Бугарското вето на криминални принципи е крах за европската демократија

Па, не може ли демократска Европа да препознае дека ваквите ставови и условувања на Бугарија се директна спротивност на „Договорот за ЕУ“ и на темелните вредности на Унијата предвидени токму во тој фундаментален документ на ЕУ! Бугарија со ветото за Македонија ниту ја брани ЕУ, ниту ги одбранува нејзините членки или предвидените принципи во темелните документи на ЕУ. Напротив, со ветото таа ги прекршува нив, компромитирајќи ги и правно и политички и етички и морално Унијата во целост и нејзините членки поединечно. Бугарското вето на криминални принципи е крах за европската демократија, слобода, самоопределување, уважување, почитување, соработка и стремеж за човекова благосостојба. Тоа не е онаа Европа во која сакаме да членуваме. И нема никаква смисла „оправдувањето“ за консензуалното одлучување и дека Унијата мора да ги запази процедурите и формата?! А содржината? А? Формата, да, во ред, но ако се темели на криминална содржина, како што официјална Софија си ги форматира образложенијата за вето со асимилаторски и хегемонистички аспирации? Тоа ли е таа слободарска Европа?

Вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров со 16 секунди „драмска пауза“ во своето обраќање на Парламентарното собрание на Советот на Европа театрално ги симболизира 16-те години што Македонија ги мина во очекување на сѐ повеќе „фантомскиот“ датум за почеток на преговорите за членство во Европската Унија. Навистина, датумот ја доби таквата „фантомска димензија“ не само поради 16-годишната неизвесност во неговото очекување туку во голема мера и поради неколкукратните спинерски уверувања наменети за македонската јавност дека тој, всушност, е добиен неколку дена по потпишувањето на Преспанскиот договор, токму од вицепремиерот Димитров. Засега, извесно е дека тие симболични 16 секунди драмска пауза во Европскиот парламент на македонскиот вицепремиер за европски прашања успеале да ја испровоцираат само поранешната министерка за надворешни работи на Бугарија, а сега европратеничка, Екатерина Захариева. Во извесна смисла, таквата реакција на бугарската европратеничка, поранешна министерка, може да се толкува дека ефектот на пораката од драмскиот потег на македонскиот евроминистер стигнал на вистинската адреса, до актуелниот блокатор на македонските евроинтеграции – „добрососедска“ Бугарија! Од друга страна, пак, целиот контекст на причините за веќе двегодишниот македонско-бугарски спор, кој има карактер на историско-идентитетски уцени, не остава простор за надеж дека ваквите дипломатски досетки и искричава комуникација ќе создадат амбиент за суштинско поместување на македонската позиција спрема ЕУ.
Изминатите три-четири години од потпишувањето на (добро)соседските договори, во кои продолжи континуитетот на европски вета за почеток на преговорите на Македонија за членство во Унијата, се сосема доволен временски период за да се согледа дека таквата македонска проектирана стратегија за европско пристапување не функционира, не ги дала предвидените и ветените резултати, но и дека партнерите и гарантите на „договорите“ не си го одржале зборот.

Иако со договорите за добрососедство, меѓу другото, е договорена и поддршка на ЕУ-соседите за македонските евроинтеграции, барем со неблокирање на процесот (како нивна речиси единствена обврска во целата асиметрија на овие билатерални документи, поддржани и гарантирани од меѓународната заедница), тие, барем во односите со Бугарија, се претворија во основа за уцена со историско-идентитетски аспирации, со амбиција да се претворат во европски услов преку нивно внесување во преговарачката рамка на ЕУ за Македонија. И не се далеку од тоа. ЕУ ѝ дозволува на своја членка да се служи со криминални уцени, да ги прекршува меѓународното право и темелните вредности на Унијата, со што ЕУ станува директен соучесник при вршењето тешки противправни дејства од меѓународен карактер. Наместо акцелератор на македонското придружување во Унијата, самата ЕУ, а се разбира и Бугарија (обврзана со Договорот за добрососедство), пресметано ѝ ставија нова јамка околу вратот на Македонија и нејзината европерспектива по речиси 25-годишната блокада на Грција. Притоа бугарската страна, без никакви скрупули се заканува со подготвеност за „грчко трпение“ за долготрајно спроведување на истото блокаторско сценарио за Македонија. Своите вековни асимилаторски амбиции спрема Македонија и Македонците, сега спакувани во европска обланда, Бугарија ги доукрасува со врзување панделки за наводни клевети за говор на омраза од страна на Македонија, како и обесправеност и репресија врз „граѓаните со бугарска самосвест“ во македонската држава. Сето тоа е пласирано пред ЕУ со нивното (бугарско-европско) инсистирање на признавање на „бугарските корени на македонскиот јазик и идентитет“?! Па, не може а демократска Европа да не препознае дека ваквите ставови и условувања на Бугарија се директна спротивност на „Договорот за ЕУ“ и на темелните вредности на Унијата, предвидени токму во тој фундаментален документ на ЕУ! Бугарија со ветото за Македонија ниту ја брани ЕУ ниту ги одбранува нејзините членки или предвидените принципи во темелните документи на ЕУ. Напротив, со ветото таа ги прекршува нив, компромитирајќи ги и правно и политички и етички и морално Унијата во целост и нејзините членки поединечно. Бугарското вето на криминални принципи е крах за европската демократија, слобода, самоопределување, уважување, почитување, соработка и стремеж за човекова благосостојба. Тоа не е онаа Европа во која сакаме да членуваме.

