Бројчаникот (новчаникот) на СЈО

Објаснувањата дека сѐ било според закон или споредбите дека и пратениците земале слични суми преку патни трошоци се невидена дрскост и навреда за јавноста. Граѓаните најмалку што очекуваат е искоренување и казнување на лошите примери и практики, а не идентификување, барање алиби и правдање со нив. За сите вакви или слични случаи, ако веќе некој сака да се повикува на прописите, тогаш најсоодветна споредба е единствено „законот“ на Среќко Шоиќ

Кој можеше да претпостави дека претставите и театарот во режија на специјалното јавното обвинителство ќе добијат многу поголем публицитет по спуштањето на завесата. Дека вистинскиот заплет всушност почнува откако на обвинителството му закачија табла со ознака „the end“.

За СЈО многу повеќе се зборува сега, кога го нема, отколку во времето на неговата  најголема „слава“, кога го имаше. Разликата е единствено во тоа што тогаш многумина го величаа, фалеа, воспеваа, а сега многумина го критикуваат и кудат. Тогаш беше претставувано како гордост на државата и правосудниот систем, сега се посочува како срам и резил на државата и правосудниот систем. Посрамотена и со наведната глава е дури и меѓународната заедница, која кумуваше при неговото создавање, па сега само молчи и крева раменици.
И сето ова поради исплата на некакви надоместоци и бонуси, од кои се офајдиле многумина, од обвинители, внатрешни и надворешни соработници, па до шофер и семкар.

За нецели четири години да се исплатат околу сто илјади евра, на име бонус на плата, за секој обвинител поединечно и уште стотици илјади евра да им се поделат на други соучесници, соработници, познаници е невиден преседан во историјата на Македонија. Па и пошироко. Намерно го употребувам зборот преседан, а не криминал, зашто, нели, истрагата е во тек. На Запад, на пример, се презема одговорност и за едно незаконски потрошено евро. Француски министер поднесе оставка бидејќи платил приватна вечера со службена картичка, односно со државни пари. Друг европски функционер платил возен билет со службени пари, па потоа мораше да се повлече итн., итн. За жал, кај нас категориите морал, совест, одговорност, правичност не се на нивото на посочените примери. Затоа и не сме во Европа. Во случајот со СЈО можеби помалку е важно дали и колку прописите дозволувале делење астрономски бонуси, зошто и законските одредби може различно да се толкуваат, да не речам штелуваат.

Клучното прашање тука е дали проработела совеста. Што е со моралните вредности, одговорноста кон општеството, прво како граѓани и уште повеќе како високопозиционирани и привилегирани службеници, како што биле оние од СЈО.
Во меѓувреме, објаснувањето од специјалните обвинители испратено анонимно и тајно е дека сѐ било според закон. Сепак, овој нивни закон повеќе личи и потсетува на познатата реплика од филмот „Тесна кожа“, кога Среќко Шоиќ, загрижен за злоупотребите што ги правел, го прашува својот адвокат дали ќе оди во затвор, а овој му вели: „Па, мучкао си, много си мучкао“. „Јесам, али мучкао сам у складу са прописима“, се правда Шоиќ?! (Демек: Си мател, многу си мател. Да, сум мател, но во согласност со законите. Да преведам, да нема недоразбирање, иако оригиналната реплика е вметната единствено поради доловување на автентичноста на дијалогот во филмот.)

Така, и специјалните обвинители и тие околу нив сѐ што измучкале било во согласност со законот?! Па и доделувањето илјадници евра на семкарници! Граѓаните сега нека грицкаат семки и нека се чудат. Инаку, формулата била едноставна и изгледала вака: плата+додаток +додаток +додаток +….
Постоеле неколку вида додатоци и надоместоци по чија основа се слевале парите во нечии џебови. Па, така, имало додаток за посебни услови за работа, па додаток за ризик при работа, додаток за доверливост, додаток на додатокот итн. И, оп, на крајот 150.000 евра екстра-пари на лична сметка. Сѐ по закон?!

