“ за оние што ќе заборават да си понесат платнена торба за пазарење. Но, секако, од некаде треба да се започне со европските вредности дома, како план Б, кога веќе ЕУ постојано наоѓа изговори за активирање на планот А за Македонија, т.е. да ги исполни своите ветувања за почеток на преговорите за полноправно членство, со оглед на одамна исполнетите критериуми. Па, нека биде тоа и со параван од најлон-ќесиња и можност за 15 денари македонските граѓани да станат (не)полноправни Европејци.
Патот до вредностите на ЕУ од А-категорија за Македонија веќе втора година е попречен од Бугарија, што упатените во процесите и политиките на Унијата, отворено го толкуваат како продолжување на континуитетот на дведецениската блокада на Грција. Истовремено, однесувањето на Бугарија, како и претходно на Грција, од евроаналитичарите се оценува како совршен изговор на Унијата за одмор од „заморот од проширување“ и исполнување на своите ветувања како за Македонија, така и за целиот Западен Балкан. Во меѓувреме, Бугарија ја користи таквата „потреба за одмор“ на ЕУ, за да издејствува остварување на своите „историско-романтичарско асимилаторски“ соништа поврзани со Македонија, што таму сметаат дека им се ветени (но никогаш исполнети) уште во 19 век. Секако, Македонија и Македонците во 19 век не биле консултирани дали воопшто сакаат да бидат предмет на желбата во бугарските соништа, па и современите бугарски политичари сметаат дека реално постојните принципи на правото на самоопределување и себеименување на народите, содржано во Повелбата на ОН и во основачките документи на ЕУ, не треба да бидат пречка за остварување на бугарскиот национален сон. Дури и во Европскиот парламент, бугарските европратеници ги прекоруваат и им се лутат на колегите пратеници од другите земји-членки на ЕУ кога зборуваат за македонско малцинство во Бугарија. Револтирано реагираат дека тоа за Бугарија се „теми што немаат врска со реалноста“. Својата позиција на земја-членка во ЕУ ја злоупотребуваат да ги забошотат до можен заборав одлуките на европските институции, како Европскиот суд за човекови права, т.е. да не ги спроведат 17-те пресуди на овој суд во корист на организациите со македонски етнички предзнак во Бугарија.

Во налетот на својата асимилаторска кампања насочена спрема македонската национална самосвест и реално постоење, бугарската политика дури настојува таквите свои позиции да ги наметне како заедничка европска вредност во преговарачката рамка за Македонија.
Европските политички аналитичари во овој период пред одржувањето на самитот на ЕУ под претседателство на Словенија, за десетина дена, пренесуваат сигнали од Брисел дека Унијата е свесна за тоа дека Македонија нема како да попушти на суштински план пред барањата на Бугарија и за надминување на ветото во ЕУ. Меѓутоа, наведуваат дека ќе треба некаков симболичен компромис или механизам за Софија да го спаси својот углед. А, за таква промена е потребен пријателски совет од ЕУ-земјите до Бугарија дека можеби треба да ги има на ум сите домашни проблеми и да преговара начин за излез од овој спор. Но засега не гледаат сигнали што можат да ги поткрепат некакви верувања дека ќе се случи деблокирање на ветото во декември. Сепак, со дипломатскиот манир на подгревање надежи, оставаат простор за „чуда“, со реториката дека ништо не е невозможно и ќе зависи од сигналите на што се случува зад кулисите со (во) Бугарија.
Чекајќи ги сигналите од ЕУ, Македонија и македонските граѓани треба да излезат накрај со внатрешните политички превирања во земјата, кои исто така се одвиваат под изговорот за побрза европска интеграција, да се справат реално со егзистенцијалната, здравствената, енергетската… и сите кризи што им се најавуваат. И да вежбаат европски вредности со перење ќесиња!