И немаат никаква смисла консензуалното одлучување и „оправдувањето“ дека Унијата мора да ги запази процедурите и формата?! А содржината? Формата, да, но ако се темели на криминална содржина, како што официјална Софија си ги форматира образложенијата за вето со асимилаторски и хегемонистички аспирации? Тоа ли е таа слободарска Европа?
А Македонија сѐ повеќе попушта и замижува, на своја штета.
И покрај сите болни именско-идентитетски отстапки, сега се надоврзува и сѐ понагласеното нерасположение на земјите-членки на ЕУ за процесот на проширување. Сѐ почесто, наводно неофицијално, во европските медиуми се пласираат информации дека во земјите-членки на ЕУ веќе нема расположение да се гарантира европската иднина на земјите од Западен Балкан (во кој е сместена и Македонија). Колку тоа подоцна да е демантирано или барем релативизирано, стагнирањето на македонската позиција на европскиот пат во македонската јавност сѐ повеќе ги наметнува размислувањата за преиспитување на целисходноста на соседските договори и потребата за некакво ресетирање на односите со соседите, па и со ЕУ.
Одредени експерти по меѓународно право дури сугерираат и раскинување на соседските договори. Со аргументот дека договорите освен што никако не придонеле за остварување на македонска стратегиска цел – забрзано зачленување во ЕУ, експертите тврдат дека тие дури и ја дерогираат можноста на Македонија да се повикува на принципите и одредбите од меѓународното право, во смисла на правото на самоопределување. Според ова согледување, Македонија практично самата се откажала во односите со Бугарија (и со Грција) пред ЕУ да се повика на универзалните човекови и колективни права од Повелбата на ОН, вградени и во основните принципи на Унијата. Не навлегувајќи во содржината и суштината на договорите, ЕУ се задржува исклучиво на формалниот дел, кој означува дека Македонија со потпишувањето на договорите самата ги прифатила условите, обврските и ситуациите наведени во договорите. Тоа, секако, претпоставува дека евентуалното раскинување на соседските договори нема да предизвика симпатии во ЕУ и остатокот од меѓународната заедница. Но и уцените во барања за историско-идентитетски отстапки се неприфатливи за Македонија и секој исчекор во смисла на компромис со Бугарија во таа насока значи целосна деноминација на македонскиот идентитет и постоење, како во минатото, така и во иднината.

Понатаму, останува неизвесно дали евентуалниот исчекор во смисла на раскинување на Договорот за добрососедство гарантира враќање барем на почетната позиција пред неговото потпишување. Дилемите што се наметнуваат за македонската политика по шеснаесет години пред портите на ЕУ, сведени на 16 секунди драмска пауза, не се едноставни и се чини се стигнати до точката: угоре високо, удолу длабоко! Но, секако, треба да се прифати предизвикот дека мора да се направи нешто, а не да се остави сѐ на туѓите геостратегиски интереси. Но има уште нешто. Има и време и можност ЕУ да почне да ги почитува своите документи. Ако го направи тоа, Македонија нема да има воопшто потреба да презема нешто. Бидејќи правдата и правдината за нас се наоѓаат токму во темелниот документ на Унијата: во Договорот за ЕУ! Само треба Унијата да си го почитува членот 2 од споменатиот договор и да преземе мерки по членот 7 од истиот договор. И ништо повеќе! Но тоа треба да го стори самата.
Ама за ова во некоја идна пригода. Да ѝ дадеме време на европската администрација да си прочита.