Важноста на континуитетот

Во ракометот во Македонија, како ретко кога, е важен континуитетот. Но не само во настапите на големите натпреварувања, туку уште повеќе во базата, која придонесе во играњето во континуитет на големите натпреварувања. Генерално, за спортскиот сон да продолжува да станува реалност треба многу посветена работа, без застој, без компромис. И можеби најважно – секогаш мора да се има највисока цел пред себе за да се биде конкурентен, нешто што, пак, се потпира на продукцијата, а таа секогаш носи напредок

Со успехот на одбојкарската репрезентација на Македонија во почетокот на годинава, со пласманот на своето второ европско првенство, по што таа треба да настапи на континенталниот собир годинава, во 2021 година Македонија ќе има, засега, три селекции на големата меѓународна сцена.
Од претходно фудбалерите првпат во својата историја се пласираа на Европското првенство, што треба да се игра во јуни и во јули, а ракометарите штотуку го заокружија својот седми настап на светските првенства, 13-ти вкупно на големите натпреварувања заедно со европските шампионати, и 15-ти кога на тоа ќе се додадат и два квалификациски турнира за пласман на летни олимписки игри. На ред се уште кошаркарите, кои во февруари треба да ги имаат решавачките натпревари за пласман на ново европско првенство, кое, пак, треба да се игра в година. Вкупно, ова е година како ретко која, во која македонски селекции во три големи екипни спорта ќе настапат на силни континентални или планетарни првенства.
Ракометарите настапија на Светското првенство во Египет, на десеттиот настап во континуитет на мундијалите и на европските првенства, почнувајќи од 2012 година и Европското првенство во Србија. Да не заборавиме, селекцијата, по почетните две победи над Финска дома и над Швајцарија на гости, е на двочекор до пласман и на Европското првенство во 2022 година во Унгарија и во Словачка. Од европските селекции што играат на Светското првенство во Египет континуитет како Македонија од барем 10 настапи во низа на мундијалите и на континенталните првенства имаат Данска, Шпанија, Хрватска, Франција и Германија.

Во ракометот во Македонија, како ретко кога, е важен континуитетот. Но не само во настапите на големите натпреварувања, туку уште повеќе во базата, која придонесе во играњето во континуитет на големите натпреварувања. Младите што ќе стигнат до сениорската репрезентација се само врвот на еден леден брег, само видливиот дел од една стратегија на македонскиот спорт број еден, со која овие ракометари испливуваат на површината. Затоа вниманието треба да биде повеќе на „невидливиот“ дел, затоа што таму почнува сѐ.
Без разлика на пласманот на ова сениорско Светско првенство, некои работи нема да се изменат – потребата за приспособување на условите и следењето на главниот концепт, продукцијата, која е главната определба. Во Македонија најочигледен е примерот токму од ракометот, каде што репрезентацијата одржува високо ниво и постојаност со постојаниот прилив на нови квалитетни играчи, а еден дел од нив, меѓу другото, на пример, претходно во младинска конкуренција беше шести во светот, откако по 10 години пауза една македонска селекција во таа возрасна категорија се пласира на светски шампионат. На Мундијалот во Египет играа и неколкумина што пред една и пол година настапија на кадетското Светско првенство, во 2019 година во Македонија, за играчи до 19 години.

Сега, секако, треба да следува анализа од сите задолжени, по настапот во Египет и, како и секогаш, многу поважно ќе биде како ќе се продолжи понатаму. Ракометот потврдува дека поддршка му треба и во базата, за таа, прво како досега, да продолжи да создава ракометари најмалку за продолжување на успешната сениорска серија и, потоа, да продуцира уште повеќе квалитетни играчи за секоја позиција.
И овој Мундијал, а и Европското првенство в година, ќе поминат брзо. Сите спортски успеси се должат на секојдневна макотрпна работа, со долгорочни цели и стратегија. Секако, пандемијата на коронавирусот значително влијае на спроведување на дел од плановите, но и во ваква ситуација е важно ракометната, воопшто спортската индустрија, да не запира. За да има години како оваа, со толку многу репрезентации на големата меѓународна спортска сцена, оти презентацијата на највисоко ниво секогаш е значајна, од многу аспекти.

Со продукција, клубовите, секако, ќе имаат корист, сениорската репрезентација со тоа добива можност без проблем да го изведува и природниот тек на нештата, смените на генерациите, но без резултатски потрес, на големите собири помладите играчи добиваат и драгоцени жешки минути игра против најсилните, а само со такви тестови, против такви противници, е можен напредок.
Генерално, за спортскиот сон да продолжува да станува реалност треба многу посветена работа, без застој, без компромис. И можеби најважно – секогаш мора да се има највисока цел пред себе за да се биде конкурентен, нешто што, пак, се потпира на продукцијата, а таа секогаш носи напредок. Сите спортски успеси се должат на работа, на постојано докажување.

[email protected]