Но токму во тоа е клучниот проблем во државата. Постојаното и континуирано сквернавење на прописите, а притоа повикувајќи се дека сѐ е по закон.
Како формата, содржината и суштината за законските акти и правилници намерно да се кројат и моделираат така што ќе можат истите тие полесно да се изиграат и злоупотребат наместо да се применуваат. Еве, најново доаѓаат информации дека еднаш повлечената и поништена амнестија за политичари ќе се реинкарнира и стави повторно во функција за истите тие да се спасат од одговорност. И ова веројатно ќе се подведе под категоријата во согласност со законот?!

Притоа, моралната категорија, човечката димензија, совеста, правичноста и чувството за одговорност пред граѓаните никаде ги нема. Не постојат.
Во случајот со СЈО не ми е јасно каков е тој додаток за доверливост кога потоа „бомби“ поврзани со Македонија одекнуваа од сите страни на светот, преку Ел Чека од САД, Громовникот од Русија, па до јавно емитување на нелегално снимените и прислушувани разговори по плоштади низ државата. Којзнае кој и каде сѐ уште низ државата и светот има вакви доверливи материјали, за чие чување и доверливост на обвинителите им следувале астрономски додатоци. Или можеби бизнисот цветал и на црната берза, па се продавале или давале под рака нечии „бомби“. Истрагата треба и ова да го утврди и расветли.

Во меѓувреме разочарувањето кај граѓаните е огромно. И од СЈО и од судството, генерално. Зошто од специјалните јавни обвинители очекувавме да ги вратат наводно украдените пари во буџетот на државата, а не дополнително да ја празнат државната каса со претурање во свои џебови. Бројчаникот во Македонија никогаш не заврте, но очигледно се полнел само новчаникот на структурите во и околу ова обвинителство.
И сето тоа на штета на граѓаните и јавниот интерес. Во таа насока објаснувањата дека сѐ било според закон или споредбите дека и пратениците земале слични суми преку патни трошоци се невидена дрскост и навреда за јавноста. Граѓаните најмалку што очекуваат е искоренување и казнување на лошите примери и практики, а не идентификување, барање алиби и правдање со нив. Демек, тие земале, ќе земаме и ние?!

За ваквите случаи, ако веќе некој сака да се повикува на закон, најсоодветна споредба е единствено законот на Шоиќ (мучкао сам, али у складу са прописима).
Гледам во јавноста се наметнува и прашањето ќе се вратат ли парите назад во буџетот. Се сомневам. Кој досега во државата вратил што било од однесеното, иако имаше и судски постапки и истраги и револт во јавноста. Обично сѐ се сведува на она „секое чудо за три дена“. Како што пратениците ги вратија астрономските суми за патарини, така и овие ќе ги вратат астрономските бонуси.

Како држава, едноставно немаме среќа со бројчаниците. Или ги нема, се расипуваат и ’рѓосуваат пред и да проработат, или пак вртат, ама во обратна насока. Наместо за враќање пари, нагодени се за земање пари. Да успееше некако државата, сиве изминати години и декади да се справи со грабежот на националното богатство и бездушното празнење на државната каса, не еден, туку веројатно повеќе бројчаници ќе беа потребни да евидентираат колку е однесено. За вратените пари, пак, барем засега не е потребен бројчаник. Доволни се само прстите од една рака. И, секако, добра меморија да се присетите кога било тоа, ако воопшто било.
Но што ни останува друго освен да се надеваме дека еден ден такво нешто сепак ќе се случи. Дека во државата навистина ќе завладеат одговорноста, правдата, моралот и законите. Само не законите на Среќко Шоиќ.

Сосема за крај, пофалби и поддршка за платформата „Отворени финансии“, преку која всушност јавноста дозна за тоа како се трошеле буџетските пари. Тоа покажува дека сепак има надеж, дека ништо не треба да остане скриено и секого ќе го стигне судот на јавноста. Се надеваме и судот на правдата.

[email protected]