Брзи решенија за бавни постапки

Одлуката на УЈП сите граѓани преку Интернет да се пријавуваат на нивната веб-страница и да се регистрираат за да добијат веќе готова пресметка и истата таа да ја проверат, само навидум изгледа како олеснување на постапката. Во ова „брзо“ решение има доста недоследности, кои, напротив, можат уште повеќе да ја искомплицираат процедурата, па дури за граѓаните да донесат дополнителни обврски, наместо олеснување

Најавеното олеснување при пријавувањето на годишните даночни пријави (ГДП) во Управата за јавни приходи за многумина остана „голем товар“. Имено, одлуката на УЈП сите граѓани преку Интернет да се пријавуваат на нивната веб-страница и да се регистрираат за да добијат веќе готова пресметка и истата таа да ја проверат, само навидум изгледа како олеснување на постапката. Во ова „брзо“ решение има доста недоследности, кои, напротив, можат уште повеќе да ја искомплицираат процедурата, па дури за граѓаните да донесат дополнителни обврски, наместо олеснување. Идејата на институцијата е наместо граѓаните сами да пополнуваат и да чекаат долго во колоните за да ги предадат решенијата на шалтерите на УЈП, тие да изработат ГДП што граѓаните ќе ја прегледаат и ќе ја одобрат или ќе укажат на грешки, кои треба да се коригираат.

Но новините што оваа институција ги воведе веднаш предизвикаа полемики во јавноста, а притоа први што реално би се соочиле со проблем се пензионерите.
Имено, со новините што се воведени, сите приматели на плати или на пензии, без притоа да имаат дополнителни приходи, мора да ја потврдат даночната пријава, со што се создаде обврска во УЈП да се пријават и лица што досега не се пријавувале.
Како што посочуваат граѓаните, ова решение се покажа како особено проблематично за пензионерите, бидејќи многумина од нив не се во можност или, пак, немаат доволно познавање за преку Интернет да се пријават или да ја проверат подготвената даночна пријава. По многубројните критики во јавноста, надлежните институции потоа решија дека ќе се направат напори пензионерите да се изземат од обврската да пријавуваат ГДП, иако првично беа сигурни дека со помош на мобилните шалтери на УЈП ќе успеат да ги покријат лицата што не можат сами да се регистрираат во системот.

Но ова не е единствениот проблематичен дел од новината. Имено, според најавите, граѓаните откако ќе се регистрираат, следната година треба да добијат веќе пополнета годишна даночна пријава, која доколку е точно пополнета, односно во согласност со нивните примања, тогаш треба да ја испечатат и да ја однесат повторно во УЈП за потврда дека се согласуваат со неа. Но доколку има грешка, ќе треба коригираната пријава да ја достават во УЈП, па да проверуваат дали истата таа е коригирана, дали се прифатени промените и дали се точни.

Многу е важно пред да се воведува каква било новина од која било институција истата таа добро да се испроба, органите да ја имаат проверено дали функционира како што е замислено и дали таа ќе овозможи олеснување на процедурите или напротив, ќе претставува непотребно комплицирање

Гледајќи ги на овој начин работите, се наметнува заклучокот дека наместо намалување на метежите на шалтерите, ќе се создадат уште поголеми мешаници и турканици и нервози кај граѓаните…
Факт е дека се случуваат грешки, па се доставуваат погрешни даночни решенија, па може да се измешаат податоци и сето тоа да создаде забуни или проблеми за некои граѓани или, пак, за групи граѓани.

Во изминатиов период занаетчиите на пример пријавуваа дека до нив се стигнати погрешни решенија за данок со погрешни податоци, или згрешени имиња, или пак фирмата… Поради ова тие морале да губат од своето време и да исправаат грешки со податоци во надлежните институции.
Тоа секако укажува на опасноста од грешење, која можеби не е толку страшна, но за многумина од граѓаните може да биде, особено за оние што не можат да шетаат по шалтерите и да објаснуваат и да докажуваат каде и колку грешки има во нивната пресметка.

Затоа е многу важно пред да се воведува каква било новина од која било институција истата таа добро да се испроба, органите да ја имаат проверено дали функционира како што е замислено и дали таа ќе овозможи олеснување на процедурите или напротив, ќе претставува непотребно комплицирање.

Многу е битно најавените промени да поминат без дополнителни тешкотии за граѓаните и без дополнителни обврски, бидејќи и вака и така граѓаните немаат доволно време за губење на шалтерите.

Денешните работни обврски одземаат голем дел од денот, така што на луѓето им останува малку време за семејството, па секое дополнително одземено време за стоење во редици и за објаснување со вработените во администрацијата и за исправање грешки се непотребно изгубени време и нерви и создаваат само фрустрации кај граѓаните.

Идејата, нели, беше да им се олесни на граѓаните, а не дополнително да се комплицираат веќе утврдените процедури, кои со помали или со поголеми тешкотии повеќето граѓани веќе ги совладаа.